Протестите за задржување на европскиот правец зачинети со антизападна пропаганда

Прешов, Словачка, протести 25.01.2025 Фото: Doko, CC BY 4.0, via Wikimedia Commons

Во повеќе европски држави изминатите месеци се случуваат протести на кои граѓаните бараат од властите задржување на европскиот правец. Но ваквото изразување незадоволство од страна на пропагандата се поврзува со наводни надворешни организатори, сè со цел делегитимирање на протестите. Наративот за „обоени револуции“ негира или минимизира какви било внатрешни причини за граѓанските протести. Организацијата се припишува исклучиво на западните земји, што има за цел да ги продлабочи антизападните чувства во јавноста за да се одржи авторитарната власт. Од друга страна, за пропагандата – „преземање на власта со сила и со надворешна поддршка“, никогаш не се нудат докази

Во повеќе европски држави изминатите месеци се случуваат протести на кои граѓаните бараат од властите задржување на европскиот правец. Но ваквото изразување незадоволство од страна на пропагандата се поврзува со наводни надворешни организатори, сè со цел делегитимирање на протестите. Наративот за „обоени револуции“ негира или минимизира какви било внатрешни причини за граѓанските протести. Организацијата се припишува исклучиво на западните земји, што има за цел да ги продлабочи антизападните чувства во јавноста за да се одржи авторитарната власт. Од друга страна, за пропагандата – „преземање на власта со сила и со надворешна поддршка“, никогаш не се нудат докази

 

Пишува: Мирослава Симоновска

 

Во различни европски држави изминатите месеци се одржуваат протести во кои граѓаните бараат оддалечување на нивните  власти (влади, претседатели) од Кремљ и враќање на европскиот пат.

Меѓутоа, секогаш кога ќе се појави ваков демократски отпор и јасен знак на граѓаните кој е правецот што го сакаат за иднината на нивните деца и држави, се појавува и проруската пропаганда. Секој протест во кој се критикува владата на која било држава за напуштање на европската агенда, е пропратен со лажната квалификација дека е „нарачан од Западот“ или поттикнат од „платеници на обоени револуции“.

Наративот за „обоени револуции“ негира или минимизира какви било внатрешни причини за протестите на граѓаните. Организацијата се припишува исклучиво на западните земји, што има за цел да ги продлабочи антизападните чувства во јавноста за да се одржи авторитарната власт.

 

Што претставуваат обоените револуции?

Најпознатите промени на влади во светот кои се поврзуваат со „обоени/шарени револуции“, се Револуцијата на розите во Грузија од 2003 година, Портокаловата револуција во Украина од 2004 година, Револуцијата на лалињата во 2005 година во Киргистан, „Евромајдан“ во Украина 2014 година. Речиси секој од овие бранови на демонстрации замени автократска влада блиска до Русија, со друга влада поблиска до Западот. Секоја од овие револуции имаше одреден степен на поддршка од западните земји, што се разликуваше од случај до случај. Меѓутоа, внатрешните фактори одиграа клучна улога. Доминантни прашања кои ги поставија демонстрантите се. корупцијата и автократијата, изразената економска нееднаквост, чувството на немање перспектива.

„ЕУ вс Дисинфо“ пишува дека врамувањето на сите протести како да се против интересите на Русија и како „надворешно диригирани шарени револуции“, претставува повторувачки про-Кремљ дезинформациски наратив за кој не се нудат никакви докази.

 

Протести во Словачка под мотото – „Словачка е Европа“

Во Словачка минатата недела над 100 илјади луѓе ги преплавија улиците, во протести под слоганот „Словачка е Европа“. Демонстрациите се насочени против авторитарното владеење на премиерот Роберт Фицо. Откако Фицо наведе дека „имало планови да ескалираат антивладините протести во обид за пуч“, граѓаните излегоа да протестираат во повеќе од 20 градови против владината про-руска политика. Сите собири поминаа во мирна атмосфера, со јасна порака испишана на стотиците транспаренти – „Словачка ѝ припаѓа на Европа“. И пред Нова Година во Братислава имаше протести откако премиерот Фицо отиде во посета на Русија. Словачка, земја НАТО членка од 2002 година и членка на ЕУ од 2004 година сака да остане дел од овие сојузи и владата да престане да ја минира меѓународната позиција на земјата преку воспоставување очигледна блискост со Кремљ.

Во декември кога замина за Москва и да се сретне со Владимир Путин, Фицо ја критикуваше одлуката на Украина да го затвори протокот на руски гас низ нејзината територија кон Европа.

