Ратко Младиќ не бил миротворец, туку воен злосторник

Фото:UN International Criminal Tribunal for the former Yugoslavia, CC BY 2.0, via Wikimedia Commons

Младиќ држеше цел европски град под 4-годишна опсада – Сараево, изврши масакр во Сребреница и други злосторства и за тоа беше осуден на суд формиран од Советот за безбедност на ООН, а не некаков „суд на САД, ЕУ и НАТО“

Младиќ во едно ТВ интервју се претставил себеси како мирољубив, па некои го користат тоа како „доказ“ дека тој бил „неправедно осуден“ за воени злосторства од страна на „трулиот Запад“. Но, Младиќ држеше цел европски град под 4-годишна опсада – Сараево, изврши масакр во Сребреница и други злосторства и за тоа беше осуден на суд формиран од Советот за безбедност на ООН, а не некаков „суд на САД, ЕУ и НАТО“

 

Рецензираме објава во социјалната мрежа Фејсбук, која вели:

Сте чуле ли некој Американец или НАТОвец-,,миротворец”, или некое Јуропејско говедо од ЕУ кои со години пропагираат војна со Русија во име на ,,мир” да изустат вакво нешто???? И, Младиќ да ни бил ,,балкански касапин”, а тие ,,човекољупци”, ,,демократи” и ,,борци за човекови права”!?!?

Во објавата е споделен и видеоклип од интервју со генералот Ратко Младиќ, кој командуваше со силите на босанските Срби во текот на војната во Босна и Херцеговина (1992 – 1995), кој во клипот вели (преведено од српски):

Војната е ужасна работа. Го кажав тоа и претходно и ќе го кажам повторно. Ако мене ме прашуваат, по искуствата што ги имав во оваа војна, јас не би дозволил војната да се користи дури ни како збор на јазиците на сите народи во светот. А, оружјето е толку ужасен производ на човечкиот ум. Ако зависеше од мене, тоа немаше да биде направено дури ни од пластика како детските играчки.

Клипот е автентичен и тоа е извадок од подолго интервју, а не нешто генерирано со вештачка интелигенција, но, сепак, она што е изречено во клипот е неискрено. Тој клип и текстот изложен во објавата создаваат впечаток дека Младиќ бил миротворец и хуманист, кој мравка не бил згазил, па читателот дури ќе се запраша: па кој тогаш го уби сиот оној народ во Босна ако таа војна ја воделе такви миротворци и хуманисти?

Но, одговорот е мошне едноставен. Објавата шири пропаганда, дезинформации и псевдоисторија, затоа што Младиќ не беше миротворец и хуманист, туку беше правосилно осуден како воен злосторник од страна на Меѓународниот суд за воени злосторства во поранешна Југославија, познат и како Хашкиот трибунал, кого тука го цитираме:

Обвинението против обвинетиот Ратко Младиќ е подигнато на 24 јули и 16 ноември 1995 година. Уапсен е во Србија на 26 мај 2011 година, речиси 16 години по подигнувањето на првите обвиненија. Судењето му почнало на 16 мај 2012 година, а изведувањето на доказите траеше повеќе од четири години. Страните во постапката изнесоа завршни зборови во периодот од 5 до 15 декември 2016 година.

Советот заседаваше во текот на 530 денови на судењето, во текот на кои му беа предочени сведочења на 592 сведоци и речиси 10.000 доказни предмети. Советот, исто така, формално прими на знаење приближно 2.000 факти за кои е пресудено.

На обвинетиот му се судеше по 11 точки на обвинението, за злосторства, кои, според наводите, ги извршил во својство на командант на Главниот штаб на војската на републиката на босанските Срби, позната и под називот ВРС, во периодот од 12 мај 1992 до 30 ноември 1995 година. Обвинетиот се товари во обвинението по две точки за геноцид и по пет точки за злосторства против човечноста, и тоа за прогон, убиство, истребување, депортација и нехумано дело на присилно преместување. Обвинетиот, исто така, во обвинението се товари за четири точки на кршење на законите и обичаите на војување, и тоа за убиство, за насилни дела со примарна цел ширење на терор меѓу цивилното население, противправни напади врз цивили и земање на заложници. Географскиот оквир на обвинението го опфаќа Сараево, Сребреница и 15 општини во Босна и Херцеговина.

