Путин го отфрла мировниот договор за Украина инициран од Трамп, продолжувајќи со нападите врз цивилите

Графичка илустрација на руската инвазија врз Украина Viewsridge, CC BY-SA 4.0, via Wikimedia Commons

Путин практично го отфрла мировниот процес за Украина, инициран од Трамп, а, претходно, за такво отфрлање тие двајцата неоправдано го обвинуваа Зеленски. Тоа го сфаќа и Трамп, кој веќе губи трпение со Путин, па му се заканува со нови и пожестоки санкции.

Провокативните изјави, кои Путин ги даде при посетата на руската воена подморница Архангелск на 27.3.2025 г., го потврдија она што го објавивме на 19.3.2025 г. – Путин практично го отфрла мировниот процес за Украина, инициран од Трамп, а, претходно, за такво отфрлање тие двајцата неоправдано го обвинуваа Зеленски. Тоа го сфаќа и Трамп, кој веќе губи трпение со Путин, па му се заканува со нови и пожестоки санкции

 

Пишува: Вангел Башевски

 

На 27.3.2025 г. Владимир Путин учествуваше на Меѓународниот арктички форум во Мурманск на северот на Русија, но таа прилика ја искористи и за свечено пуштање во работа на подморницата Перм, вооружена со хиперсонични ракети Циркон, кои можат да се употребат и за нуклеарни напади, а посети и една слична подморница – Архангелск.

Руската амбасада сподели линк до транскрипт од изјавите, кои беа дадени при таа посета, од кои станува јасно дека Путин практично го отфрла мировниот процес за Украина, инициран од Доналд Трамп, иако Путин тоа не го вели експлицитно. Со ова се потврди нашиот напис од 19.3.2025 г., под наслов „Путин го блокира мирот, а не Зеленски и Европејците“, во кој, меѓу другото, пишувавме:

Владимир Путин не даде јасен и дециден одговор. Тој изјави дека, во принцип, тој е за примирје, но дека има некои финеси, кои најпрвин треба да се „испеглаат“. Тоа значи дека неговото прифаќање е условно и со резерви, што Зеленски го толкува како практично отфрлање на мирот, инаку, Русија би го прифатила примирјето без усложнувања.

 

Главно воинствени, а не мировни изјави

Путин разговараше со морнаричките офицери, кои командуваат со подморницата, за конфликтот во Украина и за актуелните мировни преговори, па, меѓу другото, рече:

Ние сме за тоа сите прашања да се решат со мирни средства.

Но, тој повик за мир беше неубедлив и беше само капка в море од воинствени изјави и закани упатени до Украинците, каква што беше следнава:

Јас уште сосема неодамна говорев дека ќе ги притиснеме и има основа да се претпостави дека ќе ги дотепаме.

Шеф на држава, која преговара за мир, не би требало да дава такви изјави, особено не од воена подморница, па јасно е дека Путин не повикува на мир, туку на продолжување на војната до уништување на украинските сили.

Прогнозите беа дека мировниот договор ќе предвидува „замрзнување“ на состојбата на фронтот, при што секоја од страните ќе ги задржи териториите кои реално ги контролира, без да ги бара оние врз кои само претендира, но Русија е против тоа решение. Таа побара териториите врз кои претендира да ѝ бидат дадени „на тацна“, а со оглед дека тоа е нереално, Путин говори за нивно освојување, што го нарекува „ослободување“:

Луганската Народна Република е ослободена 99 отсто, т.е. нејзината територија, а Донечката, Херсонската, Запорошката – повеќе од 70 отсто. Нашите единици, нашите момчиња, одат напред и ослободуваат територии една по друга.

Проблемот е во тоа што Путин анектираше четири украински области, но без да ги заземе во целост, па таа анексија му е во голема мера само на хартија. Тој не го зазеде Запорожје, кого по устав и закон го води како „град во Русија“, што важи и за Славјанск и Краматорск, но и за Херсон, кого го зазеде, но набргу го загуби. Желбата на Путин тие области докрај да се освојат никако не помага за мировниот процес, кој бара компромиси, но Путин истите не сака да ги направи.

 

Оспорување на легитимноста на Зеленски и барање за привремена управа

Путин ја оспорува легитимноста на Володимир Зеленски, укажувајќи на тоа дека во Украина долго не се спроведени избори, но согласно чл. 11, став 3 од Законот за воена состојба на Украина, мандатот на претседателот се продолжува, а согласно чл. 19, став 1, избори притоа не се одржуваат, па Зеленски е легитимен претседател. Со ова барање на оправдание за да не потпише мировен договор со Зеленски, Путин покажува дека не сака да потпише ништо, а доказ за тоа е и овој негов предлог, кој е потполно апсурден, а според кој под покровителство на ООН би требало:

… да се разгледа можност за воведување во Украина на привремена управа. А, зошто? За да се спроведат демократски избори и за на власт да се донесе деловноспособна влада, која има доверба среде народот и потоа со неа да се почнат преговори за мировен договор, да се потпишуваат легитимни документи.

Ова повеќе личи на зајадлива шега (со интернетски речник: trolling), отколку на сериозен предлог за постигнување мир. Путин тука се однесува небаре Украина капитулирала, па сега се одлучува за нејзиното идно устројство. Но, Путин не ја победи Украина, затоа што тој не ја оствари зацртаната цел за т.н. денацификација, под што подразбираше заземање на Киев и соборување и лустрација на тамошната власт, која лажно ја опишува како „нацистичка“.

