Редица од дезинформации поврзани со војната во Украина

Фото: Sammy-Sander auf Pixabay

Целата објава содржи низа дезинформации и лаги. Она што е факт е дека Русија ја започна војната во Украина, а Украина има право да се брани и го прваи тоа со помош на западните сојузници и НАТО алијансата. НАТО не е во војна со Украина, туку само ѝ пружа помош да го одбрани својот територијален интегритет од руската агресија. Секоја друга причина за војната која се спомнува во објавата е само обична измислица и плод на проруските наративи

 

Целата објава содржи низа дезинформации. Она што е факт е дека Русија ја започна војната во Украина, а Украина има право да се брани и го прави тоа со помош на западните сојузници и НАТО алијансата. НАТО не е во војна со Украина, туку само ѝ пружа помош да го одбрани својот територијален интегритет од руската агресија. Секоја друга причина за војната која се спомнува во објавата е само обична измислица и плод на проруските наративи

 

Анализираме објава на Фејсбук која вели:

СЕВЕРНИТЕ НЕКА ПРОЧИТАА ЗОШТО СЕ ВОЈУВА ВО УКРАИНА…ЗНАЧИ СПОРЕД КЕНЕДИ СЕВЕРНИТЕ НАТО ЈАНИЧАРИ ВОЈУВААТ ВО СВЕТОТ ЗА КОРПРАЦИСКИТЕ ИНТЕРСИ НА БЛЕКРОК….СЕ ОТКАЖАА ОД ИДЕНТИТЕТОТ..ОД МАКЕДОНСКИОТ НАРОД И МАКЕДОНИЈА ЗА ДА ИМ БИДАТ ПЛАТЕНИ ОГРАБУВАЧИ ВО ИМЕ НА БЛЕКРОК..ЕДЕН ДЕН КАКО НАГРАДА НИВНИТЕ ДЕЦА ЌЕ ЈАДАТ ГМО ХРАНА И ХРАНА ОД ЦРВЈЕ И СКАКУЛЦИ

Објавата споделува и напис на српски јазик во кој идниот американски министер за здравство Роберт Кенеди Џуниор, познат антиваксер и теоретичар на заговори, именуван од страна на новоизбраниот претседател на САД Доналд Трамп, посочува дека војната во Украина се водела за украинското раководство да може цел државен имот да го продаде на мултинационални корпорации како што е Блек Рок.

Објавата спомнува и т.н. северџани кои „се откажале од македонскиот идентитет за да војуваат во Украина“ (тука се алудира на промената на името на државата со прифаќањето на Преспанскиот договор и членството на Северна Македонија во НАТО, прикажувајќи како НАТО да е во војна во Украина), а се спомнуваат и дезинформациите поврзани со наводното јадење ГМО храна, скакулци и црви во ЕУ.

Целата објава е какофонија од невистини, но да одиме по ред.

 

НАТО не војува во Украина

Прво, НАТО не војува во Украина, па оттука и Македонија не е вклучена во војната, како што тоа сака да го прикаже објавата. Досега во повеќе наврати сме пишувале дека НАТО не е во војна со Русија, односно не учествува во војната во Украина, наратив кој е произлезен од Кремљ и кој има за цел да ја оправда руската инвазија врз Украина. На 24 февруари 2022 година Русија започна ракетни напади на локации низ цела Украина, вклучително и главниот град Киев. Руски копнени сили влегоа на украинска територија, по што претседателот на Украина, Володимир Зеленски одговори со воведување воена состојба, прекин на дипломатските односи со Русија и општа мобилизација. Оваа инвазија е најголем воен напад во Европа после Втората светска војна и е предмет на широка меѓународна осуда, како и санкции против Русија.

Русија ја нападна Украина и Украина има право да се брани. НАТО  ја осудува руската брутална и непровоцирана воена агресија кон Украина, која е независна и демократска држава и близок НАТО партнер. НАТО и сојузниците, меѓу кои и Севрна Македонија, продолжуваат да ѝ даваат на Украина поддршка во нејзиното неспорно право на самоодбрана. Воената помош, ваква каква што е сега, вклучува оружје, опрема и финансиска помош за украинската војска. Хуманитарната помош опфаќа медицински, прехранбени и други производи за цивилите, додека финансиската помош доаѓа во форма на грантови, заеми и гаранции.

 

Со Преспанскиот договор никој не се откажа од македонскиот идентитет

Понатаму, со прифаќањето на Преспанскиот договор и новото уставно име на државата, Северна Македонија, никој не се откажал од македонскиот идентитет и од Македонците, како што тврди објавата.

Согласно Преспанскиот договор, националноста е Македонец/Македонка и тоа е загарантирано со договорот, односно загарантиран е македонскиот идентитет. Вистиномер на оваа тема веќе има пишувано во една поголема анализа.

Во документот со кој новото име на државата е „Република Северна Македонија“ за севкупна употреба со превод на сите јазици, нема ниту една одредба со која се загрозуваат македонскиот идентитет и македонската посебност, ниту, пак, се бришат термините „Македонија“ и „македонски“.

Напротив, со членот 7 (став 3) од Договорот се гарантира македонскиот идентитет и правото да се определуваме како Македонци, се наведува во анализата на Вистиномер.

