Протестите во Грузија не се спонзорирани од Брисел, испровоцирани се од внатрешни недемократски процеси

Протести во Грузија против рускиот Закон за странски агенти, мај 2024 Фото: Zlad!, CC0, via Wikimedia Commons

Демонстрантите во Грузија се загрижени за бројни правни, институционални и административни потези кои ги гледаат како еродирачки за демократските норми – нови закони што го ограничуваат мирното собирање, зголемени казни за протестни активности… Многу од оние што протестираат мислат дека актуелната влада постепено се профилира далеку од ЕУ и НАТО и потпаѓа под влијание на Русија

Демонстрантите во Грузија се загрижени за бројни правни, институционални и административни потези кои ги гледаат како еродирачки за демократските норми – нови закони што го ограничуваат мирното собирање, зголемени казни за протестни активности… Многу од оние што протестираат мислат дека актуелната влада постепено се профилира далеку од ЕУ и НАТО и потпаѓа под влијание на Русија

 

 

Рецензираме објава на социјалната мрежа Фејсбук во која пишува:

Насилни проевропски протести спонзорирани од Брисел се одржуваат во Грузија бидејќи таму не можеа да ги наместат изборите.
Објавува Дејли Романија.

Во склоп на објавата се споделува видеоматеријал од протести кои деновиве (октомври 2025 г.) се одвиваат во Грузија. Но, не е точно дека Брисел ги спонзорирал протестите ниту дека причината за тоа била „оти не можеле да ги наместат изборите“.

Според оценката на шефицата за надворешна политика на ЕУ, Каја Калас и еврокомесарката за проширување, Марта Кос, во Грузија со месеци се одвиваат рации во независните медиуми, се носат непријателски закони кон граѓанското општество, се затвораат дисиденти и активисти, а беше направена и промена на Изборниот законик што ја фаворизира владејачката партија, со што драстично се намали можноста за конкурентни избори. Во заедничката изјава тие наведуваат дека опозицијата во голем дел ги бојкотираше изборите, а излезноста на гласачите беше ниска.

На денот на изборите учесниците во антивладините протести упаднаа во дворот на претседателската палата, но потоа беа сопрени од полицијата. Неколку опозициски партии ги бојкотираа локалните избори, вклучувајќи го и Обединетото национално движење на поранешниот претседател Михаил Саакашвили, кој самиот ги повика своите поддржувачи да излезат на улица.

Во главниот град Тбилиси, десетици илјади луѓе излегоа на улиците во саботата веднаш по гласањето за да протестираат против авторитарното свртување на политиката на владејачката партија Грузиски сон предводена од премиерот Иракли Кобахиѕе.

По парламентарните избори во 2024 година, опозицијата ги прогласи резултатите за наместени. Следуваа месеци на жестоки протести кои беа потиснувани, со обвинувања дека владата на Грузија се приближува кон Русија и носи репресивни закони. Околу 60 луѓе, меѓу кои лидери на опозицијата, новинари и активисти – беа уапсени минатата година. Особено одлуката на владата на Грузија да ги прекине преговорите за влез во Европската Унија во 2024, предизвикаа бран протести кои продолжуваат до денеска. Овие протести се карактеризираат со недоверба во владејачката партија.

Овие протести не ги има спонзорирано Брисел, како што невистинито се тврди во објавата што ја рецензираме, а нивното времетраење не е од последните локални избори туку од поодамна, особено откако по парламентарните избори во 2024 беа прекинати преговорите за влез во ЕУ.

Поддршката за граѓанскиот сектор од ЕУ е добро документирана и легитимна преку програми – за човекови права, владеење на правото и демократијата. Некои невладини организации добиваат финансиска помош од ЕУ, но тоа е нормално во многу држави. Тврдењата од грузиската влада дека некои невладини организации одат подалеку од граѓанското општество и дека поддржуваат масовни демонстрации се некредибилни и не постои независен верификуван извор кој потврдува дека ЕУ јавно или прикриено финансирала протести во смисла да плаќа демонстранти или да ги координира протестите.

Тие се мотивирани од внатрешните актери, самите граѓани и опозицијата кои бараат европски пат за својата држава. Демонстрантите се загрижени за бројни правни, институционални и административни потези кои ги гледаат како еродирачки за демократските норми – нови закони што го ограничуваат мирното собирање, зголемени казни за протестни активности итн. Многу од оние што протестираат мислат дека актуелната влада постепено се профилира далеку од ЕУ и НАТО и потпаѓа под влијание на Русија. Стравот е засилен од одложувањето на разговорите за ЕУ и многу рестриктивни закони. Бидејќи влезот во ЕУ е уставна цел и силен јавен сентимент во Грузија, кој било потег што значи оддалечување од овој пат е контроверзен. 

Следствено, протестите во Грузија имаат континуитет и причини кои не се од доменот „дека не можеле да се наместат изборите“, туку внатрешни и надворешно-политички проблеми, особено за патот на земјата кон ЕУ.

Поради сите горенаведени факти објавата што ја рецензираме ја оценуваме како невистина.

 

 

 

Сите коментари и забелешки поврзани со овој и другите написи на Вистиномер, барањата за корекции и појаснувања, како и предлозите за проверка на изјавите на политичарите и ветувањата на политичките партии, можете да ги доставите преку овој формулар

Оставете реакција