Референдумот за ЕУ и претседателските избори во Молдавија

Фото: колаж од Alexey Larionov и Sasha Pleshco од Unsplash

Молдавија страдала под Руската Империја и СССР, а проруски политичари како Илан Шор работат на враќање на тие „стари добри времиња“, па ако треба и со насилство, во што му помага руската паравојска Вагнер и некои структури од Србија. Дел од Молдавија е под руска окупација (Транснистрија), а остатокот е мета на руски хибридни напади, па во таква тензична атмосфера таа гласаше за претседател и за интеграција во ЕУ

Молдавија страдала под Руската Империја и СССР, а проруски политичари како Илан Шор работат на враќање на тие „стари добри времиња“, па ако треба и со насилство, во што му помага руската паравојска Вагнер и некои структури од Србија. Дел од Молдавија е под руска окупација (Транснистрија), а остатокот е мета на руски хибридни напади, па во таква тензична атмосфера таа гласаше за претседател и за интеграција во ЕУ

 

Пишува: Вангел Башевски

 

На 20.10.2024 г. во Молдавија се одржаа претседателски избори и референдум во врска со нејзината евроинтеграција, а она второто кај нас доби повеќе публицитет, при што до израз дојде евроскептицизмот на некои наши сограѓани, но и штетните влијанија од Кремљ.

 

Разобличување на проруските наративи

Актуелната проевропска претседателка Маја Санду доби 42,49 отсто од гласовите, а главниот противкандидат Александр Стојаногло, кој условно ја претставуваше проруската опција, доби 25,95 отсто, но тие ќе се соочат и во втор круг на 3.11.2024 г.

Наводно, Стојаногло не е толку проруски настроен како, на пример, експретседателот Игор Додон и неговата Партија на социјалистите (ПСРМ), но таа сепак застана зад Стојаногло, па на избориве се гледа како на судир меѓу европската и проруската опција, а тоа особено важеше за референдумот.

Кога излегоа првичните резултати од референдумот, некои кај нас избрзаа да прогласат пораз на европската опција, иако гласовите не беа стопроцентно преброени, па објавуваа наслови од типот:

Голем удар за прозападната претседателка Маја Санду

Молдавија рече „не“ на референдумот за членство во ЕУ!

ШЛАКАНИЦА ЗА ЕУ: Молдавците не сакаат во унијата

Слично беше и во соседна Србија, кајшто се пишуваше (преведено):

Се тресе ЕУ и Западот! Молдавија рече „НЕ“ на референдумот за ЕУ

ГЕОПОЛИТИЧКИ ЗЕМЈОТРЕС: Молдавија рече „НЕ“ на референдумот за ЕУ – Брисел забрзано се урива?!

Тоа ги израдува евроскептиците и симпатизерите на Владимир Путин кај нас (примери: тука, тука и тука), но тие беа разочарани од финалниот резултат, според кој европската опција сепак победи, додуша со многу мала разлика: 50,38 отсто спрема 49,62 отсто.

Некои кај нас сугерираа дека овој пресврт се должел на измама (примери: тука, тука и тука), а пратеникот од проруската партија Левица, Реџеп Исмаил, обвини за (дословно) „изборен инженеринг“. Тоа го сугерираше и портпаролот на Путин, Дмитриј Песков, кој обвини и дека опозицијата во Молдавија била угнетувана. Во врска со тоа, руската агенција РИА Новости објави:

Молдавската опозиција ја лишија од правото да учествува на изборите

Тоа не е точно, ПСРМ, која го кандидираше Стојаногло, е опозициска партија. Иако тој не е нејзин член, таа застана зад него и тој настапува под нејзиниот партиски амблем. Набљудувачите го оценија гласањето како воглавно фер (извори: 1, 2, 3, 4 и 5), за разлика, на пример, од она во Русија, кајшто Путин владее 25 години, а опозиционерите се застрелувани, труени или умираат в затвор.

Нерегуларности во Молдавија имаше од страна на проруската опозиција, чии радикални делови дури планираа насилство, но околу тоа подоцна. Зад нив стои Илан Шор, олигарх и криминалец побегнат во Русија, кому му помага нејзината паравојска Вагнер и некои структури од Србија.

На 21.4.2024 г. Шор во Москва ја основа коалицијата Победа од проруските партии од Молдавија: Победа, Преродба, Шанса и Алтернативна сила за спас, а таму спаѓа и партијата на Шор, која е забранета во Молдавија. За разлика од поумерениот Стојаногло, коалицијата на Шор е докажано субверзивна и нејзе не ѝ беше дозволено учество на изборите. Таа сега се жали до ООН, ЕУ и ОБСЕ и тоа е таа „угнетена опозиција“ за која говори Песков (всушност, тоа е класична петта колона).

Пресвртот, кој него го изненади, се должи на гласовите од дијаспората, кои бараа време за да се избројат. Молдавија е сиромашна, па над милион нејзини државјани живеат и работат во странство: 250-300 илјади во Италија, 100-160 илјади во Франција, 100 илјади во Германија итн.

Портпаролот на руското МНР, Марија Захарова, изјави дека во Русија има 500.000 молдавски државјани, а за нив Молдавија понуди само 2 гласачки места и 10.000 гласачки ливчиња, што значи дека ги саботирала, затоа што тие ќе гласале за проруската опција. Тој наратив го имаше и кај нас.

