Првичните сознанија за ламбда сојот се загрижувачки

Корона вирус. Фото: Википедија

Ламбда сојот на корона вирусот се уште не е детектиран во Северна Македонија, но го има и во Британија и во Австрија и во Италија. Првите сознанија иако неревидирани од научната заедница упатуваат на загриженост

Ламбда сојот на корона вирусот се уште не е детектиран во Северна Македонија, но го има и во Британија, и во Австрија, и во Италија. Првите сознанија, иако неревидирани од научната заедница, упатуваат на загриженост

 

Пишува: Мирослава Бурнс

 

 

Во лабораториите на МАНУ и на Институтот за јавно здравје досега не е детектиран ламбда сој на корона вирусот, велат за „Вистиномер“ од Министерството за здравство. Запрашани дали во нашите државни лаборатории постои можност да се детектира и овој сој на ковид-19, тие одговараат потврдно.
Пулмологот во ГОБ 8 Септември, доктор Марјан Баловски, во интервју за ТВ 24, рече дека ламбда сојот е тројна мутација и дека кај и да е, ќе дојде во земјава и дека треба да го очекуваме.
Се работи за тројна мутација. Постои. Кај и да е ќе дојде кај нас. Секој да даде личен допринос и едноставно да ги почитува правилата за да спречиме несакано губење животи, апелираше докторот.
Но, што се знае за овој сој на корона вирусот, го има ли во Европа и како се манифестира кога ќе се заразите со него?

 

 

Се шири во Јужна Америка, но го има и во Северна и во Европа

Најраниот документиран примерок на ламбда мутацијата на корона вирусот е детектирана во Перу, објави Светската здравствена организација. Мутацијата првпат во Перу е забележана на 14 јуни 2021 година.
Оттогаш, варијантата „допатувала“ и во Австрија и во Италија, места каде што има многу иселеници од Македонија. Детектирана е и во Соединетите Американски Држави и во Велика Британија.
Ламбда варијантата е ставена на списокот на „варијанти од интерес“ на Светската здравствена организација. За СЗО варијанта од интерес е секоја мутација на корона вирусот, која предизвикува трансмисија и е позаразна и поразорна. Експертите засега не знааат многу колку загрижувачка е ламбда варијантата, ама знаат дека полесно се пренесува од човек на човек.
Досега нема истражување кое покажува дали вакцините против ковид ќе бидат ефикасни против ламбда. Прелиминарни студии кои уште не се прегледани од медицинската заедница покажуваат дека антителата создадени по вакцина на Фајзер, Модерна и кинеските вакцини, се помалку моќни против ламбда отколку против оригиналниот корона вирус. 

Откако е идентификувана во Перу, ламбда варијантата се шири во Јужна Америка. Последниве четири недели, 50 случаи на ламбда сојот се идентификувани во Чиле. 

Голем дел од населението во Чиле има примено барем една доза од кинеските вакцини кои се доминантно администрирани во оваа земја.

 

 

Откритијата во Јапонија посочуваат на загриженост

Овој сој на вирусот е многу инфективен и порезистентен на вакцините од оригиналниот вирус, кој се појави во Вухан, Кина, открија јапонските истражувачи.

Тие правеле експерименти во лабораторија. Три мутации на спајк протеинот од ламбда корона вирусот со стручно кодно име RSYLTPGD246-253N, 260 L452Q и F490S, предизвикуваат антителата на вакцината да бидат неутрализирани.

Две мутации наречени T76I и L452Q, го прават ламбда сојот да е поинфективен.

Во труд објавен, но уште непрегледан од медицинската заедница, истражувачите предупредуваат дека ламбда ќе биде идна закана.

И водечкиот истражувач, Кеи Сато, од Универзитетот во Токио, верува дека ламбда може да биде закана за општествата, објави Ројтерс.

Според нивните резултати, има парцијална резистентност за неутрализација, но „не е веројатно дека ќе предизвика сериозна загуба на заштитата од инфекција кај вакцинираните“. Сепак, нивната анализа на спајк протеинот на ламбда варијантата на корона вирусот покажува двојно зголемување во инфективноста.

Во САД се потврдени се 843 случаи со ламбда варијантата во 44 држави. До 11 август, пак, имало 8 случаи на инфицирани со овој сој во Велика Британија, сите во Англија. Сите случаи биле поврзани со патување во странство.

Доктор Марија Ван Керкхов од Светската здравствена организација, вели дека СЗО го следи овој сој за да види дали треба да биде класифициран како „варијанта што предизвикува загриженост“.

Ова би се случило ако варијантата демонстрира карактеристики на зголемена преносливост или ако се покаже дека е поразорна и пожестка.

Во С. Македонија постои техничка можност оваа варијанта да биде откриена и да биде секвенционирана во лабораториите во Институтот за јавно здравје и во МАНУ. Но, досега таков случај не е пронајден, а доминантна во земјава останува делта варијантата на корона вирусот.

 

 

 

 

 

 


Овој напис е изработен во рамките на Проектот за брзо справување со вакциналните дезинформации, имплементиран од Фондацијата Метаморфозис. Тој е првично објавен во Вистиномер, а e овозможен со поддршка на Балканскиот фонд за демократија, проект на Германскиот Маршалов фонд на САД (BTD – The Balkan Trust for Democracy, a project of the German Marshall Fund of the United States). Содржината на написот е одговорност на авторот и не секогаш ги одразува ставовите на Метаморфозис, БТД или нивните партнери.

 

 

 

Сите коментари и забелешки поврзани со овој и другите написи на Вистиномер, барањата за корекции и појаснувања, како и предлозите за проверка на изјавите на политичарите и ветувањата на политичките партии, можете да ги доставите преку овој формулар

Оставете реакција