Наместо да се занимава со домашните прашања, Фицо лета низ светот, им се поклонува на диктаторите и ужива во луксузот, рече лидерот на опозицијата Михал Шимечка, мислејќи на неодамнешните патувања на Фицо во Русија и Виетнам.

Но, Фицо возврати на протестите и без докази ја обвини опозицијата дека „е подготвена да ја окупира власта во соработка со странски држави и покрај изборните резултати“.

Организаторите на протестот ја отфрлија оваа приказна, наведувајќи дека единствената закана за државата не се тие, туку мешањето на пријателот на Фицо, Владимир Путин.

Сите го велат тоа. Слушајте го Орбан во Унгарија, Иракли Кобакиџе во Грузија, Србија, сите го користат истиот наратив. Словачка е само една од земјите што се покоруваат на московскиот режим, благодарение на нашиот премиер, изјави за „Дојче Веле“ Маријан Кулич, еден од организаторите на протестот припадник на организацијата „Мир за Украина“.

Најмалку 155 психијатри напишаа отворено писмо до Фицо, во кое го предупредија дека неговото поведение предизвикува поларизација во државата, предизвикува размислување за иселување на граѓаните во странство, дека неговата внатрешна политика примарно е фокусирана на консолидирање на моќта за него самиот, за неговата партија, за неговите коалициски партнери, додека ги запоставува критичните проблеми на Словачка, како лошата инфраструктура, опаѓачкото образование и здравство.

Фицо, на ова писмо имаше вообичаена реакција – им се закани на потписниците дека ќе ги пријави во меѓународни регулаторни тела за психијатрија за наводна злоупотреба на позициите.

Не се сомневам, ни за миг, дека ќе го поддржите опозицискиот обид за „Словачки Мајдан“, кој словачката опозиција со целосна поддршка на странски финансирани невладини организации и антисловачки медиуми, работи макотрпно да го спроведе, напиша Фицо на Фејсбук.

Наспроти неговите „предупредувања“ за насилство, напади врз јавни објекти на институции, од тоа немаше ништо на протестите досега – сите беа мирни. Неговите обвинувања за странски инсценирани протести и критики, резонираат со тие што доаѓаат од Белорусија и тоа директно од Александар Лукашенко.

 

И Вучиќ обвинува дека „Западот сака да направи шарена револуција“

Руските државно финансирани медиуми, побрзаа да ја пренесат изјавата на Александар Вучиќ, претседателот на Србија кој тврди дека протестите на студентите се „обид за шарена револуција од странски актери“. Причините за овие демонстрации на студентите во Србија сепак, се поврзани со нешто внатрешнополитичко, трагичниот настан во кој беа загубени 15 животи, кога падна натстрешницата на железничката станица во Нови Сад. Оттогаш студентите од повеќе универзитети во Србија протестираат. Но за Вучиќ, ова се „инсценирани протести организирани во Белград и во други градови“, а „Западот е вклучен во обидите да инсценира шарена револуција во Србија, со користење на студентите“.

Сè што прават се обиди за обоени револуции. Не се сомневам во тоа. Ова не е проблем, ќе чекаме до последен момент кога ќе мораме да одговориме, кога ќе почнат да блокираат автопатишта. Веќе знаеме кој го прави тоа и зошто. Некои од нив доаѓаат од западни држави каде што ја работеле валканата работа за странски агенти, рече Вучиќ додавајќи дека „имал информации дека странски агенти преку нивни врски, пренеле до студентите повици да блокираат сообраќај на големи крстосници“, а не пропушти да каже и дека „ова е правено под контрола на странски инструктори“.

Но, освен домашни – српски студенти, на протестите кои траат околу 3 месеци, се приклучуваат сè повеќе српски граѓани. На улиците се бара политичка и кривична одговорност на власта после падот на натстрешницата на железничката станица во Нови Сад. Освен студентите и граѓаните, на протестите кои уште траат во Србија, се приклучија и бројни компании.

Претседателот на Србија Александар Вучиќ оцени дека Србија денеска е нападната и одвнатре и однадвор, без да пружи докази кој ја напаѓа. Во претходните обраќања ги обвинуваше западните разузнавачки служби дека стојат зад протестите, но организаторите од редот на студентите го демантираа ова, пишува „Радио Слободна Европа“.

Се бараат „странски актери“ и во протестите во Грузија

На крајот на 2024 година во Грузија се одржаа масовни протести за кои про-Кремљ струите се обидоа да ги поврзат со западни странски актери – неуспешно и без докази. Она што можеше да се види од овие настани е дека граѓаните кои со денови протестираа на улиците на Тбилиси, беа Грузијци, а не странски државјани или „актери“. Тензиите поради кои почнаа овие протести се појавија на крајот на октомври кога партијата Грузиски сон, прогласи победа на изборите кои беа оспорувани.

