Разоткриена руска „фабрика за шпиони“ во Бразил

Фото: колаж направен во Canva

Со години руските разузнавачки сервиси го користеа Бразил за да ги тренираат и развиваат своите тајни агенти со прикриен идентитет. Но, откога бразилската федерална полиција го најде „шаблонот“ по кој Русите ги создаваат нивните „бразилски идентитети“, нивните агенти почнаа да „паѓаат“ како домино

Со години руските разузнавачки сервиси го користеа Бразил за да ги тренираат и развиваат своите тајни агенти со прикриен идентитет. Но, откога бразилската федерална полиција го најде „шаблонот“ по кој Русите ги создаваат нивните „бразилски идентитети“, нивните агенти почнаа да „паѓаат“ како домино

 

Пишува: Матеј Тројачанец

 

Руските разузнавачки агенции систематски го користеле Бразил како почетна точка во своевидната „фабрика“ за шпиони со прикриен идентитет т.н. deep-cover agents. Познати уште како „нелегални“, овие агенти презеле бразилски идентитети за да работат и да ги развиваат своите „автентични приказни“ во Рио де Жанеиро, Бразилија и други градови, по што тие понатаму можеле да имаат навидум веродостојно алиби и заради тоа неоткриени да работат на тајни мисии низ целиот свет.

Ова се открива во опширната истрага на Њујорк Тајмс која се фокусира главно на Артем Шмирев, руски агент кој живеел шест години во Рио де Жанеиро под името Герхард Даниел Кампос Витик. Шмирев, раководел водел легален бизнис за 3Д печатење, поседувал вистински бразилски пасош и извод од матична книга на родени, потврда за воена служба, имал бразилска девојка и бурен социјален живот. Сето ова му овозможило беспрекорно да се вклопи во локалното општество.

Но, како што се открива во истрагата на Тајмс, Шмирев не бил сам, ниту бил првиот руски агент со прикриен идентитет. Во истрагата се воспоставува дека најмалку девет руски оперативци имале автентични бразилски идентитети, честопати живеејќи мирно и интегрирајќи се во заедницата пред да бидат префрлени на задачи во САД, Европа или Блискиот Исток. 

Фото: Дел од разоткриените агенти
Извор: Принтскрин Јутјуб видео CNN Brasil

Целта не била да се шпионираат мети во Бразил, туку да се искористи мултикултурната средина на земјата, прилично моќниот пасош и дупките во системот за издавање на изводи од матична книга на родени како појдовна точка за глобална шпионажа. Една од причините зошто токму Бразил била одбрана како дестинација за отпочнување на тајните живот на руските оперативци е затоа што жителите од руралните средини можат да се добијат идентификациски документи, со тоа што еден од двајцата родители ќе сведочи дека бебето е нивно – наместо давање на документ издаден од болница. Така, руските агенти создавале фиктивни идентитети.

Операцијата почна да се расплетува кога од американската ЦИА ги известиле бразилските власти во 2022 година за осомничениот руски шпион, Сергеј Черкасов, на кого му бил одбиен влез во Холандија додека се обидувал да започне пракса во Меѓународниот кривичен суд. Бразилските истражни органи открија дека „идентитетот“ на Черкасов се базира на извод од матична книга на родени добиен преку ваква измама.

Фото: Agência Senado from Brasilia, Brazil, via Wikimedia Commons

Откако ја сфатија „играта“ односно шаблонот преку кој Черкасов и останатите руски агенти ги воспоставуваат своите бразилски идентитети, бразилските власти почнаа да трагаат по вакви „духови“ во системот – луѓе со автентични документи, но без документирана историја од детство до возрасностa ( на пр. евиденција од нивниот образовен процес или документи од нивната здравствена историја).

Повеќето од шпионите успеаја да избегаат од Бразил пред да бидат уапсени, а само Черкасов заврши во затвор за фалсификување документи. Властите оттогаш издадоа предупредувања преку Интерпол за преостанатите осомничени шпиони, предупредувајќи ги другите земји за ризикот што го претставуваат овие агенти со прикриен идентитет.

Ова е само дел од серијата истраги во кои се разоткриени најразлични руски шпионски мрежи во изминатата година. Вистиномер пишуваше за разоткриени шпионски мрежи во Романија и Велика Британија кои работеле за Русија. А, слични имаше и во Германија, Украина, па дури и во САД, каде руските агенти платиле познати десничарски коментатори на Јутјуб да ја шират пропаганда на Кремљ пред претседателските избори.

 

 

Сите коментари и забелешки поврзани со овој и другите написи на Вистиномер, барањата за корекции и појаснувања, како и предлозите за проверка на изјавите на политичарите и ветувањата на политичките партии, можете да ги доставите преку овој формулар

Оставете реакција