Во однос на Втората страна, овие термини („Македонија“ и „македонски“ , н.з.) ја означуваат нејзината територија, јазик, народ и нивните одлики, со нивната сопствена историја, култура, и наследство, кои се особено различни од оние кои се наведени во член 7, став (2).

Согласно Договорот од Преспа термините: Македонец, македонска, македонски, се трајно заштитени и никој повеќе нема да може да ги негира или оспорува.

Во Украина не се војува за моќни корпорации да купуваат украинско земјиште

Понатаму, тврдењата дека во Украина се војува за мултинационални корпорации да можат да го купуваат украинското државно земјиште, исто така, се дебанкирани.

 Самата идеја да се продава украинско земјиште на меѓународни корпорации корпорации е спротивна на украинското законодавство, пишува Стоп Фејк, украински сервис за проверка на факти.

Имено, пазарот на земјоделско земјиште во Украина започнал да функционира на 1 јули 2021 година, но со низа ограничувања. После повеќе од 20 години мораториум за продажба на земјоделско земјиште, украинските сопственици на земјиште на 1 јули 2021 година повторно добија право слободно да располагаат со својот имот и ако сакаат да го продадат.

Но, главното законско ограничување е забрана за продажба на земјоделското земјиште на странците и компаниите во странска сопственост.

 

Блек Рок мета на теоретичарите на заговор

Не е првпат Роберт Кенеди Џуниор да шири теории на заговор поврзани со војната во Украина и во тој контекст да ја спомнува и корпорацијата Блек Рок. Оваа американска мултинационална корпорација за управување со инвестиции често е мета на теоретичарите на заговор, а за време на пандемијата на ковид-19 се поврзуваше со лабораторијата во Вухан, градот каде првпат се појави коронавирусот.

Имајќи го предвид фактот дека Блек Рок, како и други инвестициски компании, инвестира во имоти, е причина за оваа корпорација да се тврди дека купувала украинско земјиште. За ваквите тврдења нема никакви докази, а и веќе напоменавме дека продажбата на државно земјиште во Украина на странци е незаконско.

Тоа што Блек рок инвестира во имоти не е ништо ново. Со векови и луѓе и фирми инвестирале во имоти со цел да ги препродадат поскапо и да заработат или да ги издаваат под наем. Банките со векови даваат хипотекарни кредити за купување недвижности и така заработуваат.

Парите со кои располага Блек Рок, не се пари на директорот на компанијата Лери Финк, туку на милиони жители (инвеститори) на Америка, луѓе од цел свет, американски и странски компании. Дебанкирајќи го тврдењето дека Блек рок и Вангард  ги поседуваат најголемите компании во светот, Ројтерс, цитирајќи ги портпаролите на двете фирми, пишува дека иако се чини како тие да поседуваат значителни акции во најголемите светски бизниси, тие акции се купуваат со пари што им припаѓаат на нивните клиенти – и затоа акционерите на крајот се нивни клиенти.

 

Децата нема да ни јадат црви и скакулци

На крајот, објавата спомнува и дека еден ден како награда за нашата поддршка на Западот и на НАТО, нашите деца ќе јадат ГМО храна и црви и скакулци.

Вистиномер и на оваа тема има пишувано во повеќе наврати.  Не е точно дека сите прехранбени производи кои ги увезуваме од ЕУ содржат ГМО. Повеќето од ГМО, овластени во ЕУ, се користат за исхрана на фармски животни, но некоја увезена храна исто така може да содржи ГМО.

Системот за означување на храната на ЕУ ги обврзува компаниите да наведат дали храната или добиточната храна што ја произведуваат содржат ГМО. Ова важи кога ГМО сочинуваат најмалку 0,9 отсто од храната или добиточната храна. Компаниите исто така имаат можност да наведат на етикетата дека нивниот производ не содржи ГМО.

Одлуката на ЕУ во јануари 2023 година, да одобри некои производи добиени од инсекти за човечка исхрана, предизвика бран на дезинформации ширум Унијата. Во многу земји-членки се појавија лажни вести за инсекти скриени во храната или за инсекти кои се опасни за човечка исхрана.  Во својата анализа за лажните вести поврзани со инсектите за јадење, Едмо.еу идентификува три главни дезинформациски наративи, меѓу кои и тој дека граѓаните на ЕУ ќе јадат инсекти дури и против нивна волја. Наративите за инсектите како наметната храна во Европската Унија може да се класифицираат под наративите за „големото ресетирање“ или „ресетирањето на храната“.

Целата објава содржи низа дезинформации и лаги. Она што е факт е дека Русија ја започна војната во Украина, а Украина има право да се брани и го прави тоа со помош на западните сојузници и на НАТО алијансата. НАТО не е во војна со Украина, туку само ѝ пружа помош да го одбрани својот територијален интегритет од руската агресија. Секоја друга причина за војната која се спомнува во оваа објава, е само обична измислица и плод на проруските наративи. Поради сето ова објавата ја оценуваме како невистинита.

 

 

 

 

 

 

Сите коментари и забелешки поврзани со овој и другите написи на Вистиномер, барањата за корекции и појаснувања, како и предлозите за проверка на изјавите на политичарите и ветувањата на политичките партии, можете да ги доставите преку овој формулар

Оставете реакција