Птичјиот грип во Зоолошката градина злоупотребен за ширење стари теории на заговор
Птичји грип беше утврден кај угината птица во Зоолошката градина. Не станува збор за никаква измислица со цел следење на некакви намерни „сатанистички мерки“ на СЗО. Објавата нуди тврдења без никакви докази. Всушност таа шири добро познати теории на заговор кои Вистиномер веќе ги има дебанкирано
Птичји грип беше утврден кај угината птица во Зоолошката градина. Не станува збор за никаква измислица со цел следење на некакви намерни „сатанистички мерки“ на СЗО. Објавата нуди тврдења без никакви докази. Всушност таа шири добро познати теории на заговор кои Вистиномер веќе ги има дебанкирано
Анализираме објава на Фејсбук која тврди дека во случајот со затворањето на скопската Зоолошка градина не постои никаков птичји грип, односно дека „сатанизирани партии“ ги слушаат наредбите на СЗО.
Нема никаков птичји грип туку имаме сатанизирани партии кои ги слушаат наредбите на СЗО. Тоа уште пред 6 месеци се предвидуваше и укажуваше, пишува во објавата.
Не е точно дека во Зоолошката градина немалло никаков птичји грип. Имено, Агенцијата за храна и ветеринарство на 19 октомври, како што јавија медиумите, информираше дека утврдила присуство на птичји грип во скопската Зоолошка градина кај угината гуска, поради што Зоолошката ќе биде затворена 21 ден.
Резултатот за присуство на птичји грип бил добиен од Факултетот за ветеринарна медицина, по лабораториско тестирање на угината гуска.
Од страна на надлежен официјален ветеринар спроведен е надзор во Зоолошката градина и наредени се мерки за надзор на болеста. Извршено е хумано убивање и нештетно отстранување на следните видови птици: 24 патки, 6 гуски, 5 кокошки и една чавка, која била присутна на локацијата, соопштија од АХВ.
Притоа, не било утврдено присуство на птичји грип кај некој од вработените. Една посетителка на зоолошката побарала да биде тестирана, но и таа испаднала негативна.
Ова не е првпат да се појави птичји грип во Македонија. Првиот случај на болеста птичји грип во нашата држава беше откриен во 2017 година во селото Мороишта на пет километри од Струга. Поради заштита од понатамошно ширење на болеста, во селото беа убиени повеќе од 3.000 кокошки и друга живина.
Сојот H5N1 од птичјиот грип уби стотици милиони птици на светско ниво и се шири и на цицачи, вклучително и крави во САД, а во некои случаи и кај луѓе.
Птичјиот грип е реалност и не станува збор за никаква измислена болест од страна на СЗО, како што тоа сака да го прикаже објавата, ниту пак, постојат „сатанизирани партии“ кои слушаат некакви наредби на СЗО. Не е првпат да се тврди дека СЗО измислува болести и Вистиномер веќе ги има дебанкирано таквите информации.
Што се однесува до делот во објавата кој вели дека уште пред 6 месеци се предвидувало и укажувало дека СЗО ќе измисли нова пандемија и потоа партиите ќе ги следат нејзините наредби, Вистиномер и за тоа има пишувано. Имено, станува збор за меѓународниот договор за пандемија кој го подготви СЗО, а кој ќе помогне да се обезбеди поправедна распределба на здравствените ресурси низ богатите и сиромашните земји, како и да се подобри размената на податоци меѓу нациите.
Теоретичарите на заговор и тогаш ширеа невистини дека СЗО со овој договр ќе го одземе суверенитетот на земјите во случај на гобална пандемија со цел да наметне мерки со кои ќе го ограничи движењето на уѓето и ќе ги контролира, теорија на заговор која се ширеше и за време на пандемијата со коронавирус.
Наративите дека СЗО сака да контролира и да наредува, како и дека подготовката за идна пандемија се сатанизам, не се ништо ново. Оваа лага е повторувана безброј пати во обид да стане вистина. Сатанизмот е група на идеолошки и филозофски верувања базирани на сатаната. Честопати се користи терминот за да се нападнат идеолошките неистомисленици и за да се оцрнат, а не затоа што има вистинитост во тоа дека тие практицираат сатанизам како религиозно уверување.
Наводите во објавата дека нема птичји грип туку има сатанистички партии кои ги слушаат наредбите на СЗО, е конструкција и невистина. Ниту партиите, ниту власта се обврзани да ги слушаат „наредбите на СЗО“. Воспоставената релација меѓу посебните независни држави и СЗО е на начин што тие се членки на СЗО. Како што е објаснето на страницата на Светската здравствена организација, сите држави кои се членови на Обединетите Нации може да станат членови на СЗО преку прифаќање на Уставот на СЗО. Други држави може да се пријават како членки кога нивната апликација ќе биде прифатена од мнозинството на Светското здравствено собрание. Според Уставот на СЗО, целта на СЗО е сите луѓе во светот да достигнат највисоко ниво на здравје. За да ја оствари оваа цел, СЗО како координативно и директивно тело за интернационални здравствени прашања, може да има соработка со ОН, специјализирани агенции, здравствени владини администрации, професионални групи, може да им помага на владите на нивно барање да ги зацврстат нивните здравствени услуги, да пружа техничка помош при катастрофи, како и помош во кризи на барање на владите, да дава на барање на посебните држави статистички епидемиолошки податоци.
Исто така, СЗО според нејзиниот Устав има можност да предлага конвенции, договори и регулативи и да дава препораки кои се однесуваат на меѓународни здравствени прашања.
Земјите членки на СЗО пристапуваат во СЗО доброволно, а не зашто некој им го наметнува тоа. Доказ за тоа е што Лихтенштајн, иако е членка на ОН, не е членка на СЗО.
Од сето погоре можеме да заклучиме дека птичји грип беше утврден кај угината птица во Зоолошката градина. Не станува збор за никаква измислица со цел следење на некакви намерни сатанистички мерки на СЗО. Објавата нуди тврдења без никакви докази. Всушност, таа шири добро познати теории на заговор кои Вистиномер веќе ги има дебанкирано. Поради тоа, оценуваме дека објавата е невистинита.
Сите коментари и забелешки поврзани со овој и другите написи на Вистиномер, барањата за корекции и појаснувања, како и предлозите за проверка на изјавите на политичарите и ветувањата на политичките партии, можете да ги доставите преку овој формулар