Но, Молдавија постапи така, затоа што на парламентарните избори во 2021 г., во Русија гласаа само 6.154 молдавски државјани, а за споредба, во Италија тоа го сториле 66.293. На претседателските избори во 2020 г., во Русија гласаа: 5.605 (прв круг) и 14.068 (втор), а во Италија: 46.516 и 83.032. На последниве избори, на едното гласачко место во Русија гласаа 4.174, а на другото 4.087.

Бројката од 500.000 на Захарова е неточна или застарена. Различни извори (руски и молдавски, понови и постари, пописни и секакви) даваат различни бројки – од околу 6.000 до 700.000, а некои ги броеле и оние молдавски државјани, кои само накусо престојувале во Русија (извори: 1, 2, 3, 4, 5 и 6). Прецизна бројка нема, а таа и драстично се намалила заради војната (видете: тука и тука).

 

Историја на хибридната војна на Русија против Молдавија

Во Средниот век постоело Молдавското Кнежевство, кое по судирот со Османлиите морало да им стане вазал, но кога во 1812 г. нив ги поразиле Русите, делот од Молдавија наречен Бесарабија потпаднал под руска власт. Таа довела доселеници, кои ги потиснале Молдавците, па тие биле сведени на само 47 отсто во сопствената земја, а ним им бил забрануван и јазикот и црквата.

По падот на Руската Империја во 1917 г., повеќе нејзини делови се осамостоиле: Украина, Белорусија, Грузија и др., па и Молдавската Демократска Република, тогаш основана во Бесарабија.

Нив ги нападнала Советска Русија и во нив поставила свои режими, па така го создала СССР. Бесарабија се извлекла од тоа со воената интервенција на Романија, чиј составен дел станала во 1918 г. Според многумина, Молдавците и Романците се ист народ, но некои не се согласуваат.

Владимир Ленин започнал хибридна војна против Романија со поттикнување на востанија во неа, со поддршка за краткотрајната Бесарабска Советска Република и со ширење на пропаганда преку печатот, што подоцна продолжило и со радиото. Дел од таа хибридна војна било и следново.

Во советскиот географски регион Транснистрија, кој административно потпаѓал под Советска Украина, живеел одреден број на Молдавци, па во 1924 г. таму била формирана молдавска автономна република – МАССР. Таа пропагирала дека Молдавците се различни од Романците и дека Бесарабија мора да се оддели од Романија и да се обедини со МАССР.

Во 1940 г. СССР ѝ ја одзел Бесарабија на Романија и го спровел тоа обединување, по што создал засебна молдавска сојузна република – МССР, која веќе не била автономна во рамките на Украина. Во МССР следеле сталинистички репресии, како и индоктринација и замена на романскиот идентитет со молдавскиот, дел од што било и наметнување на кирилицата.

Современа Молдавија се осамостоила на 27.8.1991 г., но уште на 2.9.1990 г., од неа се одделила Транснистрија (Приднестровје на руски), кајшто доминираат проруските чувства и руското и украинското население. Дел од него бил доселен во времето на СССР, па првиот претседател на Транснистрија, Игор Смирнов, дошол во неа во 1987 г., а бил родум од далечната Камчатка, Русија.

Сепаратизмот довел до војна, а Молдавија била поразена од Транснистрија и Русија, која оттогаш таму држи свои трупи. На 22.6.2018 г. ООН донесе резолуција со која бара нивно повлекување, а на 15.3.2022 г., Советот на Европа изрази мислење дека тоа е руска окупација на дел од Молдавија.

Остатокот од неа е под хибридни напади, зад кои стои Шор. Во 2014 г. тој направи банкарска измама од милијарда долари, па беше суден, но побегна во родниот Израел, а потоа во Русија. Оттаму поттикна протести во Молдавија (2022 – 2023) и наводно планирал нереди и државен удар.

Во тоа му помагале Вагнер и некоја групација под назив Фарма (можеби т.н. Фабрика за тролови на Евгениј Пригожин). Следеа апсења на проруските диверзанти, а на 19.6.2023 г. партијата на Шор беше забранета, но, како што веќе рековме, тој секако ја основа коалицијата Победа во Москва.

Босанскиот министер за одбрана Зукан Хелез изјави дека во Република Српска има руски кампови за обука, во кои, како што разјасни молдавската полиција, била обучувана група за соборување на власта во Молдавија, што некои го поврзуваат со Шор, а некои и со вицепремиерот на Србија и нејзин доскорешен прв разузнавач Александар Вулин.

Групата требало да ја дестабилизира Молдавија околу изборите, но била уапсена на 17.10.2024 г. Сепак, проруската страна влијаеше на изборите со подмитување на гласачи и увоз на големи суми на пари за таа намена, а забележан е и организиран превоз до гласањето, фотографирање или јавно покажување на заокружени гласачки ливчиња, дезинформации и лажни вести и сл.

Кога веќе споменавме превоз, тој бил организиран и за молдавските државјани во Русија, за тие да гласаат во дипломатските претставништва на Молдавија за проруската опција.

По сето тоа, да се тврди дека Молдавија прави „изборен инжињеринг“ е смешно. Истото важи и за тврдењата дека Молдавците умираат од желба пак да бидат Бесарабска Губернија под јаремот на Русија, но дека „трулиот Запад“ тоа не им го дозволува. Исклучок се некои граѓани на Молдавија, како оние од автономниот регион Гагаузија, кај кои објективно се среќаваат проруски чувства.

 

 



 

 

 

Сите коментари и забелешки поврзани со овој и другите написи на Вистиномер, барањата за корекции и појаснувања, како и предлозите за проверка на изјавите на политичарите и ветувањата на политичките партии, можете да ги доставите преку овој формулар

Оставете реакција