Реакциите по смртта на Ратко Младиќ – анегдотите главни, злосторствата споредни

Фото: UN International Criminal Tribunal for the former Yugoslavia, CC BY 2.0, via Wikimedia Commons

Прашањето не е дали некој во Македонија го познавал Младиќ, дали некогаш служел во Скопје или какви биле неговите ставови во одреден период од неговата кариера. Прашањето е што се случува кога во јавниот наратив за човек осуден за геноцид се издвојуваат само позитивните или личните аспекти, додека жртвите и судски утврдените злосторства остануваат во сенка

Прашањето не е дали некој во Македонија го познавал Младиќ, дали некогаш служел во Скопје или какви биле неговите ставови во одреден период од неговата кариера. Прашањето е што се случува кога во јавниот наратив за човек осуден за геноцид се издвојуваат само позитивните или личните аспекти, додека жртвите и судски утврдените злосторства остануваат во сенка

 

Пишува: Мирослава Симоновска

 

Смртта на Ратко Младиќ повторно ја отвори темата за начинот на кој во С. Македонија се зборува за еден од најпознатите осудени воени злосторници од војните во поранешна Југославија. Во јавниот простор се појавија бројни сеќавања и изјави поврзани со неговиот престој во Македонија, како и пораки во кои се потсетува на периоди од неговата воена кариера кои се претставуваат без поширокиот контекст.

Она што, сепак, често останува во втор план се фактите за неговата улога во војните во Босна и Херцеговина и злосторствата за кои беше правосилно осуден. Во 2021 година беше потврдена првостепената пресуда со која тој беше осуден на доживотен затвор од Механизмот за меѓународни кривични трибунали, откако беше прогласен за одговорен за геноцид, злосторства против човештвото и кршење на законите и обичаите на војувањето.

Овој расчекор меѓу локалните сеќавања, личните сведоштва и обидите неговиот лик да се прикаже низ одредени епизоди од неговата кариера, а да се минимизираат неспорните судски утврдени факти за неговата одговорност, го прави релевантно прашањето за тоа како едно општество ја памети војната и луѓето што имале клучни улоги во неа. Разгледувајќи ги изјавите и наративите што се појавија по неговата смрт, „Вистиномер“ утврди постоење на такви изјави во кои се изоставени жртвите, воените злосторства и правосилните пресуди.

На 28 август на страницата на Фејсбук на Демократската партија на Србите во Македонија беше објавен текст во кој позитивно се зборува за Ратко Младиќ.

Тоа, всушност, беше пренесен текст од чешкиот новинар Радим Панека, за кого медиумите од регионот пишуваат дека откако го величел Младиќ, полицијата брзо реагирала и ја евидентирала неговата објава и постапува по неа. Објавата за која полицијата постапува во Чешка, а се пренесе во С. Македонија на Фејсбук страницата на Демократската партија на Србите, гласи:

Умре Ратко Младиќ. Отиде во вечноста во Хаг, каде беше затворен по налог на неправедното судење пред исполитизираниот трибунал. Го сакаше својот народ, на кого му служеше цел живот. На крајот за него го положи и животот. Го спаси српскиот народ во Босна од геноцид. Почивај во мир – чешки новинар и публицист Радим Панека.

Како што пишуваат новинарите од „Кликс Ба“, амбасадорката на БиХ во Чешка, Мартина Млинаревиќ, посочила дека е згрозена од ставот на Пенка по повод на смртта на осудениот воен злосторник Младиќ.

Величањето на воени злосторници е неприфатливо во демократското општество. Се заблагодаруваме на нашите чешки пријатели за сочувството со жртвите на геноцидот и со преживеаните мајки од Сребреница и за тоа што ја бранат вистината, порача амбасадорката.

Директорот на Агенцијата за остварување на правата на заедниците, Далибор Китановиќ на Инстаграм објави фотомонтажа на која Ратко Младиќ е прикажан заедно со личности од српската историја, меѓу кои и Дража Михајловиќ, со натпис „Генерали на небеската војска“. Откако Владата реагираше дека директорот на Агенцијата треба да се повлече од функцијата доколку не се согласува со ставот дека Ратко Младиќ е осуден за геноцид и воени злосторства, Китановиќ преку социјалните мрежи информираше дека ја избришал спорната објава и му се извинил на премиерот Христијан Мицкоски.

