Путин претставен како спасител на Украина!

Фото: kremlin.ru

Војната којашто Русија започна пред повеќе од една година однесе илјадници животи, милиони луѓе се раселени, ја потресе глобалната економија и повторно ги отвори поделбите од времето на Студената војна, како што е стравот од нуклеарна војна. Тврдењата дека Путин исправал некакви неправди во Украина дека почнал операција за денацификација, дека спасувал луѓе од геноцид и деца од трговија со органи, дека во Украина имало некаков државен удар спроведен од Сорос и ЦИА, се неточни и имаат за цел само да ја оправдаат руската воена агресија

Војната којашто Русија ја започна пред повеќе од една година однесе илјадници животи, милиони луѓе се раселени, ја потресе глобалната економија и повторно ги отвори поделбите од времето на Студената војна, како што е стравот од нуклеарна војна. Тврдењата дека Путин исправал некакви неправди во Украина дека почнал операција за денацификација, дека спасувал луѓе од геноцид и деца од трговија со органи, дека во Украина имало некаков државен удар спроведен од Сорос и ЦИА, се неточни и имаат за цел само да ја оправдаат руската воена агресија

 

 

Рецензираме пост на Фејсбук кој пренесува дел од изјава на рускиот претседател Владимир Путин, која е крајно манипулативна и невистинита и притоа дава свој осврт на ситуацијата во Украина, изнесувајќи бројни непотврдени работи, како и теории на заговор.

02.04.2023

Путин
Украина беше преземена од нацистите во 2014 година со државен удар, за кој сега знаеме дека е спроведен од Џорџ Сорос/ЦИА кој отворено се фалеше со тоа… Нацистите се инфилтрираа во Украина и без срам ја прикажуваа својата симболика.
Мајк : голема неправда е исправена.
Народот е спасен таму од масакри. Сечачи на вратови.Трговија со деца,органи. Во зграда убиваат со нож во глава случајни жители.
Сите кои не го подржуваат Путин се или неинформирани или лоши продадени души, предани на сатаната.

Во првиот дел од постот е пренесен фрагментот од изјавата на Путин во  која тој вели дека во 2014 година Украина била преземена од нацистите со државен удар кој бил спроведен од Џорџ Сорос/ЦИА, по што нацистите се инфилтрирале во Украина.

Тука очигледно Путин мисли на Евромајдан. Демонстрациите кои започнаа во Киев во ноември 2013 година – наречени „Мајдан“ или „Евромајдан“ – беа резултат на фрустрацијата на украинскиот народ испровоцирана од владеењето на поранешниот претседател Виктор Јанукович (тој беше претседател на Украина од февруари 2010 до февруари 2014 година, по што побегна во Русија, со која тесно соработуваше и додека беше шеф на државата). Барањата на демонстрантите вклучуваа уставни реформи, посилна улога на парламентот, формирање влада на национално единство, крај на корупцијата, предвремени претседателски избори и крај на насилството.

Бранот демонстрации, граѓанска непослушност, бунтови и вооружени судири, започна ноќта на 21 ноeмври 2013 г, кога украинските граѓани започнаа спонтани протести во главниот град Киев. Претходниот ден, 21 ноември 2013 г., украинската влада ги суспендирала подготовките за потпишувањето на Договорот за асоцијација и Договорот за слободна трговија со Европската Унија.

Украинската влада ги промени односите кон Русија откако таа незаконски го анектираше Крим, кој е дел од Украина, преку непризнат референдум, објавен на 27 февруари 2014 година, а одржан под закана со оружје на 16 март 2014 година. ОН го опишаа како невалиден и изјави дека тоа не може да послужи како основа за каква било промена на статусот на полуостровот. За возврат, ЕУ продолжува силно да го осудува ова прекршување на меѓународното право и одговори со воведување рестриктивни мерки против Руската Федерација, пишува EUvsDisinfo, во врска со повторувачкиот про-Кремљ дезинформациски наратив за Евромајдан во Украина во 2014 година, наглаувајќи дека:

Тогаш немаше државен удар, ниту пак, западен оркестриран протест во Украина.

Понатаму, во постот се спомнуваат некакви масакри, сечачи на глави, нацисти.

Не е точно дека во Украина се вршело репресија и геноцид врз руското малцинство, како што се тврди во постот и Вистиномер на оваа тема веќе има пишувано.

Со цел да го оправда својот напад врз Украина, Русија постојано нагласува дека треба да се запре „геноцидот“ врз Русите во Украина, којшто го спроведуваат украинските национални радикали. И рускиот амбасадор во Северна Македонија, Сергеј Баздникин, два дена по нападот на Русија врз Украина, во колумна објавена во весникот „Нова Македонија“, исто како и претседателот Путин, ги користи термините „демилитаризација“ и „денацификација на Украина.

Терминот „геноцид“ е дефиниран со Конвенцијата за геноцид на ОН од 1948 година како „злосторство на намерно истребување на национална, етничка или религиозна група или припадник на раса“. Дури и мисиите на ОБСЕ, кои, со согласност на Москва, редовно вршат истраги во сепаратистичките области, не пронашле никаква основа за наводите за геноцид.

Според податоците на ОН од 2021 година, во конфликтите во источна Украина досега животот го загубиле околу 3.000 цивили. Според извештајот на ОБСЕ, најголем број цивилни жртви биле убиени во артилериски напади.

Употребата на терминот „денацификација“ во конотација со Украина е сосема погрешно, оценува политикологот Андреас Умланд од Стокхолмскиот центар за источноевропски студии (SCEEUS). Тој посочува дека актуелниот претседател на Украина е Евреин кој победил еден неевреин кандидат на последните избори.

Умланд напоменува дека во Украина има десничарски екстремни сили, кои сепак се слаби во споредба со другите европски земји.

