Распитот на Јанкулоска во СЈО за опремата за прислушување заврши бргу

Јанкулоска вторпат во СЈО за уништивањето на опремата во УБК. Фото: Мета

Поранешната министерка за внатрешни работи се сомничи за инволвираност во уништувањето на опрема од УБК, за чија набавка, инаку, била задолжена

 

Поранешната министерка за внатрешни работи се сомничи за инволвираност во уништувањето на опрема од УБК, за чија набавка, инаку, била задолжена.

 

На распит во Специјалното јавно обвинителство денеска во 13 часот се појави поранешната министерка на МВР, Гордана Јанкулоска, како повикана да даде исказ за случајот „Тврдина“. Таа излезе само после половина час и на новинарите им кажа дека распитот за случајот во кој се товарат повеќемина, меѓу кои и Јанкулоска, за незаконско уништување опрема во МВР, е откажан, бидејќи не ѝ биле презентирани доказите и документите, кои ги има СЈО, за да знае за што точно ја товарат. Од СЈО веднаш потоа одговорија дека доказите ќе ги дадат на Јанкулоска неделава.

Пред неа, на распит во СЈО дојде и второосомничениот во „Тврдина“, Тони Јакимовски, шеф на кабинет на поранешниот директор на УБК, Сашо Мијалков. Првоосомничен во случајот е поранешниот началник на петтата управа на МВР, Горан Грујовски.

Одговарајќи на новинарско прашање, Јанкулоска уште еднаш изјави дека не се чувствува виновна и дека не сторила некакво кривично дело и во деветте години што ја извршувала  функцијата министер за внатрешни работи работела професионално, согласно законите и Уставот и во корист на граѓаните на државата.

Таа од претседателот на Република Македонија, Ѓорге Иванов, беше аболирана за 13 дела на 12 април годинава, а тие аболиции беа поништени на 27 мај годинава.

Отворањето на случајот „Тврдина“ СЈО го обелодени на 30 март 2016 година. Притоа беше нагласено дека двајца началници на Оддели при Управата за безбедност и контраразузнавање и министерот за внатрешни работи, во првата половина од 2015 година, односно откако почна објавувањето на „бомбите“, со умисла, помогнати од осомничениот началник на една од единиците во Управата, уништиле системи за следење на комуникации, со што нанеле штета на средствата на државата и Буџетот на Република Македонија во износ од 10 милиони евра, односно 615 милиони денари. Тие се товарат за злоупотреба на положбата и фалсификување на исправи, бидејќи, освен ништењето на опремата, целокупната документација за процесот била заведена, како да се случила во 2014, а не во март 2015.

Првиот исказ во СЈО за Тврдина, Јанкулоска го даде на 23 јуни годинава.

Гордана Јанкулоска, како што тврди опозицијата, е еден од најприсутните соговорници во обелоденетите прислушувани разговори. Од кривичните пријави што ги поднесуваше СДСМ, таа е по Миле Јанакиески (13 пријави), и доби вкупно 10 пријави.

Таа си поднесе оставка на 12 мај 2015 година, по силниот притисок на меѓународната заедница, особено на амбасадорите на САД и на најголемите земји-членки на ЕУ и по полициската акција во Куманово, во која загинаа 8 полицајци.

Во контекст на опремата за прислушување, во 15-тата „бомба“, која содржи разговори и СМС-и за набавка на опрема за УБК од Израел, слушаме два разговори на Јанкулоска, првиот со Зоран Ставрески, а потоа и со Сашо Мијалков.

Во првиот од тие разговори, таа на тогашниот колега Ставрески му кажува дека при правењето на ребалансот на буџетот не смее да скрати 850 милиони денари, оти така кажал премиерот.

ГЈ: Јас те разбирам тебе, ама ако не смеам да ги скратам тие кај што има пари, 850 милиони на една ставка.
ЗС: А, зошто да не смееш да ги скратиш?
ГЈ: Епа зошто, нели со премиерот е така договорено.
ЗС: Нема врска, ќе си скратиш, ја ќе му кажам на премиерот скратено е и ова, шо ми е гајле, не можам ја да одам у затвор за некого.

