Разговорите за мир во Украина доминантна тема поврзана со (дез)информациите

Путин и Трамп се сретнаа на Самитот Г-20 во Хамбург, јули 2017 година Фото: Kremlin.ru, CC BY 4.0, via Wikimedia Commons

Речиси цел месец доминантна тема поврзана со (дез)информациите во медиумите на македонски јазик е можноста за постигнување мир во Украина преку средба меѓу рускиот претседател Владимир Путин и новоизбраниот американски претседател Доналд Трамп. Една од причините за ова се секако предизборните најави на Трамп, дека доколку биде избран за претседател војната ќе ја заврши за еден ден. Сепак, кон средината на месецот тој отстапи од оваа најава, изјавувајќи најпрво дека на одговорните им дал налог да најдат решение во следните 100 дена, како и со заканата за нови санкции кон Русија доколку Путин одбие да учествува во мировни преговори

Речиси цел месец доминантна тема поврзана со (дез)информациите во медиумите на македонски јазик е можноста за постигнување мир во Украина преку средба меѓу рускиот претседател Владимир Путин и новоизбраниот американски претседател Доналд Трамп. Една од причините за ова се секако предизборните најави на Трамп, дека доколку биде избран за претседател војната ќе ја заврши за еден ден. Сепак, кон средината на месецот тој отстапи од оваа најава, изјавувајќи најпрво дека на одговорните им дал налог да најдат решение во следните 100 дена, како и со заканата за нови санкции кон Русија доколку Путин одбие да учествува во мировни преговори

 

Иако до самиот крај на јануари нема ниту една вест макар за телефонски разговор меѓу претседателите на САД и на Русија Доналд Трамп и Владимир Путин, напротив, Москва чекала сигнали, темата за улогата на двајцата во мировниот процес за Украина е доминантна тема при известувањето за надворешно-политичките теми во медиумите на македонски јазик.

По новогодишните празници уште на крајот од првата недела, од Москва стигна сигнал дека Путин бил подготвен за средба, но без предуслови, пренесоа дел од медиумите. Реакцијата од Москва стигна откако самиот Трамп најави средба со Путин.

Тој сака да се сретнеме, а ние се подготвуваме за средбата, рече Трамп на состанокот со републиканските гувернери во неговото одморалиште Мар-а-Лаго во Палм Бич, Флорида.

Претседателот Путин сака да се сретнеме, тоа го кажа дури и јавно, и мораме да ја завршиме таа војна, тоа е крвав хаос.

Трамп никогаш не дал конкретни предлози за прекин на огнот или мировен договор и често ја критикуваше големата воена помош што САД ја испратија до Киев, пренесува еден од медиумите.

Во исто време, беше пренесена и пораката од украинскиот лидер Володимир Зеленски дека Украина сака да стори сè што е во нејзина моќ да заврши војната.

Нашата цел е да добиеме безбедносни гаранции и да ставиме крај на војната оваа година. Ќе направиме се за да биде така“, изјави Зеленски во интервју за италијанската телевизија „Реинњус 24, пренесува еден домашен медиум.

Различните перспективи на медиумите за иста агенциска вест 

Но, кога станува збор за Зеленски, неколку дена порано вест пласирана преку МИА, а се однесува на неговата популарност, покажа дека преку различни уредувачки интервенции, пред сé во насловот, медиумите на македонски јазик како да имаат различна информативна перспектива кога станува збор за украинскиот лидер.

Фото: President Of Ukraine from Україна — President Volodymyr Zelenskyy took part in the festivities marking the 9th anniversary of the National Guard of Ukraine., CC0, Врска

Додека веста на агенцијата МИА беше објавена со наслов:Популарноста на Зеленски значително се намали во 2024 година, според истражување“, други два медиума објавуваат со сличен наслов:„ОПАЃА ПОПУЛАРНОСТА НА ЗЕЛЕНСКИ Дури 39% од Украинците немаат доверба во претседателот“ или „АНКЕТА: Опаѓа популарноста на Зеленски, дури 39% од Украинците немаат доверба во претседателот“. Овие медиуми уште во насловот се обиделе да бидат повнимателни и да го лоцираат изворот на веста, т.е. анкетата на Институтот од Киев.

Еден од медиумите ја објавил истата вест со наслов: „Се намалува довербата на Украинците во претседателот Зеленски“, додека друг медиум во насловот ги потенцираат граѓаните, употребувајќи наслов: „Украинците сè помалку му веруваат на Зеленски“.

