Путин ја прекина изградбата на „Јужен тек“, но руски весник за тоа ги обвинува Соединетите Американски Држави

„Софија, под притисок на Соединетите Американски Држави, двапати стави крај на руски проекти – гасоводот „Јужен тек“ со природен гас и нуклеарната централа Белене“.

Политичка карикатура на Предраг Кораксиќ Коракс за Јужниот тек, 3 декември 2014 година

 

Софија, под притисок на Соединетите Американски Држави, двапати стави крај на руски проекти – гасоводот „Јужен тек“ со природен гас и нуклеарната централа Белене.

Извор: Vzglyad Business Newspaper

 

Рускиот бизнис весник Vzglyad на 20 август објави дека: „Софија, под притисок на Соединетите Американски Држави, двапати стави крај на руски проекти – гасоводот со природен гас „Јужен тек“и нуклеарната централа Белене“.

Во август, Polygraph.info го разоткри лажното тврдење дека Бугарија го прекинала проектот за НЦ Белене под притисок од Соединетите Американски Држави. Анализата покажа дека Софија се откажала од изградбата на НЦ Белене, започната во 1981 година, поради високите трошоци, неможноста да привлече голем инвеститор од Западот и неволноста на Русија да ги сподели финансиските ризици кои ги носи проектот, а не поради притисок од САД. Државниот руски извозник „Атомстројекспорт“ ги „надува“ проекциите на трошоците поради што  два критични инвеститори од Западот се повлекоа. Еден од нив, германскиот RWE беше стратешки инвеститор со учество од 49% во нуклеарната централа.

Vzyglad, исто така, тврди дека Софија ја прекинала изградбата на гасоводот со природен гас „Јужен тек“ под притисок на САД.

Ова тврдење е невистинито.

Рускиот претседател Владимир Путин стави крај на проектот по неколкугодишно непочитување на правилата за конкурентност и енергетските регулативи на Европската Унија.

Обвинувајќи ја Бугарија за ставање крај на проектот, Vzyglad само ги повторува зборовите на Путин и на овој начин служи како алатка за ширење на наративот на Кремљ за пропастот на „Јужниот тек“.

 

Мапа на гасоводот со природен „Јужен тек“

Рускиот мега проект

Рускиот државен монопол за природен гас Газпром во 2006 година најави дека планира да гради гасовод под Црното Море од Русија до Бугарија, Србија и Унгарија, а потоа и да го продолжи до Баумгартен Гас Хаб во Австрија. Москва ја искористи кризата во 2009 година со снабдување со гас во Европа преку Украина, кога Газпром престана да испорачува гас среде студената зима за да го оправда проектот.

„Јужен тек“ е дизајниран да ја заобиколи Украина како транзитна земја за рускиот гас, да ја консолидира контролата на Русија  за снабдување со енергија во Југоисточна и Централна Европа, да го поткопа европското законодавство против монопол и енергетика, да ја подели Европската Унија со примамување на некои од нејзините членки со придобивки од гасоводот и да се натпреварува со алтернативните проекти за снабдување со гас како „Јужниот коридор за гас“ од Азербејџан.

Но, проектот наиде на два главни проблема со Европската Унија, која уште од првата криза со снабдувањето со природен гас во 2006  година, исто така, предизвикана од Газпром, работеше на подобрување на својата енергетска безбедност преку спречување на монополите за снабдување со енергија и диверзификација на испораките на гас.

Москва се обиде да го изгради гасоводот спротивно на правилата за конкуренција анти-монополските правила на ЕУ, како и со прекршување на Третиот енергетски пакет усвоен во 2009 година.

Избегнување на правилата на завршување на изградбата поставени од ЕУ

Во своите договори за „Јужен тек“ со одделни земји, Москва се обиде да избегне транспарентност и одговорност пред Европската комисија. Проектот „Јужен тек“ вклучуваше посебни договори со секоја транзит земја кои не беа јавни. Никогаш немало мултилатерален договор или обид за постигнување договор со Европската Унија. Работењето на билатерална основа со индивидуални членки на ЕУ беше начинот на работа што го избра Кремљ, а тоа подоцна беше повторено во проектите за гасовод со природен гас Северен Тек 2 и Турски тек. Во 2013 година, Европската комисија ги утврди овие билатерални зделки како кршење на законите на ЕУ.

Гасоводот „Јужен тек“ беше поделен на одделни делови за секоја земја, со коишто управуваат заеднички влогови меѓу Газпром и националните гасни компании на тие земји. Додека Газпром и Булгаргаз имаа еднакви акции во Јужен тек Бугарија, во Србија, Газпром имаше 51% во заедничкото вложување со Србијагаз. Секое заедничко вложување беше основано без тендер за јавни набавки што би го отворило вложувањето и за други европски компании. Сепак, заедничките вложувања требаше да го финансираат, градат и управуваат делот на гасоводот „Јужен тек“ во секоја земја.

Европската комисија се спротивстави на ваквото однесување и ги повика земјите-учеснички во „Јужен тек“, од кои сите се членки на ЕУ или се дел од Европската енергетска заедница (сега Европската енергетска унија), да ги почитуваат правилата на ЕУ.

Но, на 27 мај 2014 година, Јужен тек Бугарија, заедничкото вложување Газпром-Булгаргас, додели договор за бугарскиот дел од гасоводот на руската компанија Стројтрансгаз Холдинг. Најголем акционер на Стројтрансгаз холдинг (63%) е „Волга груп“, во сопственост на Генадиј Тимченко, кој беше ставен на листата на санкции на САД на 20 март 2014 година. Тимченко е близок пријател на рускиот претседател Владимир Путин и беше рангиран како шестиот најбогат човек во Русија од списанието „Форбс“ во периодот кога беше додаден на листата на САД на лица против кои беа воведени санкции. Неговата  „Волга груп“ и други десет поврзани субјекти, вклучително и „Стројтрансгаз холдинг“, исто така беа санкционирани од Министерството за финансии на САД на 28 април 2014 година.