Меѓу останатите објави на социјалните мрежи, се забележуваа и такви во кои за Младиќ сосема игнорирано беше тоа што е осуден за геноцид и фокусот беше ставен на личните познанства и запознавања, како и на неговото семејство и периодот што го поминал во Скопје.

Исто така, Ратко Младиќ во едно телевизиско интервју за себе рекол дека е мирољубив што деновите по неговата смрт во Фејсбук објави беше користено како „доказ“ дека бил наводно „осуден неправедно“, но сето тоа беше комбинирано и со антизападни наративи и невистинити обвинувања дека „Европската Унија пропагирала војна во Русија“. Младиќ е правосилно осуден како воен злосторник од страна на Меѓународниот суд за воени злосторства во поранешна Југославија, познат и како Хашкиот трибунал. Обвинението против него е за геноцид, злосторства против човечноста, за прогон, убиство, истребување, депортација итн.

Споделуван беше и цитат од главниот американски мировен посредник за Балканот, Ричард Холбрук, во насока на засилување на култот и делото на Ратко Младиќ. Во дел од коментарите што ги споделуваа други медиуми, Младиќ беше нарекуван „генерал“. И во директниот пренос од неговиот погреб беше наречен „генерал“ на профил на Фејсбук.

Во друга објава, пак, се споделуваат неговите врски со Македонија, детали и анегдоти, а не се споделуваат детали и анегдоти од подоцнежниот период на војната во Босна каде се направени злосторствата.

Македонија имала посебно значење во срцето за Младиќ. Токму тука ја започнал својата воена кариера во ЈНА, во Скопје, а подоцна служел и во Куманово и Штип. Во Македонија се оженил со Босиљка Јегдиќ, а во Македонија му се родиле и децата, се наведува меѓу другото во објавата.

Инаку, Министерството за надворешни работи на Босна и Херцеговина(БиХ) испрати писмо до сите земји кои се членки на Обединетите нации (ОН) за да го привлече вниманието кон институционалната глорификација на Ратко Младиќ, осуден за воени злосторства и за геноцид во Босна и Херцеговина. Како што објави Федералната телевизија на БиХ, меѓу другото, се побара воведување санкции и други рестриктивни мерки против јавни службеници и други лица кои директно организираат, учествуваат во промовирање или олеснување на официјалното и институционално глорификација на лица осудени за геноцид и други тешки злосторства.

До Делегацијата на Европската Унија (ЕУ) во Скопје било испратено писмо од 8 граѓански организации по повод јавната објава на директорот на Агенцијата за остварување на правата на заедниците, Далибор Китановиќ.

Ставот на Европската Унија за Ратко Младиќ е јасен – величањето на воени злосторници нема место во земјите што ѝ припаѓаат на ЕУ или се стремат да станат нејзини членки, се наведува во одговорот.

Можеа да се забележат и исечоци од долги интервјуа надвор од контекст, во кои се потенцираше дека синот на Ратко Младиќ зборувал на „чист македонски јазик“.

Во општество што се стреми кон европски вредности и владеење на правото, сеќавањето на минатото не може да се гради со селективно избирање на фактите. Почитувањето на жртвите и признавањето на правосилните пресуди се основата врз која може да се гради одговорно сеќавање без разлика на националноста, политичките ставови или личните симпатии кон оние што биле дел од воените конфликти.

Затоа, прашањето не е дали некој во Македонија го познавал Младиќ, дали некогаш служел во Скопје или какви биле неговите ставови во одреден период од неговата кариера. Прашањето е што се случува кога во јавниот наратив за човек осуден за геноцид се издвојуваат само позитивните или личните аспекти, додека жртвите и судски утврдените злосторства остануваат во сенка.

 

 

 

 

 

Сите коментари и забелешки поврзани со овој и другите написи на Вистиномер, барањата за корекции и појаснувања, како и предлозите за проверка на изјавите на политичарите и ветувањата на политичките партии, можете да ги доставите преку овој формулар

Оставете реакција