Редица дезинформации за корона вирусот и антиваксерство без ниту еден аргумент

Фото: скриншот од дел од објавата

Не им верувајте на политичарите, на медиумите на лекарите… Сите лажат и се глобалистички слуги. Вирусот е безопасен зашто во земјава населението има стекнато природен имунитет и затоа не се вакцинирајте… Ова е сублимат од дезинформациите што се објавени во пост на Фејсбук

Не им верувајте на политичарите, на медиумите на лекарите… Сите лажат и се глобалистички слуги. Вирусот е безопасен зашто во земјава населението има стекнато природен имунитет и затоа не се вакцинирајте… Ова е сублимат од дезинформациите што се објавени во пост на Фејсбук

 

Објава на Фејсбук на македонски јазик на посетена ФБ страница шири редица дезинформации за состојбата со корона вирусот во С. Македонија и воедно неодговорно повикува на игнорирање на важноста од процесот на вакцинација против ковид-19.

Во објавата се поаѓа од тезата дека повиците за вакцинација се, всушност, глобална хистерија, а дека домашните експерти, политичари и медиуми се слуги кои без никакво знаење ја спроведуваат истата политика.

Еве ја објавата:

Хистеријата за вакцинација се шири масовно на глобално ниво па проститутките северџански да не останат покусо ги спрегнале сите самопрогласени елитни незналици да агитираат за вакцинација.

Најпрво црепот муртински кој не знае да си ги распознае левата од десната чевла зел дроби дали дроби повикувајќи за масовна вакцинација. Знаејќи го нему не му е гајле дали народот се вакцинирал или не туку оние недокваканине од американската амбасада ќе го караат па тој како послушна марионетка повторува што ќе му кажат. Не го слушајте, појма нема што зборува и одозгора на тога, ЛАЖЕ!

Втори на листата се медиумските проститутки. На кој канал да пуштиш само тоа се слуша ваков сој, таков сој, толку заразени, толку починати. А бре од толку многу сојови што измислија чиниш ќе одат низ секоја буква на сите постоечки азбуки во светов. Ниту овие медиумиве не знаат што зборуваат туку за пари и своите задници ќе ди ги продадат. Немој да мислите нив им е грижа за здравјето и за психичката состојба на народот. Не им е! Затворете ги телевизорите и не ги гледајте ѓубрињава продадени. Не им кревајте рејтинг.

Трети се таканаречените експертутки или професионалните проститутки. Овие пак појма немаат ни од наука ниту пак имаат професионален интегритет. А бре да не се знаело што се зборувало. Ќе им дадат скрипта од Калето за се што треба да зборуваат и како расипани грамофони те едно исто повторуваат. Не ги слушајте и овие ако сакате мирно да спиете. Како не се најде еден да прочита нешто повеќе и да им се спротивстави на глобалистичкиве послушни ѓубриња? Барем еден!?

Четврти на листата се политичарите. Нема политичар во северџанистан со свој ак’л да мисли. Сите работат по иста матрица, матрицата на глобалистите. За овие наука не постои. За нив и библија, и научници и се се странските амбасадори во државата. Овие ич не ги слушајте! Дури немој ни да ги гласате! Отровни се ко печурки. Убави на изглед но отровни во душа. Најважно им е да седат на фотељи и да земаат народни пари. Најголемите курви се и затоа целото Собрание но и целата земја ја претворија во јавна куќа. Гонете ги и терајте си по свое.

Еден заклучок: до сега поради негрижата на целата каста која себе си се нарекува елита, може да се каже дека македонскиот народ има стекнато природен имунитет кон вирусот. Нека не ве лажат. Исто не им дозволувајте децата да ви ги вакцинираат. Нашите македонски деца не се заморчиња на кои ќе вршат експерименти. Чувајте си ги децата, тие ви се најголемото богатство!

Антиглобалистички ставови или нешто друго?

Да повикуваш сопствени граѓани да не ги слушаат советите од медицината, од науката или здравствените власти, не само што е неодговорно, туку е и опасност по јавното здравје, а со тоа и врз националниот интерес, затоа што здравјето на граѓаните е врвен јавен и национален интерес.

Во објавата најпрво се тргнува од констатацијата дека повикот за што помасовна вакцинација, упатен на меѓународно ниво, бил глобална хистерија!? Во моментот на изработка на оваа рецензија, според најпрецизната статистичка алатка на глобално ниво, сајтот на „ворлдометар“, бројот на заразени е над 184 милиони луѓе во светот, бројот на излекувани е над 168 милиони, а бројот на починати е многу близу до 4 милиони луѓе. При вакви бројки, а при очигледни докази дека вакцинацијата е еден од најефикасните механизми за да се спречи ширењето на корона вирусот, да се тврди дека повиците за вакцинација биле хистерија е невистина, што е крајно опасно и може да донесе голема штета.

