Путин не го вратил Крим каде што му е местото
Според меѓународното право, Крим е украински, што дури и Русија некогаш го признала, а ако таа инсистира на враќање на територии на поранешните сопственици, таа треба да им го врати Калињинград (Кенигсберг) на Германците, Карелија на Финците, Сахалин и Курилите на Јапонците и Владивосток (Хајшењвеј) на Кинезите, а и да им дозволи независност на Чеченците, Јакутите, Бурјатите и ред други народи кои Русија ги поробила.
Според меѓународното право, Крим е украински, што дури и Русија некогаш го признала, а ако таа инсистира на враќање на територии на поранешните сопственици, таа треба да им го врати Калињинград (Кенигсберг) на Германците, Карелија на Финците, Сахалин и Курилите на Јапонците и Владивосток (Хајшењвеј) на Кинезите, а и да им дозволи независност на Чеченците, Јакутите, Бурјатите и ред други народи кои Русија ги поробила
Рецензираме објава од социјалната мрежа Фејсбук, кај што се вели:
Во меѓувреме, Трамп објави фотографија на која се споредува себеси со Никсон, а Путин со Хрушчов.
Но, постои голема една нијанса: Хрушчов ѝ го даде Крим на Украина, а Путин го врати таму каде што му е местото.
Неточно е дека Владимир Путин го вратил Крим каде што му е местото. Но, иронично, оваа проруска објава несвесно признава дека руската анексија на Крим во 2014 г. била одлука на Путин, а не одлука на локалните жители изразена на референдум – како што тврдат руските пропагандисти. Путин, според објавата, го вратил Крим во Русија, а не жителите на полуостровот.
Крим не е исконска руска територија, туку Русија го зазела и го анектирала во 1783 г, па она што го стори Путин во 2014 г. е реокупација, а не праведно враќање или ослободување.
Руската Империја била една од најголемите во историјата и таа завладеала со: Украина, Белорусија, Молдавија, Финска, Балтикот, Кавказот, Закавказје, Централна Азија, дел од Полска, па и Алјаска. Ете така, во даден момент, под империјата потпаднал и Крим.
Дотогаш со полуостровот владеело ханството (царството) на Кримските Татари, претходно Старите Грци, Византија, Скитите, Сарматите, Хазарите, Готите, Венецијанците, Џеновјаните и други култури, а само накусо и само делумно и Словените.
Русија ги покорила Кримските Татари во 1783 г., па ги угнетувала и ги свела на малцинство, за што сведочат и пописите одржани низ годините. Илјадници Кримски Татари биле гонети од Руската во Османлиската Империја, со која имале блискост, па ги има во Турција, Бугарија и Романија.
Кулминација била депортацијата извршена од Советска Русија во мај 1944 г., кога Кримските Татари биле масовно иселени во вагони за добиток во зафрлените делови од СССР како Узбекистан.
Така Русија го претворала Крим во „руски“, а тоа го правела и со доселување на Руси, со менување на топонимите и сл. Денешниот главен град на Крим, Симферопол, порано се викал Акмесџид (Бела Џамија), Севастопол – Акјар (Бел Брег), Евпаторија – Ќозлеве, Феодосија – Кефе итн.
Кримските Татари и предците на денешните Украинци, Запорошките козаци, час војувале меѓу себе, а час соработувале, но кога се соочиле со заедничкиот непријател – рускиот освојувач, таа соработка се зацврстила и трае до ден денес.
По распадот на Руската Империја била создадена независната и краткотрајната Украинска Народна Република (1918-1921), како и Кримската Народна Република (1917-1918) на чело со кримскотатарскиот деец Номан Челебиџихан (1885-1918), па имало идеи за нивно спојување, било во рамките на Украина, било како федерација.
Но, Советска Русија извршила агресија врз тие држави, па во април 1918 г. украинските трупи на Петро Болбочан (1883-1919), во соработка со Кримските Татари, ги изгониле руските болшевици од Крим. Објавата создава впечаток дека Крим немал врска со Украина и дека таа таму немала поддршка, но, евидентно, тоа не е баш точно.
