Разрешен директорот на скопската Зоолошка градина по информацијата дека се убивале коњи за да се хранат лавовите

Фото: Фејсбук профил на ЗОО

Личната одлука преземена од страна на директорот не соодветствува со основните заложби за хумано чување и одгледување на животни и за истото мора директорот да понесе одговорност, поради што истиот се разрешува, се вели во соопштението на Град Скопје

Личната одлука преземена од страна на директорот не соодветствува со основните заложби за хумано чување и одгледување на животни и за истото мора директорот да понесе одговорност, поради што истиот се разрешува, се вели во соопштението на Град Скопје

 

 

По информацијата што ја објави Вистиномер, дека во последниве два дена во Зоолошката градина во Скопје усмртени биле повеќе од 10 коњи и мазги, за да им бидат дадени како храна на месојадните животни, разрешен е в.д. директорот на Зоолошката градина, Кристијан Стаменов, известуваат од Градот.

Оттаму се изземаат од направените дејствија на в.д. директорот.

Културна, образовна и научна се основните дејности на ЗОО Скопје, а нејзина основна цел е да ги чува, одгледува и презентира живите експонати и истите да ги направи достапни за пошироката јавност. Личната одлука преземена од страна на директорот не соодветствува со основните заложби за хумано чување и одгледување на животни и за истото мора директорот да понесе одговорност, поради што истиот се разрешува, се вели во соопштението на Град Скопје.

Сè уште не е познато како коњите кои вчера и денеска биле усмртени, биле донесени во Зоолошката градина и дали за нив имало соодветна документација.

Местото каде што биле усмртени коњите / Фото: Вистиномер

Како што веќе објавивме, за начинот на кој коњите стигнале во зоолошката градина, добивме различни изјави. Директорот на Зоолошката градина, Стаменов, тврдеше дека им биле доделени од страна на Агенцијата за одземен имот, додека директорот на Агенцијата, Фатон Асани, вели дека во последниве пет години, откако е тој директор, не се случило да се даде жива стока во Зоолошката градина, туку коњите се носат во затворот Идризово каде има штали.

Стаменов, во изјава за Вистиномер тврдеше дека имаат можност за економско искористување на животните.

Овие животни ни ги даде Агенцијата за одземен имот и станува збор за животни кои не се за употреба. Тие неколку што се здрави, можат да бидат експонат, но другите имаа рани и повреди. Ангажиравме посебно човек, кој ги усмрти животните, имаме таква законска можност. Ни дадоа 16 животни. Знам дека на никој не му е мило за ова, но ние имаме месојадни животни и штом ни се дадени, наше е да процениме дали можат да бидат изложбен експонат или не, изјави тој пред да биде разрешен.

За случајот сè уште се нема произнесено Агенцијата за храна и ветеринарство. Досега, набавките за храна за животните за Зоолошката градина се вршеа преку распишување тендер. Таков тендер, за набавка на месо, во вредност од 73 илјади евра, за една година, е потпишан и во мај годинава.

 

 

 

Сите коментари и забелешки поврзани со овој и другите написи на Вистиномер, барањата за корекции и појаснувања, како и предлозите за проверка на изјавите на политичарите и ветувањата на политичките партии, можете да ги доставите преку овој формулар

Оставете реакција