Путин нема издадено „предупредување“ до Макрон какво што се споделува во објавата

Путин и Макрон во Санкт Петербург, мај 2018 г. Фото:Kremlin.ru, CC BY 4.0, via Wikimedia Commons

Кога Путин би му се обратил на ваков начин на Макрон, тоа би било вест во сите релевантни професионални медиуми, но таква вест не постои во ниту еден светски медиум. За наводното предупредување на Путин до Макрон би имало и видеоматеријал или барем пишана изјава од Путин на страницата на руските официјални институции, што исто така не постои. Путин и Макрон имаат влегувано во вербални „конфронтации“ на тема безбедноста на Европа и војната во Украина, ама Путин во ниту еден наврат не му се обратил на Макрон со зборовите се споделени во објавата што ја рецензираме

Кога Путин би му се обратил на ваков начин на Макрон, тоа би било вест во сите релевантни професионални медиуми, но таква вест не постои во ниту еден светски медиум. За наводното предупредување на Путин до Макрон би имало и видеоматеријал или барем пишана изјава од Путин на страницата на руските официјални институции, што исто така не постои. Путин и Макрон имаат влегувано во вербални „конфронтации“ на тема безбедноста на Европа и војната во Украина, ама Путин во ниту еден наврат не му се обратил на Макрон со зборовите споделени во објавата што ја рецензираме

 

Рецензираме објава на социјалната мрежа Фејсбук во која се споделува наводно „предупредување“ од рускиот претседател Владимир Путин за францускиот претседател Емануел Макрон.

Председателот Путин издаде предупредување на францускиот претседател Макрон.

Ве предупредувам последен пат, и сеуште имате прилика да ја преиспитате својата одлука за испраќање француски трупи во Украина. Оваа одлука од ваша страна може да ја одведе Франција во војна против Русија каква не можете ни да замислите. Ако се одлучите да завојувате со Русија, нема да имате место за маневар. Војната која Франција ја припрема може да ја уништи и зафати цела Европа, а нејзините последици ќе бидат катастрофални не само за францускиот народ туку и за сите европски народи, пишува во објавата.

Станува збор за измислено „предупредување“. Целосната изјава која му е атрибуирана на Владимир Путин не претставува негова изјава. Истата не постои во ниту еден светски медиум. Кога Путин би му се обратил на ваков начин на претседателот на Франција, тоа би претставувала светска вест покриена од сите релевантни професионални медиуми односно од нивните редакции кои ревносно ја следат надворешната политика особено со Украина и Русија бидејќи војната и нејзините последици се од највисоко значење за целиот свет. Неиспровоцираната воена инвазија што Русија ја почна во независна и суверена Украина претставува една од најшироко покриваните теми во медиумите на светско ниво и настан од најголемо геополитичко значење. За наводното предупредување би имало и видеоматеријал или барем пишана изјава од Путин на страницата на руските официјални институции, што исто така не постои. Путин и Макрон имаат влегувано во вербални „конфронтации“ на тема безбедноста на Европа и војната во Украина, ама Путин во ниту еден наврат му се нема обратено на Макрон со зборовите коишто се споделени во објавата што ја рецензираме.

Во контекст на несогласувањата меѓу рускиот и францускиот претседател, тие секогаш се екстензивно покривани од страна на медиумите. Така на 5 март 2025 година Макрон  изјави дека Русија е закана за Европа и рече дека одлучил „да ја отвори стратешката дебата за заштита на европските сојузници на европскиот континент со „нашето (нуклеарно) одвраќање“.

Русија, под претседателот Путин, ги крши нашите граници за да убива противници, манипулира со изборите во Романија и Молдавија, организира сајбер напади врз нашите болници за да го наруши нивното работење, се обидува да манипулира со лаги кои се шират на социјалните мрежи и, во суштина, ги тестира нашите граници, рече Макрон.

Возвратно на ова Путин еден ден подоцна, на 6 март без да го спомене името на Макрон, сепак го адресираше неговото излагање. Тој на 6 март имаше средба со мајките и вдовиците на загинатите војници што беа убиени во руската воена инвазија врз Украина и алудирајќи на Макрон (но без да го спомене неговото име) рече:

Некои луѓе сè уште не можат да седат мирни. Сè уште има луѓе кои сакаат да се вратат во времето на Наполеон, заборавајќи како заврши.

Разговарајќи со мајка на убиен руски војник, Путин ѝ рекол дека „непријателите на Русија го потцениле карактерот на рускиот народ и на претставниците на руската култура воопшто“.

Ден потоа, на 7 март 2025 година, Макрон му возврати на Путин, нарекувајќи го „империјалист кој се обидел да ја препише историјата“.

Кога Макрон најави дека е можно да испрати француски војници во Украина имаше слични бурни реакции од Русија. Тогаш блискиот соработник на Путин и претседател на Државната дума Вјачеслав Володин, на 28 февруари 2024 година, рече дека „Макрон личи дека се гледа себеси како Наполеон“ и го предупреди да не оди по стапките на францускиот император.

За да ја одржи својата лична моќ, Макрон не можеше да смисли ништо подобро од тоа да запали трета светска војна. Неговите иницијативи стануваат опасни за граѓаните на Франција, рече Володин, пренесе Ројтерс.

Поради сите горенаведени факти објавата што ја рецензираме ја оценуваме како невистина. Предупредувањето од Путин кое е составен дел од објавата што ја рецензираме, а наводно упатено до претседателот на Франција Емануел Макрон е измислица. Путин досега се нема обратено до Макрон со гореспоменатите зборови.

 

 

 

 

 

 

Сите коментари и забелешки поврзани со овој и другите написи на Вистиномер, барањата за корекции и појаснувања, како и предлозите за проверка на изјавите на политичарите и ветувањата на политичките партии, можете да ги доставите преку овој формулар

Оставете реакција