Во вториот разговор, контекстот е истиот, само што во овој разговор за сумата за опремата за прислушување, таа зборува со Мијалков.

ГЈ: Јас ќе..потскратиме негде на друго место, мислам малку ќе шкрбнеме, ама нас уствари ваму ни е фактички единствено каде што има пари нешто реално, со усул да видиш и ти со премиерот, да не биде после МВР шо не сте пратиле…
СМ: Да тоа да го расчистиме оваа година, јуни јули да биде расчистено и више да не го збориме и мислиме тоа…
ГЈ: Не, па затоа сега, да не дојдеме у ситуација сега, ја на Влада да објаснувам, пошто не е знаеш за пред сите. Ако имаш ти ситуација да му кажеш на премиерот таму да не чепкаме..
СМ: Ќе му кажам, ќе му кажам, да…
ГЈ: Мислам од други…
СМ: Не, зпнае он, нема да чепнеме таму…
ГЈ: Абе добро, ама знаеш да не…хехех.. јас пред време да си реагирам, да не се расправаме таму знаеш пред сите…Чисто да ти кажам и ти да знаеш…Таму нели стаивме околу 850 милиони мислам дека беше, евентуално ако сами ние може да предложиме кратење, ама ако знаеме дека нешто е поефтино, или вишок пари имаме, пошто јас се сомневам дека имаме вишок пари …ама..
СМ: Не, не, таму не пипаме, ќе зборам јас и со премиерот, таму нема пипање, тоа треба да се расчисти ..и да го договараме тоа…
ГЈ: Нее, добро, затоа викам, хипотетички ако ти кажеш овде има вишок, нема проблем , иначе да си стои таа ставка…
СМ: Не не, таму има мањак, каков вишок, тоа треба да го затвориме, и готово тука нема кратење..
ГЈ: Затоа ти кажувам, од сегде друго ќе кратиме, ќе пустиме, ќе праиме, толку колку што има…ама главно кај нас масата е таму си знаеме ние…

Обелоденувајќи ги разговорите, претседателот на СДСМ, Зоран Заев, потенцираше дека тие 850 милиони денари се за набавка на опремата од Израел – во 2008 и 2011 година.

Тие 850 што ги споменува Јанкулоска, се 850 милиони денари или безмалку 14.000.000 евра што одат од парите на граѓаните, од Буџетот на Република Македонија, за коишто била договорена, како што сега дознаваме, провизијата на Мијалков со Израелците. Тука е и разговорот на Јанкулоска со Мијалков, што исто така потврдува и дека од тие пари не смее да крати.
…Истовремено, од ова што го слушнавме денеска, станува јасно дека е набавена опрема за прислушување и во 2011 година.

Случајот „Тврдина“ ќе има свое продолжение откако Јанкулоска од СЈО ќе ги добие доказните материјали.

 

Сите коментари и забелешки поврзани со овој и другите написи на Вистиномер, барањата за корекции и појаснувања, како и предлозите за проверка на изјавите на политичарите и ветувањата на политичките партии, можете да ги доставите преку овој формулар

Овој напис е изработен во рамките на Проектот за зголемување на отчетноста и одговорноста на политичарите и партиите пред граѓаните, Вистиномер, имплементиран од Метаморфозис. Написот e овозможен со поддршка на американската непрофитна фондација (NED - National Endowment for Democracy) и Балканскиот фонд за демократија, проект на Германскиот Маршалов фонд на САД (BTD – The Balkan Trust for Democracy, a project of the German Marshall Fund of the United States), иницијатива која поддржува демократија, добро владеење и евро-атлантски интеграции во Југо-источна Европа. Содржината на текстот е одговорност на авторот и не ги одразува ставовите на Метаморфозис, National Endowment for Democracy, The Balkan Trust for Democracy, проект на Германскиот Маршалов фонд на САД, или нивните партнери.

Оставете реакција