Против Талески се води истрага, а не политичка хајка

Талески се обиде да шутира во офсајд-ситуација. Фото: Мета

 

Градоначалникот на Општина Битола, Владимир Талески, кој денеска (20.07.2016) беше на распит во Специјалното јавно обвинителство (СЈО) како осомничен во случајот „Транспортер“, изјави дека против него се водела политичка хајка иницирана само од една снимка од „бомбите“.

Станува збор за наметната постапка и не може врз основа на една снимка да се прави ваква политичка хајка, изјави битолскиот градоначалник Владимир Талески по излегувањето од Специјалното јавно обвинителство (СЈО) каде денеска беше на распит за случајот „Транспортер“.

Во врска со тендерите за училишниот превоз во Битола, Талески рече дека постапките биле транспарентни и оти тоа ќе го докажат.

[Извор: Мета , Датум: 20.07.2016]

 

ОБРАЗЛОЖЕНИЕ

Оваа изјава на градоначалникот на Битола во која тој обвинува дека против него се води политичка хајка врз основа на само еден прислушуван разговор, е невистинита.

Имено, Талески кој се сомничи за огромна злоупотреба на пари наменети за превоз на учениците во Општина Битола, односно дека за само две учебни години нанел штета од 360.000 евра на Буџетот на Република Македонија,  денеска (20.07.2016) беше на распит во СЈО за случајот „Транспортер“,  којшто СЈО го отвори на 4 април годинава и го води според Законот за јавно обвинителство за гонење на кривични дела поврзани и кои произлегуваат од содржината на незаконското следење на комуникациите и другите законски прописи. Да потсетиме и дека битолскиот градоначалник е во домашен притвор изречен од Основен суд Скопје 1 на 16 јуни годинава, а решението е доставено на 20 јуни, од кога и официјално тече притворот. На 13 јуни годинава, пак,  судија од претходна постапка  му го одзеде пасошот  на Талески.

Битолскиот градоначалник обвинува дека постапката е наметната, дека станува збор за политичка хајка и дека СЈО работи за интересите на опозицијата, а оваа реторика е во склад со јавно упатените пораки и тврдења од владејачката ВМРО-ДПМНЕ, на која припаѓа и Талески. Но, фактот дека скопскиот Кривичен суд и судија во претходна постапка му изрекоа домашен притвор и му го одземаа пасошот, ја декласира неговата изјава, бидејќи станува збор за органи врз кои СЈО нема никакви ингеренции. Тие, пак, се претпоставува дека имале доволно подлога за да ги преземат таквите мерки.

Обидот на Талески да фрли црна дамка врз постапката од „Транспортер“, односно да ги омаловажи доказите, се побива не само од горенаведените факти, туку и од низа постапки кои беа претходно преземени  во врска со случајот на злоупотреба на пари за превоз на ученици во Општина Битола. Така, на пример, после објавувањето на снимката од прислушуваниот разговор меѓу тогашните министри за финансии и за внатрешни работи, Зоран Ставрески и Гордана Јанкулоска, во кој Ставрески вели  дека договорите што ги склучил Талески се „коруптивни“ до даска,  СДСM на 7 април 2015 година  до Основното јавно обвинителство – Битола,  поднесе кривична пријава против него, врз основа на конечниот Извештај на Државниот завод за ревизија за работата на Општина Битола за 2011 година.

При контролата, државниот ревизор утврдил низа неправилности и незаконско постапување на пријавените. Со противзаконското трошење парични средства од Буџетот на Општина Битола, направена е вкупна штета по сите точки од кривичната пријава од 15.299.000,00 денари, рече претседателот на О.О СДСМ Битола и пратеник, Васко Ковачевски.

Значи, и Државниот ревизор, многу пред да биде формирано СЈО, утврдил неправилности и незаконско постапување. Со оваа кривична пријава (може да се види тука најдолу) Талевски се товари за злоупотреба на службената положба и овластување. Пријавата се состои од пет точки, од кои во последната петта точка се изнесени наводи за злоупотребите на транспортот на ученици, што е предмет на истражување на СЈО во рамките на случајот „Транспортер“.

Врз основа на оваа пријава Основното јавно обвинителство во Битола, почнува случај, кој, како што рече обвинителката Фетаи, СЈО го презема.

Всушност, предметот беше преземен од Основното јавно обвинителство Битола, кое исто така имаше отпочнато предистражна постапка и тоа обвинителство веќе имаше издадено наредба за економско вештачење за испитување на работата на општината во спроведувањето на јавни набавки за превозот на ученици, рече обвинителката Фатиме Фетаи на 4 април годинава, објавувајќи дека е отворен случајот „Транспортер“.

Тоа за „Мета“ на 25 јануари годинава го потврдуваат од битолското Јавно обвинителство. Дополнително, СЈО во јануари годинава врши и своја истрага за работењето на Владимир Талески како градоначалник.

Со оглед на тоа дека е отворен предмет врз основа на кривичната пријава од СДСМ во основното Обвинителство во Битола, кој пак, СЈО го презема и отвора постапка во согласност со Законот за Специјално јавно обвинителство, а прибира и дополнителни докази, изјавата на Талески дека станува збор за политичка хајка која е темели само на еден разговор, е невистинита.

 

ИЗВОРИ

 

Сите коментари и забелешки поврзани со овој и другите написи на Вистиномер, барањата за корекции и појаснувања, како и предлозите за проверка на изјавите на политичарите и ветувањата на политичките партии, можете да ги доставите преку овој формулар

Овој напис е изработен во рамките на Проектот за зголемување на отчетноста и одговорноста на политичарите и партиите пред граѓаните, Вистиномер, имплементиран од Метаморфозис. Написот e овозможен со поддршка на американската непрофитна фондација (NED - National Endowment for Democracy) и Балканскиот фонд за демократија, проект на Германскиот Маршалов фонд на САД (BTD – The Balkan Trust for Democracy, a project of the German Marshall Fund of the United States), иницијатива која поддржува демократија, добро владеење и евро-атлантски интеграции во Југо-источна Европа. Содржината на текстот е одговорност на авторот и не ги одразува ставовите на Метаморфозис, National Endowment for Democracy, The Balkan Trust for Democracy, проект на Германскиот Маршалов фонд на САД, или нивните партнери.

Оставете реакција