Ако се анализираат повеќето вести може да се воочат и разлики во уредничките интервенции во самата вест, бидејќи дел од медиумите нагласиле дека станува збор за телефонска анкета, факт што кај основниот извор на веста (МИА), е наведен веднаш на почетокот, додека други медиуми го изоставиле тој дел, иако кога станува збор за објавување на вест за анкети, секој детал е од значење во однос на професионалното пренесување или правење на веста. Ова е важно ако се има предвид континуираното пласирање пропагандни пораки од Кремљ кои го таргетираат Зеленски постојано, било во однос на неговиот легитимитет, било во однос на лажни вести за неговата корумпираност.

 

Пораките од Лавров за Украина медиумски различно пренесени

Кон средината на месецот голем дел од медиумите пренесоа изјава на шефот на руската дипломатија Сергеј Лавров дека Русија е подготвена да ги проучи мировните иницијативи на новоизбраниот американски претседател Доналд Трамп за војната во Украина. Веста е исто така на МИА и дел од домашните медиуми ја пренесоа коректно:

Лавров предупреди дека Трамп претходно најавувал дека војната ќе биде прекината во рок од 24 часа откако ќе се врати во Белата куќа, пред неговата инаугурација, но додаде дека Русија го поздравува фактот што тимот на Трамп почнал да зборува за „реалноста на теренот“ кога станува збор за Украина.

Рускиот министер за надворешни работи рече дека тоа се рефлектира во изјавите на Трамп, како и во коментарите на неговиот иден советник за национална безбедност, Мајк Волц.

Сергеј Лавров. Фото: Мета.мк

Но, друг медиум, не наведувајќи го изворот, веста ја дополнил со зборовите на Лавров за суверенитетот на Украина, фокусирајќи се на „она што сега се нарекува Украина“.

Подготвени сме да разговараме за безбедносните гаранции за земјата што сега се нарекува Украина и за делови од таа земја што сè уште не го одредиле својот статус, за разлика од Крим, Донбас и Новоросија (окупираните самопрогласени доњецка и луганска република во источна Украина), изјави Лавров за време на брифингот, пренесува медиумот.

Од друга страна, еден од медиумите акцентот го стави на зборовите на Лавров дека и „Трамп признал дека НАТО ја лажел Русија во однос на проширувањето“.

Според Лавров, договор за неширење бил постигнат во 2010 година меѓу претседателите дека ниту една земја или организација од ОБСЕ нема да претендира на доминација и нема да ја зајакнува својата безбедност на сметка на другите.

И Трамп го кажа ова. За прв пат, не само од американски лидер, туку и од кој било западен лидер, имаше искрени признанија дека членките на НАТО лажеле кога потпишале бројни документизаклучи рускиот министер, пренесува домашниот медиум.

Лавров уште еднаш беше пошироко пренесен од домашните медиуми со неговата оценка дека претседателите Трамп и Путин покажале подготвеност за контакти и соработка. Но и со неговата оценка дека изјавите на Трамп за закани за царини, споменувајќи ги тука и земјите од БРИКС, покажувале дека:

Политиката на Вашингтон на светската сцена не се менува во зависност од тоа кој е во Белата куќа: демократите или републиканците. Овој интерес е секогаш да се биде посилен од кој било конкурент, нагласи Лавров, пренесоа домашни медиуми.

Заканите на Трамп за санкции кон Русија

Голем дел  од македонските онлајн медиуми при крајот на месецот ја пренесоа изјавата на Трамп за можноста да ѝ воведе на Русија нови санкции доколку Путин одбива да седне на преговарачка маса. Веста дојде набргу по инаугурацијата на Трамп и набргу по средбата на врвот меѓу Русија и Кина, што предизвика внимание кај медиумите на македонски јазик за онлајн состанокот на Владимир Путин и Си Џинпинг.

Оваа закана на Трамп предизвика внимателна реакција од официјална Москва, најпрво преку нејзиниот претставник во Обединетите Нации, заменик амбасадорот Дмитриј Полјански, кој побара појаснување од Трамп за условите за договорот за Украина.

Прво треба да видиме што значи договор за Трамп, што содржи тој негов предлог, па потоа да одлучиме. Не се работи само за завршување на војната, тоа е и прашање за решавање на основните причини за украинската криза, рече Полјански, пренесуваат дел од медиумите.