Натаму, во постот има еден општ напад врз политичарите, почнувајќи од премиерот Зоран Заев, иако не се споменува по име и на сите други, вклучително и пратениците од Собранието. Карактеристика за нападот во два различни пасуси, е поврзувањето со САД, преку амбасадата на САД во РСМ, при што и премиерот и сите останати политичари на кои што се однесува објавата, се нарекуваат слуги, првиот на САД, а сите други политичари на глобалистите:

„Знаејќи го нему не му е гајле дали народот се вакцинирал или не туку оние недокваканине од американска а амбасада ќе го караат па тој како послушна марионетка повторува што ќе му кажат“ (за Заев -н.з.) и „Сите работат по иста матрица, матрицата на глобалистите“ (за сите други политичари во Македонија-н.з.).

Нема како да се докажува невистинитоста на ова тврдење, освен дека напади за поврзаноста на локални политичари со глобалистите досега има на повеќе нивоа и за повеќе земји, при што повеќето се разобличени од специјализираните сајтови за проверка на факти. Такви неосновани тврдења имаше и за земјите од регионот, при што најповеќе на мета беше српскиот претседател Александар Вучиќ, веројатно поради успешниот старт на вакциналниот процес во Србија, но нападите започнаа уште пред појавата на вакцините поради мерките на затворања што ги носеа националните влади. Еден од најчестите типови на напади беше за поврзаноста на локалните политичари со ММФ и Светска банка и дека мерките за затворање се носат со коруптивна цел.

 

Не им верувајте на медиумите = не им верувајте на фактите

Високо на листата на неодговорни „глобалисти“ во објавата што ја рецензираме, ставени се медиумите во земјава: „Втори на листата се медиумските проститутки. На кој канал да пуштиш само тоа се слуша ваков сој, таков сој, толку заразени, толку починати… Затворете ги телевизорите и не ги гледајте ѓубрињава продадени. Не им кревајте рејтинг.“

Ова, де факто, е повик да не се следат објавите на медиумите, информациите, вестите, со еден збор фактите за опасноста од пандемијата. Без оглед што се регистрирани и медиуми кои не се држат до фактите, пандемијата, сепак, покажа дека главни ширачи на дезинформација околу ковид-19 се корисници на социјалните мрежи. Но, ова не е само локално или регионално прашање, за кое Вистиномер има пишувано.

Недовербата кон медиумите е поврзана со недовербата кон институциите во времето на пандемијата, а тоа, барем во Европа, е процес кој не е стриктно поврзан со пандемијата, туку довербата е во опаѓање во последните 5 години. Ова го покажуваа некои анкети и истражувања за кои повеќе можете да прочитате на веб страницата на Нојман фондацијата за новинарство.

Сличен процес е забележан и во САД, иако таму генерално недовербата е кон властите и другите институции. Таквата состојба масовно се ползува од теоретичарите или извршителите на групите што шират теории на заговор, како, на пример, и кај нас, следбениците на Q армијата кои повикуваат на насилство врз уредниците и сопствениците на медиумите.

Сосема ист пристап има и авторот на објавата што ја рецензираме – не им верувајте на медиумите и угаснете ги телевизорите! Со други зборови бидете слепи за официјалните информации и факти.

 

Ако не им верувате на лекарите и научниците, на кого?

Конечно и можеби најголемата дезинформација во објавата е повикот јавноста да не им се верува ниту на медицинските експерти, лекарите и научниците кои се занимаваат со епидемиологија, вирологија или микробиологија.

„Трети се таканаречените експертутки или професионалните проститутки. Овие пак појма немаат ни од наука ниту пак имаат професионален интегритет. А бре да не се знаело што се зборувало... Не ги слушајте и овие ако сакате мирно да спиете…“

Освен ова, сите до еден од науката кај нас се означуваат, исто така, како „слуги на Калето“ и на глобалистите, а башка се означуваат како неписмени, зашто не прочитале „нешто повеќе“. Иако објавата е напишана во форма да се однесува на сите лекари и научници од медицинските науки, нападот е посебно поврзан со професорот д-р Драган Даниловски, бидејќи во ислустрацијата што се користи за објавата, скриншот од агрегаторот Тајм мк, посебно е издвоен со неколку вести токму д-р Даниловски.

Она што не го кажува авторот на објавата, е на кого да му верувате ако не треба да ги слушате лекарите и научниците? Па затоа, самото по себе и овој дел од постот е класична дезинформација.

* * *

Конечно, во постот се наведува и една голема и опасна невистина, а тоа е дека населението што живее во државата веќе стекнало природен имунитет против вирусот. Демек, до тоа се дошло поради негрижата на сите погоре споменати во објавата и политичари и научници и лекари и медиуми… Со оваа невистина, бидејќи бројките од околу 5.500 починати лица во земјава досега јасно зборуваат сами по себе, во објавата само се заокружува целата низа дезинформации и невистини искажани околу пандемијата и вакцинацијата. Конечно, ставовите за борбата против пандемијата преку вакцинацијата уште еднаш се потврдени и од македонските здравствени власти, токму на денот на објавата и кога ја изготвуваме оваа рецензија.

Поради сè погоре изложено може да се оцени дека целата објава и сите тврдења во нејзе се една голема дезинформација.

 

 

 

 

 

Сите коментари и забелешки поврзани со овој и другите написи на Вистиномер, барањата за корекции и појаснувања, како и предлозите за проверка на изјавите на политичарите и ветувањата на политичките партии, можете да ги доставите преку овој формулар

Оставете реакција