Видеоматеријали на Ројтерс покажуваат дека демонстрантите носат грузиски и европски знамиња, извикувајќи кон полицијата „руски робови“. Полицијата возвраќа со водени топови и солзавец кон демонстрантите, но и со насилство и тепање од кое не беа поштедени ни новинарите. 

Луѓето, како што може да се види од бројни извештаи на светските медиумски куќи, зборуваат дека имаат аспирации за својата земја различни од оние на грузиската влада. Одговорот од полицијата кон нив е со десетици апсења и претепувања, кои водат и до хоспитализација. Амнести Интернешнал предупреди и дека грузиската влада донесе драконски закони за да ги задуши протестите.

И повеќе од јасно е дека причините за протестите во Грузија се внатрешни. Иако минатата година земјата доби и кандидатски статус за ЕУ, на 28 ноември 2024 година, Владата на Грузија презеде чекор назад што значи оддалечување од Европа и тоа веднаш предизвика огромни протести и гнев од страна на народот во Грузија. Премиерот Иракли Кобахиџе кажа дека Грузија ќе ги суспендира преговорите за пристапување кон ЕУ во времетраење од 4 години, до 2028 година, откако Европскиот парламент одби да ги признае резултатите од изборите, поради наводни нерегуларности.

Тврдењата за странски актери во грузиските демонстрации се непоткрепени. Грузиските масовни демонстрации почнаа уште кога „Грузиски сон“ го протна „законот за странски агенти“, кој бара од сите невладини организации и медиуми финансирани со повеќе од 20 проценти од странство, да се прогласат за „странски агенти“ или да се соочат со високи казни.

Паралелите што се прават меѓу Грузија и „Еуромајдан“ 2014 година во Украина, се базирани на тоа што и таму протестите се случија бидејќи тогашната украинска влада одби да потпише проевропски договор и  се наклони кон Русија. Нема никакви докази за државен удар поттикнат од странски актери, туку стануваше збор за големи демонстрации предизвикани од внатрешно незадоволство на граѓаните од патот што го зазеде Јанукович во тоа време. Повеќе за начините на коишто Русија се обиде да го дискредитира „Евромајдан“ може да прочитате на следниот линк.

 

Најстариот трик во „книгата“ на Кремљ – обвинувања за странски актери во домашни протести

Обвинувањата дека странски актери, поконкретно Западот, САД, ЕУ или поединечни западни држави поттикнувале шарени револуции во други земји, се неосновани и тенденциозни. Овој наратив, според European Security, претставува еден од најстарите трикови во „книгата“ на Кремљ за ширење дезинформации. Во примерот со Грузија, за да се промовира ваквиот наратив дека „протестите биле организирани однадвор и претставувале Мајдан“, во Грузија дури биле креирани  и сетови на документарни филмови насочени кон тоа да се дискредитираат протестите против законот за странски агенти. Овие филмови сугерираа дека „протестите се оркестрирани однадвор“, а дека „противењето на западните сили против овој закон е за да ги скријат своите финансирања на различни групи во Грузија“. И како краен ефект се наведуваше тоа дека „крајната цел е да се урне демократската влада“, што уште се нарекуваше „Евромајдан сценарио“.

ЕУ стана таргет на овие дезинформации, кога високиот претставник Жозеп Борел предупреди дека драфтот на законот не е во согласност со европските стандарди и ќе го компромитира европскиот пат на Грузија.

Во Северна Македонија, Вистиномер повеќе пати го забележа ширењето на дезинформацискиот наратив во кој за различен вид протести, со различни мотиви, причинители и дејства – се обвинуваат Западот и странските актери и се прави паралела со „Евромајдан“ во Украина 2014 година. Сите овие протести потекнуваат од различни временски периоди и не се координирани од „ надворешен – странски фактор“, туку од самите домашни актери. Се работи за кулминација на гнев и реакции на граѓаните поради владините политики кои честопати отстапуваат од европскиот правец. Граѓаните несомнено имаат легитимно демократско право да се собираат и да го изразуваат своето незадоволство кога се разочарани од курсот што го фаќа одредена владејачка структура која ја води државата.

 

 



 

 

 

 

 

 

 

Сите коментари и забелешки поврзани со овој и другите написи на Вистиномер, барањата за корекции и појаснувања, како и предлозите за проверка на изјавите на политичарите и ветувањата на политичките партии, можете да ги доставите преку овој формулар

Оставете реакција