Понатаму, таа документација детално говори за тие воени злосторства, по што следи пресудата:

Од причини сумарно изнесени на ова заседание, откако ги разгледа сите факти, докази и аргументи на страните во постапката, земајќи го предвид Статутот и Правилникот, како и на основа на фактичките и правни констатации изнесени со сите поединости во писмената пресуда, Советот утврдува дека Ратко Младиќ:

НЕ Е ВИНОВЕН по точка 1, геноцид; и

ВИНОВЕН Е, како учесник на здружени злосторнички потфати, по следниве точки:

точка 2, геноцид;

точка 3, прогон, злосторство против човечноста;

точка 4, истребување, злосторство против човечноста;

точка 5, убиство, злосторство против човечноста;

точка 6, убиство, кршење на законите и обичаите на војување;

точка 7, депортација, злосторство против човечноста;

точка 8, нехумано дело на присилно преместување, злосторство против човечноста;

точка 9, тероризирање, кршење на законот и обичаите на војување;

точка 10, противправни напади врз цивили, кршење на законите и обичаите на војување;

точка 11, земање на заложници, кршење на законите и обичаите на војување.

На крај, судот ја изрекува и казната:

Заради злосторствата, кои ги извршил, советот го осудува Ратко Младиќ на доживотна казна затвор.

Околу Хашкиот трибунал

Има и такви, кои го оспоруваат тој суд и го опишуваат како „суд на САД, НАТО, ЕУ и трулиот Запад“, што го сугерира и објавата, иако тоа не го вели директно, но тоа нема многу врска со фактите.

Тој суд бил формиран од Советот за безбедност на ОН, а не од страна на САД, ЕУ и НАТО. Советот има 5 постојани и 10 непостојани земји-членки, кои едногласно го поддржале создавањето на судот со гласање за Резолуцијата 827, но во неговото осмислување можеле да учествуваат и сите земји-членки на ООН и тие ги номинирале и изгласувале судиите за тој Хашки трибунал.

Постојани членки на Советот се: САД, Британија, Франција, Русија и Кина, па не е дека само западните земји го создале тој суд. Што е за право, кога тој бил создаден, Русија била попустлива кон Западот, но нему можела да му контрира Кина и дури можела да стави вето, но не ставила.

Еден од судиите во процесот против Младиќ бил од Јужноафриканската Република, а тоа не е САД, ЕУ или НАТО. И, како што видовме од цитатите, Младиќ бил прогласен за невин по една од двете точки за геноцид, па како е тоа можно ако „трулиот Запад“ го „монтирал“ тој судски процес?

Обвинителството упатило жалба за тоа што Младиќ бил прогласен за невин по таа точка, а неговата одбрана упатила своја жалба, од други причини, но и обете жалби биле одбиени, па зошто онаа првонаведената не била прифатена ако „трулиот Запад“ го контролира сето тоа?

Тие жалби ги разгледувал апелационен совет составен од судии од Замбија, Гамбија, Уганда, Мароко и Јамајка, а тоа не е САД, ЕУ или НАТО. Повеќето судии тогаш гласале да се потврди веќе донесената пресуда и да се одбијат и двете жалби. Но, судијката од Замбија барала повторно судење за Младиќ, т.е. да му се даде втора шанса, што ни кажува дека тие судии во Хаг не се така антисрпски настроени како што некоиси замислуваат.

Се разбира, судот не е совршен, па беше критикуван за тоа што некои злосторници се извлекле од него или затоа што процесот на Војислав Шешељ се влечкаше премногу долго, но некој мораше да се занимава со тие злосторства и таков суд мораше да се создаде.

Релативизација

Во коментар под објавата, нејзиниот автор ги релативизира злосторствата на Младиќ, што е честа појава кај таквите пропагандисти. На пример, тие може признаваат дека силите на Младиќ убиле Бошњаци во Сребреница, но ќе речат дека тоа не биле цивили, туку борци, или дека биле цивили, но малкумина, што било премалку за геноцид, или ќе речат дека тоа била оправдана одмазда.

Среде злосторствата наведени во пресудата на Младиќ е и гранатирањето на сараевскиот пазар Маркале, при што загинале повеќе цивили, за што српската страна тврдеше дека тоа била местенка или дека тие трупови биле „кукли“.

Но, дури и да поверуваме во тие теории на заговор дека Сребреница и Маркале не се случиле или дека биле инсценирани, Младиќ и без тоа има доволно злосторства за тешка казна. Неговите сили речиси 4 години држеа под опсада еден цел европски град, Сараево, кого го гаѓаа, разурнуваа и ги убиваа неговите жители.

Сето тоа го гледаше целата светска јавност, но некој тука нè убедува дека Младиќ бил миротворец. Тој бил командант на главниот штаб на српските сили, па невозможно е да не знаел за овие нешта и да нема никаква одговорност за нив.

Заклучок

Најголемиот дел од објавата е невистинит, дезинформаторски и манипулативен, но клипот во неа е автентичен и Младиќ навистина дал таква мировна изјава, иако била неискрена, па објавата ја оценуваме како делумно невистинита.

 

 

Сите коментари и забелешки поврзани со овој и другите написи на Вистиномер, барањата за корекции и појаснувања, како и предлозите за проверка на изјавите на политичарите и ветувањата на политичките партии, можете да ги доставите преку овој формулар

Оставете реакција