Скопскиот аквадукт исчистен, најавена негова целосна ревитализација
Во октомври 2016 година во предизборието за предвремените парламентарни избори (11.12.2016), СДСМ ја обвини тогашната власт предводена од ВМРО-ДПМНЕ за уништување и целосна негрижа за скопскиот аквадукт. Тогаш Роберт Алаѓозовски како претседателот на Комисијата за култура на СДСМ, ја даде следната изјава во која вети:
Скопскиот аквадуктот има историско и културно значење за граѓаните на Република Македонија и може да биде вистинска туристичка атракција.
Новата влада предводена од СДСМ ќе го заштити аквадуктот како културно наследство на Скопје.
Комплетно ќе го рехабилитираме оштетениот аквадукт и просторот околу него, ќе ја исчистиме и уредиме реката, а просторот ќе го заштитиме како културен предел.
Аквадуктот и неговата околина ќе ги претвориме во туристички и културен простор за сите граѓани на Македонија, како и за туристите кои го посетуваат главниот град.
[Извор:Веб-страница на СДСМ, датум: 12.12.2017]
ОБРАЗЛОЖЕНИЕ:
Ветувањето на социјалдемократите ( дадено во кампањата пред вонредните парламентарни избори -декември 2016), дека по доаѓањето на власт ќе го исчистат и целосно ќе го рехабилитираат Скопскиот аквадукт е во тек. Просторот околу аквадуктот е исчистен, а како што беше најавено при посетата на објектот (25.02.2018) на премиерот Зоран Заев, министерот за култура Роберт Алаѓозовски, градоначалникот на Град Скопје, Петре Шилегов и градоначалникот на општина Бутел, Велимир Смилевски, во наредниот период ќе има „акција за негова целосна заштита и конзервација’“
Во изјава за медиумите Заев кажа:
Како што гледате, просторот околу овој бесценет историски објект, кој во изминатите години беше претворен во дива депонија, оставен запустен без никаква грижа, сега е целосно исчистен. Оттука па натаму, продолжуваме со интензивна акција, која треба оваа локација да ја претвори во атрактивна дестинација за граѓаните на Скопје, на Македонија, но и за регионалните и светските туристи.
Министерот Алаѓозовски соопшти дека почнува целосна ревитализација на Скопскиота аквадукт и дека за оваа година се обезбедени околу 18 илјади евра за изработка на проект за конзервација на аквадуктот:
По повеќегодишно институционално запоставување, во 2018 година издвоиме 1.100.000 денари за изработка на Проект за конзервација и реставрација на Скопскиот аквадукт. За оваа наша уникатна знаменитост, подготвени сме да вложиме и повеќе за да го спречиме нејзиното пропаѓање и да го заживееме овој прекрасен дел од градот. Први за конзервација се најзагрозените делови на аквадуктот, а понатамошната реконструкција ќе се одвива внимателно и стручно во неколку фази.
Просторот околу Аквадуктот е исчистен, но со оглед на тоа дека реконструкцијата на објкетот е најавена и допрва треба да реализира, ова изборно ветување на СДСМ засега (26.02.2018) добива оценка „во тек“.
Во наредниот период „Вистиномер“ повторно ќе се наврати на ова ветување и ќе провери како се спроведува конзервацијата на Аквадуктот.
ИЗВОРИ:
- Веб-страница на СДСМ (06.10.2016): Аквадуктот што го запуштија, ќе го издигнеме во културна и туристичка атракција! [Пристапено: 26.02.2018]
- Грид.мк (06.10.2016): СДСМ: Скопскиот аквадукт претворен во депонија [Пристапено: 26.02.2018]
- А1 ОН (06.10.2018): (ВИДЕО) Алаѓозовски: Аквадуктот е претворен во депонија за градежен шут [Пристапено: 26.02.2018]
- Тајм.мк (25.02.2018): Скопскиот аквадукт ќе биде реставриран [Пристапено: 26.02.2018]
- А1 ОН (25.02.2018): (ВИДЕО) Заев од Скопскиот аквадукт: Со конкретни акции го штитиме културното наследство на Македонија [Пристапено: 26.02.2018]
- А1 ОН (06.10.2018): (ВИДЕО) Aлаѓозовски: Исчистена депонијата, почнува целосна ревитализација на Скопскиот Аквадукт [Пристапено: 26.02.2018]
Оцени: Оливера Војновска
Сите коментари и забелешки поврзани со овој и другите написи на Вистиномер, барањата за корекции и појаснувања, како и предлозите за проверка на изјавите на политичарите и ветувањата на политичките партии, можете да ги доставите преку овој формулар