На последните избори екстремно десничарскиот Обединет фронт освои само 2,15 отсто од гласовите, посочува Умланд.

На удар на критиките се најде една воена единица со десничарска екстремна позадина, која беше активна на почетокот на конфликтот во Донбас. Но, таа група, според Умланд, е интегрирана во постоечките единици на Националната гарда. Десничарските екстремистички групи се минорна појава во Украина, заклучуваат експертите.

За потсетување, Украина го забрани промовирањето на нацизмот во 2015 година.

Што се однесува до тврдењата во постот дека во Украина имало трговија со деца и органи,  за ваквите тврдења не се понудени никакви докази и истите се дел од една добро позната теорија на заговор.

Не е првпат противниците на Западот да лиферуваат вакви измислени приказни дека западните земји се тие кои ги злоупотребуваат децата, а наводни херои, како Путин или Трамп, ги спасуваат. Вакви приказни се плетеа и сè уште се плетат за поранешниот претсeтедател на САД, Трамп, претставувајќи го како наводен спасител на илјадници деца. Вистиномер има пишувано за овие теории на заговор и очигледно истите се користат со цел да се величи ликот и делото на Путин, без притоа да им се погледне в очи на фактите.

А фактитe говорaт дека не постојат никакви докази дека Путин спасува деца од „трговија со органи“, како што се тврди во објавата што ја анализираме. Ова е апсурдно имајќи предвид и дека токму деца на функционери на Кремљ студираат и живеат во западните земји, за што Вистиномер веќе пишуваше.

Исто така, факт е дека судот во Хаг издаде налог за апсење на Путин поради воени злосторства извршени во Украина. Во соопштението на Меѓународниот кривичен суд се вели дека постојат разумни основи да се верува дека и Путин и неговата комесарка за правата на децата, Марија Алексеевна Лавова-Белова, се одговорни за: воено злосторство, илегална депортација на населението и нелегално преселување на население од окупираните територии на Украина, на штета на украинските деца.

Лавова-Белова, комесарка во Канцеларијата на претседателот на Русија за правата на децата, е санкционирана од повеќето западни земји поради нејзината наводна улога во киднапирањето деца.

Напорите на Лавова-Белова вклучуваат принудно посвојување украински деца во руски семејства, таканаречено „патриотско воспитување“ на украински деца, законски измени за забрзување на доделувањето државјанство на Руската Федерација на украинските деца и намерно земање на украински деца, објави американското Министерство за финансии во септемврипренесе Си-Ен-Ен.

На крај, во постот се тврди дека „сите кои не го подржуваат Путин се или неинформирани или лоши продадени души, предани на сатаната“.  Целта на овој наратив е очигледна, преку манипулација да се оправда руската инвазија на Украина.

Русија  пред повеќе од една години изврши воена инвазија врз Украина и таму секојдневно гинат голем број војници и цивили. На 24 февруари 2022 година Русија започна ракетни напади на локации низ цела Украина, вклучително и главниот град Киев. Руски копнени сили влегоа на украинска територија, по што претседателот на Украина, Володимир Зеленски одговори со воведување воена состојба, прекин на дипломатските односи со Русија и општа мобилизација. Оваа инвазија е најголем воен напад во Европа после Втората светска војна и е предмет на широка меѓународна осуда, како и санкции против Русија.

Украина не ја нападна Русија, туку Русија ја нападна Украина. Следствено Украина има право да се брани, а сојузниците доставуваат воена и парична помош за Украина, како и хуманитарна помош за цивилите и раселените лица.

Дополнително, Европската Унија (ЕУ) основа Центар за судско гонење на руските злосторства на агресија врз Украина (ICPA) – нов трибунал специјализиран за истраги и процесуирање на руските злосторства извршени за време на агресијата врз Украина.

Неговата главна цел, како што објави Европската комисија, е да ги зајакне истрагите за кривичните дела произлезени од агресијата преку обезбедување клучни докази и олеснување на процесот на градење на случаи во рана фаза.

Тврдењето дека „сите кои не го поддржуваат Путин се предадени на сатаната“ е исто така нелогичен.  Кој и како одлучува што е сатана?

Ваквите наративи за „сатаната“ доаѓаат од руската страна во обид да ги оправдаат злосторствата што ги вршат на туѓа територија, како и илјадниците загинати од двете странии, деца останати како сирачиња и милиони раселени лица.

Во ноември минатата година, поранешниот руски претседател Дмитриј Медведев рече дека Москва води света војна против сатаната и предупреди дека Русија е способна да ги испрати своите непријатели во пеколот. Во пораката по повод Денот на националното единство на Русија на 4 ноември, Медведев, сега заменик-претседател на Советот за безбедност на Русија, рече дека задачата на татковината е:

Да го запре врховниот владетел на пеколот, кое и име да го користи – Сатана, Луцифер или Иблис.

Војната којашто Русија започна пред повеќе од една година однесе илјадници животи, милиони луѓе се раселени, ја потресе глобалната економија и повторно ги отвори поделбите од времето на Студената војна, како што е стравот од нуклеарна војна. Тврдењата дека Путин исправал некакви неправди во Украина дека почнал операција за денацификација, дека спасувал луѓе од геноцид и деца од трговија со органи, дека во Украина имало некаков државен удар спроведен од Сорос и ЦИА, се неточни и имаат за цел само да ја оправдаат руската воена агресија. Поради тоа, целиот пост го оценуваме како невистинит.

 

 



 

 

 

Сите коментари и забелешки поврзани со овој и другите написи на Вистиномер, барањата за корекции и појаснувања, како и предлозите за проверка на изјавите на политичарите и ветувањата на политичките партии, можете да ги доставите преку овој формулар

Оставете реакција