Ратајковски: Референдумот за независност на Шкотска е фалсификуван, Би Би Си свесно го сокри тоа!

Одговорниот уредник на МТВ1, Диме Ратајковски  на 02.12.2015 во дебата „Акцент“  изјави:

 Јавниот сервис во круцијални моменти од своето постоење и во круцијалните моменти на постоењето на државата мора да внимава како информира – Зошто? Затоа што ние имаме една единствена улога во државата – Не смееме да дозволиме да дојде до разнебитување на македонското национално ткиво. Ние како јавен сервис сме чувари на тоа.

Па видете ќе ви кажам конкретен пример. Сите се стремиме да дојдеме до нивото на Би Би Си како јавен сервис.

Што се случува? Мене може ме обвинуваат, тебе Горан (Петрески) исто така те обвинуваат како дел од јавниот сервис, па и сите овие уредници (гости во дебатата  „Акцент“), зошто не сме ги пуштале интегрално незаконски прислушуваните материјали.

Видете една работа ќе ви кажам и тоа конкретен пример:

Би  Би Си, никогаш, како јавен сервис во Британија не ги објави незаконските материјали, видео за тоа како се фалсификуваше референдумот за независност на Шкотска. Појдете на ЈуТјуб или на кој било searcher  (пребарувач), напишете  и ќе видите како ливчиња со гласови „YES “ администрацијата британска ги става во „NO“. Тоа е директен фалсификат!

Видео материјалите ги објави цел свет, единствено Би Би Си не ги објави. Затоа што на Би Би Си, како британски јавен сервис не ѝ е во интерес да води политика која што е надвор од државната политика и државните интереси

 

[Извор: МРТ  (од 44,54 до 46,10 минута од видеото Датум: 02.12.2015]

 

Образложение:

Од  ваквата изјава на Ратајковски произлегува дека  референдумот за независнота на Шкотска бил фасификуван.  A ваквиот, наводен,  фалсификат бил прикриен од Би Би Си поради заштита на националните интереси, иако, доказите за референдумската „измама“ биле објавени во целиот свет!

Но, ова негово тврдње е прилично дискутабилно.

Имено, по неуспехот  на референдумот (18.09.2014) главниот промотор на кампањата за независноста на Шкотска, Алекс Салмонд, ги призна поразот и поднесе оставка на функциите премиер и лидер на Шкотската национална партија (СНП)

Салмонд  тогаш ги повика Шкотланѓаните на единство и побара  да ги почитуваат резултатите од референдумското гласање:

„Сега е важно да се каже дека нашиот референдум беше усогласен процес во кој мнозинството Шкотланѓани, овој пат, одлучија да не ја прифатат независноста“  [Пристапено на: 04.12.2015]

 

Видео снимките, пак,  кои  се појавија на ЈуТјуб  ( како онаа на која е прикажана жена која ги брои гласовите и ги префлра гласачките листови маркирани со „ДА“, во купот  на тие што гласале со „НЕ“), можеби будат сомнежи кај дел од публиката, но не може да се третираат како доказ  за референдумска измама.

 

Инаку,  загриженост  за (не)регуларноста на референдумот и  за тоа  дека изјаснувањето,  наводно, не било според меѓународните стандарди, стаса единствено од Русија и тамошните медиуми.  Како што беше тогаш соопштено, неправилностите во гласањето  ги забележале  руски набљудувачи, според кои,  на референдумот имало повеќе  гласови „за“ независност на Шкотска. [Пристапено на: 04.12.2015]

 

Сепак, засегнатата страна,  досега, не ја оспори  валидноста на резултатите од референдумот. Поборниците за независност на Шкотска, не  се посомневаа дека резулатот е лажиран и дека е направен фалсификат на референдумското гласање,  туку обвинија дека  гласачите били изманипулирани од  актуелни и поранешни британски авторитети.

На 21.09.2014 медиумите пренесоа изјава на  Салмонд  во која тој го обвини британскиот премиер, Дејвид Камерон   дека со:

„расфрлањето“ на ветувањата  дека  Шкотска ќе добие повеќе надлежности, ги измамиле Шкотланѓаните да гласаат против независноста . [Пристапено на: 04.12.2015]

 

Според сето ова, може да се  констатира дека изјавата на Ратајковски е невистинита.

 

 

Линкови:

 

Оценето од: Оливера Војновска

Сите коментари и забелешки поврзани со овој и другите написи на Вистиномер, барањата за корекции и појаснувања, како и предлозите за проверка на изјавите на политичарите и ветувањата на политичките партии, можете да ги доставите преку овој формулар

Оставете реакција