Псевдотекст со непримерен јазик, кој буди стравови од позиции на етноцентризам

04242014-Republika-Pendarov-crop-resize

[Рецензија: Пендаровски на колена молел на Косово]

Кога медиумите би се држеле до етичките и професионалните највисоки стандарди кога се известува за време на изборна кампања, секако нема да имаме голем број „новинарски“ содржини кои наместо непристрасност и избалансираност ги краси партиска боја, па дури и нервоза.

Конкретно, во однос на нашата медиумска реалност предоминантни се медиумски содржини кои целосно го загубиле компасот кој претпочита известувањето од политичките процеси, посебно од изборите да не приклонува кон ниту една страна посебно и да ги применува сите новинарски алатки за извлекување и толкување информации за подеднакво на сите субјекти вклучени во еден новинарски текст (Член 14 од Кодексот на новинарите).

Ништо од тоа не е испочитувано во оваа медиумска содржина. Ја нема дури и ниту неопходната професионална дистанца од политичките субјекти која е исто така препорака на кодексот.

04242014-Republika-PendarovЛинк до оригиналниот напис: Пендаровски на колена молел во Косово

Датум и време на објавување: 24.04.2014, 10:45

Датум на рецензирање: 24.04.2014

Рецензент: Зоран Бојаровски

Наместо професионална дистанца, непристрасност и избалансираност, имаме текст од позиција на етноцентризам, со еднострано толкување на еден политички потег, неиздвоени коментари од новинарскиот извештај со јазик недоличен за еден медиум.

Од далеку е видливо дека авторот на текстот реагира на еден сосема легитимна постапка во политичката битка. Нема ништо некоректно во чекорот што го презел еден од двајцата ривали во претседателската трка, односно во посетата на соседно Косово и во средбата со тамошниот премиер. Но, медиумот дава ваква оценка и коментира:

„Многу нелогичен потег на Пендаровски и лош обид да ги ’купи’ гласовите на Албанците во Македонија“

Дали е навистина нелогичен? Што е логично, а што нелогично во политиката. Тоа не може да се мери од позицијата на противникот. Не е нелегитимно и тоа е важно. Дали е логично и политички профитабилно ќе покажат резултатите од изборите.

За да се оцрни оваа постапка, освен што медиумот ја презема улогата на Пи-аР на една политичка партија, се користи непримерен јазик и се игра на картите на стравови и стереотипи од позиции на етноцентризам. Еве зошто:

„…отиде на баци рака во Косово…“

Како во Косово да владее епидемија на лепра.

Насловот е посебна приказна: тој е крајно навредлив и сугерира потчинетост што воопшто не одговара на фактите, туку служи уште во стартот да ја врами пораката.

Во овој новинарски псевдотекст, простете, но тој не може поинаку да се нарече, доминираат квалификации и коментари спротивни и на членот 13 од кодексот. Еве како изгледа тоа во една реченица:

„Очигледно е дека очајот на СДСМ нема крај, па со крајно недолично однесување се обидуваат да дојдат до гласовите на Албанците“.

Како е ова очигледно? Што е недолично конкретно во оваа постапка на еден кандидат за претседателското место во политичката борба да придобие гласови, доколку не го крши законот и изборните правила? Такво нешто овој текст не констатира. Па тогаш, навистина, што е недолично?

Сите коментари и забелешки поврзани со овој и другите написи на Вистиномер, барањата за корекции и појаснувања, како и предлозите за проверка на изјавите на политичарите и ветувањата на политичките партии, можете да ги доставите преку овој формулар

Оставете реакција