Очигледно, одлуката за доделување на договор за градба за бугарскиот дел од Јужен тек на рускиот „Строитрансгаз холдинг“ е донесена еден час пред претседателот на Европската комисија, Хозе Мануел Баросо, да се сретне со бугарскиот премиер Пламен Орешарски, за да го предупредат дека ЕУ би наметнала казни на Бугарија, доколку изградбата на гасоводот започне да ги прекршува законите на ЕУ.

По ваквиот развој на настаните, Европската комисија започна прекршочна постапка против Бугарија и ги суспендираше фондовите на ЕУ за земјата. Соочена со значителни потенцијални казни, Бугарија ја прекина изградбата на гасоводот за природен гас „Јужен тек“ на 8 јуни 2014 година за да го доведе во согласност со законите на ЕУ.

Наместо да работи со Софија и Брисел за да се намали проблемот, пет месеци подоцна Путин целосно го сопре проектот и наместо тоа најави изградба на нов гасовод кон Турција.

Руските медиуми прогласија дека проектот „Јужен тек“ е жртва на европските политики.

Мапа на Турски тек

Јужен тек и Третиот енергетски пакет

Проектот за гасоводот „Јужен тек“ претставуваше отелотворување на сето она што ЕУ се обидуваше да спречи да се случи на европскиот пазар на гас со усвојување на Третиот енергетски пакет.

Тој законодавен пакет воведе јасно раздвојување на активностите за производство и снабдување со природен гас од гасната мрежа, како и поефективен регулаторен надзор од страна на независни национални регулатори на енергија и зајакнување на заштитата на потрошувачите.

ЕУ бара разделување на производителите на енергија и добавувачите во мрежните оператори. Газпром сакаше да биде и снабдувач на природен гас и сопственик и оператор на оваа голема транспортна инфраструктура во Европа, со што се создава монопол.

ЕУ бара да се овозможи пристап и зачувување на капацитетите на трети лица добавувачи до сите гасоводи на територијата на ЕУ, вклучително и оние кои доаѓаат од државите кои не се членки на ЕУ. Газпром сакаше да ја задржи својата позиција како единствен снабдувач на гас, останувајќи сопственик на гасоводот и одбиваше да резервира капацитет за кој било друг снабдувач на гас.

Газпром, исто така, сакаше да ја задржи контролата врз утврдувањето на таксите за транзит на гас платени на секоја земја, наместо да дозволи независен национален регулатор да ги регулира тие такси (кои треба да ги покријат само трошоците за одржување и поправка на мрежата).

Монети на евра пред логото на Газпром

Прекин и откажување на Јужен тек

ЕУ непостојано се спротивставуваше на проектот „Јужен тек“ врз основа на Третиот енергетски пакет. Сепак, на крајот, прекршочната постапката на Европската комисија против Бугарија за воспоставување заедничко вложување меѓу „Газпром“ и „Булгаргаз“ и за кршење на правилата за конкуренција на ЕУ се покажа како пресудна. По прекинот на проектот од страна на Бугарија во јуни 2014 година, претседателот Путин целосно го откажа проектот во декември истата година, обвинувајќи ја Софија за неговото пропаѓање.

Во тоа време, стана јасно дека Газпром нема да може да го надмине спротивставувањето на ЕУ за  гасоводот и не сакаше да спроведе драстични измени за да ги почитува законите на ЕУ. Покрај тоа, анти-монополската истрага што Европската комисија ја започна против Гаспром се закануваше дека ќе донесе сериозни казни.

Но, она што е најважно, тоа е фактот што до крајот на 2014 година западните санкции против Русија, поради анексијата на Крим, ги намалија можностите на Москва за пристап до меѓународно финансирање, додека цените на нафтата паѓаа, намалувајќи ги приходите од енергија на Русија. Овие два главни настани беа поголеми причини за откажување на Јужен тек.

Polygraph.info откри дека тврдењето на Vzglyad оти Бугарија стави крај на проектот за гасоводот „Јужен тек“ е неточно. Вистинската причина поради која рускиот претседател го откажа проектот беше неподготвеноста на Москва да води бизнис во Европа според нејзините правила и неможноста да изнајде средства за проектот вреден 40 милијарди американски долари, како резултат на западните санкции наметнати врз Русија како последица од анексијата на Крим во март 2014 година. (polygraph.info ; 03.09.2019)

 

(Напомена: написот е преземен од амерканскиот портал за проверка на факти „Полиграф“, заеднички проект на Гласот на Америка и Радио Слободна Европа со дозвола од редакцијата и во склад со условите за преземање. Оригиналниот напис на англиски јазик можете да го најдете овде.)

 

 

 

Сите коментари и забелешки поврзани со овој и другите написи на Вистиномер, барањата за корекции и појаснувања, како и предлозите за проверка на изјавите на политичарите и ветувањата на политичките партии, можете да ги доставите преку овој формулар

Овој напис е изработен во рамките на Проектот за зголемување на отчетноста и одговорноста на политичарите и партиите пред граѓаните, Вистиномер, имплементиран од Метаморфозис. Написот e овозможен со поддршка на американската непрофитна фондација (NED - National Endowment for Democracy). Содржината на рецензијата е одговорност на авторот и не ги одразува ставовите на Метаморфозис и National Endowment for Democracy или нивните партнери.

Оставете реакција