Разобличена измама: Куп проруски Фејсбук-страници згаснати на ист ден
Дури дванаесет Фејсбук-страници, кои манипулираа со патриотските чувства на нашите граѓани и притоа им протуруваа пропутинска и антизападна пропаганда, престанаа со објавување на еден ист ден, што веројатно значи дека ги водел еден ист човек. Така тој создавал илузија дека тоа антизападно расположение е многу помасовно отколку што реално е, но на крај загубил пристап до тие страници или интерес за нив, па тие стојат напуштени и сведочат за таа измама
Дури дванаесет Фејсбук-страници, кои манипулираа со патриотските чувства на нашите граѓани и притоа им протуруваа пропутинска и антизападна пропаганда, престанаа со објавување на еден ист ден, што веројатно значи дека ги водел еден ист човек. Така тој создавал илузија дека тоа антизападно расположение е многу помасовно отколку што реално е, но на крај загубил пристап до тие страници или интерес за нив, па тие стојат напуштени и сведочат за таа измама
Пишува: Вангел Башевски
На Фејсбук веќе долго време делуваат дезинформаторски страници, кои манипулираат со патриотските чувства на нашите граѓани (честопати и преку псевдоисторија) и истовремено шират пропутинска и слична антизападна пропаганда. Причините за оваа појава ќе ги објасниме малку подоцна, а најпрвин одиме со најинтересниот дел од оваа приказна.
Куп Фејсбук-страници згаснати на ист датум
На 27.11.2025 г., со објавување на содржини престанаа дури дванаесет такви пропагандистички страници, што веројатно значи дека ги водел еден ист човек. Така тој создавал илузија дека тоа антизападно расположение е многу помасовно отколку што реално е, но на крај загубил пристап до тие страници или интерес за нив, па тие сега стојат напуштени и сведочат за таа измама.
Тие страници се:
- Кукузел Македонија (скриншот од состојба на 5.9.2026 г.)
- Налет да се сторите (скриншот)
- Cyber Club Ludata Joci (скриншот)
- Лудата Јоци Фан Клуб (скриншот)
- Бебо (скриншот)
- Квиско пита, Горење награџује (скриншот)
- ЛеЛе (скриншот)
- Sekula Vojvoda Fan Club (скриншот)
- Кратко и јасно (скриншот)
- Баба лаже, трап не лаже (скриншот)
- Дали крајот вака мириса (скриншот)
- Cicki.mk (скриншот)
Не е исклучена можноста тие страници некогаш да се реактивираат, но во моментот на пишувањето на овој текст, тие се речиси цела година неактивни, па изгледа дека такви и ќе останат. Тој список на страници згаснати на 27.11.2025 г. можеби не завршува со овие и можеби ги има повеќе, но тоа е она што ние успеавме да го „уловиме“.
Вистиномер веќе има побивано дезинформации од тие страници (види: тука, тука, тука и тука), а нивното згаснување го забележавме набргу откако се случи. Но, не брзавме со заклучоци и оставивме време да видиме дали некоја од нив ќе се врати во игра, а на тој план промени нема. Тоа укажува на колективно згаснување на тие страници, кои веројатно имале ист администратор.
Тој можеби ја загубил својата лозинка или бил „баниран“ од Фејсбук заради некој прекршок и така загубил пристап до тие страници, а можеби имал ангажирано автори-соработници, на кои им дал пристап до тие страници за да подготвуваат објави, но таа соработка можеби се прекинала. Што точно довело до згаснување на тие страници, ние не знаеме, ама тоа се можните сценарија.
Кога говориме за пропаганда, особено од вакви размери, сосема е можно некој неа да ја плаќа, па ако тоа секне, со тоа ќе секне и активноста на таквите страници. Меѓутоа, ние тука немаме доказ дека во оваа работа биле вмешани парите, па ова е само едно од повеќето можни објаснувања.
За тоа дека тие страници се меѓусебно поврзани сведочи и фактот дека тие многу често споделувале објави едни од други.
Од Путин до разголени девојки
Како што видовме во списокот, една од тие страници има незгоден назив, Cicki.mk, а таа е специфична по тоа што објавуваше фотографии од разголени девојки (примери: тука, тука, тука, тука и тука), што беше на граница на мека порнографија и што служеше како „мамка“ за публиката, на која заедно со тоа ѝ беа протурувани текстови со пропагандистичка содржина, особено пропутинска.
Путинизмот доста манипулира со семејни вредности, конзервативност, црква и слични наративи, па нејасно е како Cicki.mk се вклопуваше во тоа?!
Иронично, среде тие разголени фотографии, страницата објавуваше и повици за побожност, морализам, целомудрие, традиционализам и конзервативност (примери: тука, тука и тука), па тој автор, фактички, немал јасен став, туку го менувал зависно од потребите.
