Псевдоисториски тврдења за Баба Ванѓа, Хитлер, Македонија и рускиот поет Владимир Бурич
Објава на Фејсбук нафрла непоткрепени тврдења дека Хитлер се сретнал со Баба Ванѓа, дека потпишал таен декрет за возобновување на државата на Александар Македонски и дека коренот на светската цивилизација е во македонизмот.
Објава на Фејсбук нафрла непоткрепени тврдења дека Хитлер се сретнал со Баба Ванѓа, дека потпишал таен декрет за возобновување на државата на Александар Македонски и дека коренот на светската цивилизација е во македонизмот – како што наводно изјавил рускиот поет Владимир Бурич, па Македонија е наводно клучен фактор за светскиот мир
Рецензираме објава во социјалната мрежа Фејсбук, која, покрај другото, вели:
Добро познат факт е дека кога Хитлер патувал низ Југославија, поминал низ Македонија и ја посетил Баба Ванѓа.
Средбата меѓу Адолф Хитлер и Баба Ванѓа не е „добро познат факт“, туку најобичен мит. Хитлер никогаш не патувал низ некогашна Југославија, а единствен град кого го посетил на тие простори бил Марибор, на 26.4.1941 г. И, Ванѓа била родена во 1911 г., па во времето на Хитлер не била никаква баба – како што ја нарекува објавата. Ванѓа била 22 години помлада од него, a во негово време таа сè уште не била толку позната, па тешко дека го привлекла неговото внимание.
Не е забележано дека Хитлер да ја посетил Македонија, било тоа да е Струмица, кајшто Ванѓа била родена, што во даден момент потпаднала под Југославија, било тоа да е Петричкиот крај во Пиринска Македонија, кај што Ванѓа се преселила во 1942 г., а што е во составот на Бугарија.
Објавата изнесува измислици, кои, всушност, потекнуваат од Русија, а објаснувањето за тоа е следно.
СССР (чиј дел била и Русија) и нему блиската комунистичка Бугарија ја репресирале религијата во полза на науката, а многу луѓе имале духовни потреби и прашања на кои таа не можела да одговори. Меѓу тие луѓе била и Људмила Живкова, ќерката на бугарскиот диктатор Тодор Живков, кој го толерирал нејзиниот интерес за духовното и мистичното, иако тоа не било политички подобно. Токму таа придонела за популаризација на Баба Ванѓа во 1970-тите.
Како замена за религијата, но и заради воени цели, советскиот режим поддржал истражувања околу парапсихологијата (телепатија, хипноза, биоенергетика, психокинеза, психотроника итн.), па кај Русите се развил интерес за тоа, особено кога на преминот меѓу 1980-тите и 90-тите, стегите на режимот биле олабавени. Русите тогаш поподробно се запознале со Баба Ванѓа.
Следела тешка транзиција и распадот на СССР, па Русите барале спас во разни јасновидци, кои ја потиснале науката. Руските таблоиди, а подоцна и сајтови, наголемо пишувале за Баба Ванѓа, па така се раширил митот за нејзината „средба со Хитлер“, но тој можеби датира отпорано.
Во врска со Хитлер објавата го вели и следново:
… во септември 1944 година, Хитлер потпишал таен декрет за обновување на Александровото Македонско Светско Царство. Само малку луѓе знаат за овој декрет што го издал Хитлер во времето кога германските трупи претрпеле големи загуби во Русија и почнале да ја губат војната, и досега никој не знае која била вистинската причина за овој потег на Хитлер!
На 4-5 септември 1944 г. нацистите разговорале со Ванчо Михајлов од ВМРО за создавање на Независна Држава Македонија, слична на Независна Држава Хрватска, кајшто Михајлов тогаш живеел и од кајшто дошол во Скопје за тој состанок. Хитлер не учествувал на состанокот и не потпишал никаков декрет, а Михајлов го сметал мнозинското население во Македонија за етнички бугарско, па тука не се планирало никакво возобновување на државата на Александар Македонски.
Михајлов не бил следбеник на тој антички македонизам, кој не е прифатен ни во светската наука, која споменатото население го смета за словенско, а не за поврзано со античките Македонци.
Сепак, Михајлов не бил за приклучување кон Бугарија, со која си имал проблеми и која дури го осудила на смрт, туку бил за Македонија како „Швајцарија на Балканите“, мултикултурно решение, кое би ги задоволило сите етнички групи и со кое би се спречила нивна сецесија.
Во иницијативата на Третиот Рајх за независна Македонија немало ништо чудно – како што мистифицира објавата. Просто, советските трупи веќе биле на границата на Бугарија, a таа се обидела да го избегне нивниот напад со дистанцирање од Третиот Рајх, па тој ја загубил како сојузничка и прибегнал кон Михајлов. Сепак, тој план за независна Македонија не се остварил.
Објавата говори и за Конференцијата во Јалта (фев. 1945 г.) и Самитот на Малта (дек. 1989 г.), кајшто се осмислувал новиот светски поредок по Втората светска војна, односно Студената војна. Но, објавата жали дека со тоа не бил постигнат траен светски мир. Според неа, нешто недостасувало за тој да се постигне, а тоа била Македонија, која, наводно, е клучен фактор за светскиот мир:
Бидејќи светската цивилизација е длабоко вкоренета во Македонизмот. А без Македонизмот, таа не може да направи ниту чекор напред, освен кон сопственото уништување.
Без да ги омаловажиме цивилизациските дострели на тлото на Македонија како оние од античкиот период или оние на Св. Климент, таа не е центар на светот, колевка на цивилизацијата и клучен фактор за светскиот мир. Цитираната изјава која тоа го тврди му се припишува на рускиот поет Владимир Бурич, кој починал од инфаркт на Струшките вечери во 1994 г. Но, таа наводна изјава на Бурич не ја најдовме ни во еден сериозен руски или друг извор, туку само кај македонскиот автор Чедомир Цветановски.
Тој е основач на проруската партија Родина и на подеднакво опскурниот Центар за немилитаристички стратешки истражувања (ЦЕНЕСИ). Ние имаме богато искуство со такви автори, кои ја шират руската пропаганда, па нивните тврдења мора да се земат со претпазливост.
Сомнително е и тврдењето во објавата дека Бурич бил водечки руски поет и филозоф на втората половина на 20 век, а биографските податоци за него на интернет се скромни (види: тука и тука)
Објавата тврди дека тој учествувал на Самитот на Малта или на разговори меѓу интелектуалци од САД и СССР, кои му претходеле на тој самит – како што тврди Цветановски, но за тоа не најдовме доказ. Во 1989 г. на Бурич само што му излегла првата книга, па прашање е како тој тогаш можел да биде меѓународно признат интелектуалец, па дури да учествува на некакви преговори.
Без никакво разумно објаснување, објавата е илустрирана со псевдонаучни мапи, кои, наводно, докажуваат дека Австралија, всушност, се наоѓа во склоп на Антарктик, а тука има и фотографија (или фотомонтажа) на која патријархот Кирил од Руската православна црква позира со пингвини.
Објавата е мешаница од езотерија, псевдоисторија, псевдогеографија, сомнителни тврдења, проруска пропаганда и апсурди, па најбезбедно е да ја оцениме како генерално невистинита.
Сите коментари и забелешки поврзани со овој и другите написи на Вистиномер, барањата за корекции и појаснувања, како и предлозите за проверка на изјавите на политичарите и ветувањата на политичките партии, можете да ги доставите преку овој формулар