По ова Русија побрза да појасни дека какви било идеи за замрзнување на конфликтот се неприфатливи за Москва.

Ние се залагаме за дефинитивно, праведно и одржливо решение кое ќе ги реши основните причини за кризата. Привремениот прекин на огнот и замрзнувањето на конфликтот се неприфатливи“, се вели во соопштението објавено на веб-страницата на руското Министерство за надворешни работи, пренесува „Известија3, објави еден од домашните медиуми.

Истата порака потоа ја пренесе и шефот на руското разузнавање Сергеј Наришкин, а веста беше објавена и од МИА.

На самиот крај на јануари медиумите забележаа изјава од Путин дека сака мир и преговори, но дека Зеленски за него е нелегетимен, при што уште најави дека војната во Украина ќе завршела за месец, два доколку Запад престане да го финансира Киев и да му дава оружје.

Можеме да преговараме со секого, но Владимир Зеленски, бидејќи е нелегитимен претседател, не може ништо да потпише, додаде тој (Путин – н.з.).

Во 2022 година, Зеленски, чиј претседателски мандат официјално заврши во мај 2024 година, издаде декрет со кој се забрануваат преговори со Русија, а конкретно со претседателот Владимир Путин, мерка која останува во сила.

Минатата недела, Зеленски тврдеше дека забраната се однесува на сите украински функционери, освен за него, иако првичниот декрет не прецизирал список на ентитети на кои им е забрането да преговараат со Русија, наведувајќи само дека таквите преговори се „невозможни“.

Ако започнеме преговори сега, тие ќе бидат нелегитимни… Затоа што кога сегашниот шеф на режимот… го потпиша овој декрет, тој беше донекаде легитимен претседател. Но, сега не може да го откаже, бидејќи е нелегитимен. Тоа е трик, заседа, стапица, објасни Путин, пренесува еден од овдешните медиуми.

Неизбежниот Медведев во руската пропаганда

За да ја засили пораката за Зеленски, по изјавата на Путин се јави еден од најголемите пропагандисти на Москва Дмитриј Медведев, заменик-претседател на рускиот Совет за безбедност, а домашните медиуми во голем број го пренесоа.

Дмитриј Медведев. Фото: Duma.gov.ru, CC BY 4.0, Link

Исклучително е опасно шефот на украинскиот режим, Володимир Зеленски, да биде реизбран на таа позиција бидејќи тој ќе продолжи да лаже, да ги одложува преговорите и да испраќа 18-годишници во војна, изјави заменик-претседателот на рускиот Совет за безбедност и експретседател, Дмитриј Медведев….

Зеленски би можел да се обиде да биде реизбран, но тоа би било крајно опасно: или ќе загуби од одреден Валери Залужни или неговата слаба борбена фигура, едноставно, ќе биде отстранета од шаховската табла на англосаксонските велемајстори, нагласил Медведев, објавува еден од медиумите.

Дел од медиумите на крајот од месецот објавија и наводен мировен план според кој Путин и Зеленски ќе ја завршеле војната до Велигден, кој годинава се паѓа на 20 април.

Истовремено, Украина мора да ги повлече трупите од регионот Курск, а потоа кон крајот на април треба да се одржи меѓународна мировна конференција за официјализирање на договорот меѓу Русија и Украина со посредство на САД, Кина, европските земји и земјите од Глобалниот Југ. После тоа, Украина и Русија ќе разменуваат затвореници по принципот „сите за сите“, пренесува друг медиум.

***

Како што може да се забележи од прегледот и кратката анализа на дел од медиумската сцена на македонски јазик, директни руски пропагандни пораки се пренесуваат најмногу преку различно третирање на една иста вест, дали од домашните или светските агенции, а потоа и преку преземање на вести за ист настан од српски или руски медиуми, но притоа не се прецизира изворот на веста. Притоа, сосема е јасно видливо и дека уредничките интервенции особено во насловите или поднасловите на вестите, иако можеби направени од желбата за повеќе кликови, често оставаат впечаток на заземања страна при известувањето за руската агресија и воените дејства во Украина.

 

 

 

 

Сите коментари и забелешки поврзани со овој и другите написи на Вистиномер, барањата за корекции и појаснувања, како и предлозите за проверка на изјавите на политичарите и ветувањата на политичките партии, можете да ги доставите преку овој формулар

Оставете реакција