Сепак, Советска Русија на крај победила и инсталирала марионетски режими на заземените територии (Украина, Крим итн.), па сите тие влегле во рамките во Советскиот Сојуз (СССР) во 1922 г.
Крим тогаш спаѓал под Советска Русија, што траело до 1954 г., кога СССР извршил трансфер на полуостровот кон Советска Украина, објаснувајќи го тоа со нивната географска, економска, инфраструктурна и друга поврзаност. Објавата е во право дека на чело на СССР тогаш бил Никита Хрушчов, но таа нема право сета одговорност за трансферот да му ја префрли нему.
Неговиот претходник Јосиф Сталин починал во 1953 г., а Хрушчов не можел за само една година да ја зацврсти својата власт до тој степен да прави што ќе посака. Хрушчов не бил толку моќен и суров диктатор како Сталин и бил полиберален, а власта најпрвин ја делел со премиерот Георгиј Маленков и функционери како: Николај Булганин, Климент Ворошилов, Вјачеслав Молотов и Лазар Каганович. Со СССР во тој момент се раководело поприлично колективно.
Оттаму сфаќаме дека Хрушчов не решавал за сè сам, а со таа дезинформација некои ја шират и онаа дека „тој бил Украинец“, но тој бил етнички Русин од Курската Област на Русија.
Во 2014 г. следеше руската агресија и анексија на Крим, што беше претставено како исправање на историска неправда и негово ослободување, но објаснивме дека тоа не е така.
Ако некој таму трпел неправди, тоа биле Кримските Татари. Тие немаат друга татковина освен Крим, па тие мора да се прашаат за неговата судбина, а тие се за Украина. Таков е ставот на нивните дејци како Рефат Чубаров и нивниот меџлис, што им е нешто како собрание.
Тие го бојкотираа лажниот референдум за одделување на Крим од Украина, организиран од рускиот окупатор и неговите локални помагачи, а тоа го отфрли и ООН со соодветна резолуција.
Тука доаѓаме и до меѓународното право. Порано тоа не било така развиено, па освојувањата биле нормална појава, но човештвото на крај се договорило тоа да се надмине со јасно утврден правен поредок и неповредливост на границите, а исклучок се само екстремни ситуации како геноцид или сл. кога се допушта сецесија. Но, геноцид врз Русите на Крим немаше.
А, ако Русија инсистира на враќање на територии на поранешните сопственици, таа треба да им го врати Калињинград (Кенигсберг) на Германците, Карелија на Финците, Сахалин и Курилските Острови на Јапонците и Владивосток (Хајшењвеј) на Кинезите, а и да им дозволи независност на Чеченците, Јакутите, Бурјатите и ред други народи кои Русија ги поробила.
Но, цивилизираните земји не инсистираат на такви радикални чекори, зашто ревизијата на границите носи нестабилност и конфликт. Секој на светов може да тврди дека е територијално онеправдан и да нуди аргументи за тоа (издржани или неиздржани), па судирите ќе немаат крај и тоа така не смее да биде.
Русија, како т.н. континуатор на СССР, е еден од основачите на ОН, па мора да го почитува меѓународното право. Крим е Украина и како таков е признат од сиот свет, што и самата Русија некогаш го признала.
Што се однесува до делот во објавата околу Доналд Трамп, тој објавил фотографија на која како да му се заканува на Путин со вперен прст, а заедно со неа објавил и друга, од една расправија во 1959 г. меѓу тогашниот потпретседател на САД, Ричард Никсон и веќе споменатиот Хрушчов, на која Никсон исто така заканувачки вперува прст кон соговорникот.
Со тоа Трамп можеби порачува дека не е попустлив кон Русите како што се мисли и дека смело им се спротивставува како Никсон во минатото, т.е. се споредува себеси со Никсон, па тој (воведен) дел од објавата е најверојатно точен. Но, остатокот од неа е сепак невистинит.
Земајќи го сето тоа предвид, генералната оценка е дека објавата е делумно невистинита.

Сите коментари и забелешки поврзани со овој и другите написи на Вистиномер, барањата за корекции и појаснувања, како и предлозите за проверка на изјавите на политичарите и ветувањата на политичките партии, можете да ги доставите преку овој формулар