Зеленски има еврејско потекло и не може да биде нацист, а Украина го забрани нацизмот со закон, донесен на 9.4.2015 г. Украина е демократска држава, за разлика од Русија, каде што Путин авторитарно владее дури 26 години и каде што повеќето влијателни опозиционерски противкандидати на Путин се убиени.

Во Украина има одреден број неонацисти, но тие се маргинализирани. Тие се истакнуваа во хаотичниот период во 2014 г., што подоцна беше ставен под контрола и за што веќе сме пишувале. И, иронично, во агресијата врз Украина учествуваат руски неонацисти како Алексеј Миљчаков со одредот Русич.

Путин сега сака да ја оствари зацртаната цел, така што преку Трамп, кој му е наклонет, би го притиснал Зеленски да одржи избори, по што на негово место би можел да стапи некој поприфатлив за Путин. Но, САД ја отфрлија идејата за таква привремена управа и веќе го губат трпението со Путин, кому Трамп дури му се закани со нови и пожестоки санкции.

 

Навраќање кон пропаднати мировни договори и закани за Британците

Наместо да се сконцентрира на претстојниот мировен договор, Путин се навраќа на некои дамнешни како Минск 1 (5.9.2014 г.) и Минск 2 (12.2.2015 г.), за чие пропаѓање ги обвинува Украинците и нивните западни партнери, иако Русија и т.н. ДНР и ЛНР ги прекршуваа тие договори.

На офицерите на подморницата, Путин им раскажа и како Русија преговарала за мир во пролетта 2022 г., кога во Истанбул бил постигнат договор со Украинците, но тие наводно го отфрлиле под влијание на Борис Џонсон, иако прво се согласиле со нацртот на тој договор:

Го парафираа, веќе ставија потпис, сè ги задоволуваше во него. Потоа, како што е исто така познато, пристигнаа нивните куратори од Европа, поточно од Велика Британија, бившиот премиер господин Џонсон, кој го убедил украинското раководство во тоа дека нужно е да се продолжи вооружената борба. Ете тој, најверојатно, подзаборавил, дека постојат такви колективи како вашиот, такви средства како вашата подморница. Тој, очигледно, подзаборавил или тие воопшто не разбираат што е тоа рускиот народ, што кај нашите луѓе е во душата и срцето кога е во прашање безбедноста на Татковината.

Овие патриотски тиради на Путин никако не придонесуваат за актуелните мировни преговори, а иако некои украински дипломати се сложиле со понешто од тој нацрт-договор во Истанбул, генерално, тие не сакале да го потпишат, па така и постапиле.

Според Украина, тоа и не бил договор, туку ултиматум со куп барања кои таа морала да ги исполни (да ја скуси војската, да не влезе во НАТО итн.), со што практично ќе капитулирала, по што не би имала заштита од идни руски напади. Гарант за нејзината безбедност, според договорот, би била Русија, што е апсурдно, затоа што таа е агресорот и таа веќе беше гарант со Будимпештанскиот меморандум од 1994 г., кого го прекрши со инвазијата врз Крим во 2014 г.

Дезинформацијата дека Украинците биле спремни да го потпишат договорот во Истанбул во 2022 г., но дека ги разубедил Џонсон, се темели врз изјави на украинскиот преговарач Давид Арахамија, кои биле неточно претставени од руските дезинформатори.

Според нив, Џонсон тоа го сторил при посетата на Киев на 9.4.2022 г., но се заборава дека Русија тогаш веќе беше поразена во битката за градот, што покажа дека таа не е непобедлива и што придонесе за тоа Украинците да кренат раце од договорот во Истанбул.

За тоа придонесе и откривањето на руските воени злосторства и масовните гробници во Буча, Ирпин и други места околу Киев. Цврст доказ за влијание врз Украинците од страна на Џонсон нема. Тој, наводно, само констатирал дека тој договор нема поента, а тие и онака не гореле од желба да го потпишат.

Дури и Џонсон да влијаел врз нив, тоа е веќе историја, а Путин треба да се сконцентрира на актуелните мировни преговори. Но, при гостувањето на подморницата, тој упати закани за Украинците, но и за Британците, кои ги опиша како агресивни кон Русија.

Во реалноста, тие тоа не се, туку тие само предлагаат свои мировници, кои би пазеле на спроведувањето на мировниот договор, но Русија тоа го одбива. На Украина ѝ е битно некој да биде гарант на тој договор, зашто, дури и тој да биде потпишан, Русија може да го прекрши и повторно да нападне. Тоа барање на Украина за безбедносни гаранции е разбирливо, за разлика од руските барања, кои се ирационални.

 

Заклучок

Путин говори за „дотепување“ на украинските сили и отфрла „замрзнување“, европски мировници и договор со „нелегитимното“ украинско раководство, а идејата за 30-дневно примирје ја прифати само делумно – за прекин на нападите во Црното Море и врз енергетската инфраструктура. Но, ниту тоа не го почитува и поставува куп услови, a и самоволно си го толкува, па заклучуваме дека Путин, едноставно, не сака мир. И, што е најлошо, тој продолжува со нападите врз цивилите во Украина, што нималку не му личи на еден миротворец.

 

 

 

 

 

Сите коментари и забелешки поврзани со овој и другите написи на Вистиномер, барањата за корекции и појаснувања, како и предлозите за проверка на изјавите на политичарите и ветувањата на политичките партии, можете да ги доставите преку овој формулар

Оставете реакција