Слична противречност има и кај страницата Дали крајот вака мириса, чија профилна слика е од филмот „Житието на Брајан“ на британската комичарска трупа Монти Пајтон. Филмот е сатира за христијанството, што не оди заедно со тој путинизам, кој се пропагираше на страницата. Таквото исмевање на религијата во Русија може да се третира дури и како кривично дело. Сериозни проруски пропагандисти тешко дека би ставиле нешто од Монти Пајтон, па ова е нешто атипично.
Тие разголени или сатирични слики укажуваат на една недоследност и несериозност на авторите на тие страници или тоа е можеби намерна иронија. Тие можеби ни самите не верувале во таа пропаганда која ја ширеле, па можеби дури им се потсмевале меѓу редови на оние читатели, кои потпаѓале под неа (во смисла, ајде ќе им протуриме слика од „Житието на Брајан“, а тие ќе мислат дека ја промовираме верата, црквата и сл.). Ние не знаеме кои биле мотивите за овие шеги, но работава е далеку од шега ако се земе предвид штетното политичко влијание на тие страници.
Една од нив е насловена како Кукузел Македонија, а според податоците изнесени на една друга страница со сличен назив, Јован Кукузел, меѓу нив има поврзаност. Разликата е само во тоа што второнаведенава страница сè уште објавува содржини, па не спаѓа во оној список на згаснати страници. Сепак, со нив таа сигурно има поврзаност, па можеби и ист сопственик, но зошто и како таа била изземена од тоа колективно згаснување на 27.11.2025 г. – не е познато.
По социјалните мрежи се ширеа гласини околу идентитетот на лицето кое стои зад Јован Кукузел (види: тука, тука, тука и тука), но, да нема забуна, тоа се однесува на една друга страница, која е плагијат на онаа која ние ја посочивме, па тие гласини не ни се од полза во ова истражување.
На крајот на краиштата, нам и не ни е толку битно да утврдуваме нечиј идентитет. Наша цел пред сè е да ги предупредиме читателите за тоа со какви сè методи тие можат да бидат изманипулирани по социјалните мрежи, без разлика кој тоа го објавува.
Причината за појавата на таквите страници
Траумите од нашето поблиско минато како Конфликтот од 2001 г., блокадите на нашата евроатлантска интеграција или промената на уставното име на нашата држава, кај некои нејзини граѓани создадоа разочараност од нејзиниот прозападен курс и чувство на онеправданост и револт, што репресивниот и агресивен режим на Владимир Путин сака да го злоупотреби за свои цели, лажно претставувајќи ја Русија како заштитничка на своите словенски или православни браќа од С. Македонија – околу што ние веќе сме пишувале: тука, тука и тука.
Токму тоа штетно влијание го ширеа страниците, кои веќе ги наведовме. Тие објавуваа квазипатриотски содржини и истовремено го фалеа Путин и неговите сојузници, па нè известуваа како тој му честитал реизбор на претседателот на Венецуела, Николас Мадуро, под чија власт, всушност, немаше фер избори, или, пак, нè известуваа за нова метростаница во Техеран и нова градинка во Шангај или за тоа како диктаторот на Буркина Фасо, Ибрахим Траоре, на „трулиот Запад“ одважно му рекол „Не!“.
Колку тоа има врска со темите и дилемите кои ги мачат нашите граѓани, не е јасно, но тоа е она што ни го пласираа тие „патриотски“ страници со „соодветни“ називи како Лудата Јоци и Cicki.mk. Тие „патриотски“ страници навиваа за руската агресија врз Украина со толкав жар, небаре Украина ја нападнала Македонија и беа полни со пропагандистички содржини од Србија.
Иронично, овие проруски пропагандисти запнале да објавуваат на Фејсбук, а тој е блокиран во Русија уште на 4.3.2022 г. и таму е забранет како екстремистички сајт, па нема смисла симпатизери на Путин да објавуваат на таков сајт, кој според Путин е штетен.
Реалноста наспроти илузијата
Како што видовме, тука има еден куп страници и секоја од нив има илјадници следбеници, што создава впечаток дека тие антизападни ставови се мошне застапени или дури и доминантни среде нашите граѓани, но тоа нема многу врска со реалноста.
Проруските партии кај нас (како Единствена Македонија, Родина и Левица) не добиваат многу гласови и повеќето од нив (освен Левица) немаат ни собраниски пратеници, па проруските пропагандисти мораат да отвораат безброј Фејсбук-страници за да создадат илузија на масовна поддршка, небаре сета наша јавност врие од желба да биде со Русија, Северна Кореја и Иран. За таа цел, на интернет дури можат да се купат фејсбук-следбеници, колку и тоа да звучи чудно.
Арно ама, таа фарса неславно заврши, па тие страници сега стојат запуштени, небаре се некакви депонии во кои со години се трупале дезинформации, манипулации и пропаганда или небаре се некакви музеи од кои може да се учи за тие појави.
Сите коментари и забелешки поврзани со овој и другите написи на Вистиномер, барањата за корекции и појаснувања, како и предлозите за проверка на изјавите на политичарите и ветувањата на политичките партии, можете да ги доставите преку овој формулар