Реформите во судство и натаму на „третиот“ колосек

Фото: James Cridland, flickr, Wikipedia, Pixabay. Колаж: Вистиномер

Реален напредок во судството може да се очекува дури по подолг период, доколку успешно се имплементираат законите за судови, за Судскиот совет и другите измени кои се прават во оваа насока, заклучи и Венецијанската комисија. Самите судии оценуваат дека сѐ уште „не може да се почувствува голем напредок во судството“

 

Реален напредок во судството може да се очекува дури по подолг период, доколку успешно се имплементираат законите за судови, за Судскиот совет и другите измени кои се прават во оваа насока, заклучи и Венецијанската комисија. Самите судии оценуваат дека сѐ уште „не може да се почувствува голем напредок во судството“

 

Пишува: Саше Димовски

 

Дали има напредок во судските реформи и колку истите се видливи? На ова прашање, судијката од Основниот суд Скопје 2, Антоанета Димовска, го дава следниов одговор кој многу говори за перцепцијата кон судството од луѓето кои се во самиот судски систем:

Не може да се почувствува голем напредок во судството, но сепак, има напредок кога сме го лоцирале проблемот – вели судијката од скопскиот граѓански суд.

Оваа изјава доаѓа на одбележување на Европскиот ден на граѓанската правда на која судството се „отвори“ за граѓаните кои имаа можност да прашуваат и за други работи околу функционирање на судскиот систем , надвор од потребите што ги имаат како странки во постапката.

Видливоста на најавуваните реформи во судството, сепак, е далеку од очекуваната, а во последните месеци, иако со мало раздвижување, сите планирани реформи паднаа во сенка на решавање на прашањето за името.

 

НОВИОТ ЗАКОН ЗА СУДСКИ СОВЕТ

Измените на Законот за судски совет, според Венецијанската комисија, треба да се доработат, за да ја гарантираат целосно судската независност, бидејќи не се дефинирани до крај дисциплинските постапки за разрешување на судиите, но и исфрлање на сега воведеното ново законско решение, судијата да се разреши доколку Европскиот суд за човекови права констатира повреда во судската постапка која се водела пред домашните судови.

Неодамнешните амандмани на Законот за Судскиот совет и Законот за судови треба да се оценуваат позитивно. Новите институционални аранжмани и процедуралните правила се поедноставни и разбирливи и ја штитат судската независност подобро од порано. Венецијанската комисија им честита на владејачката коалиција и на опозицијата за постигнување на компромис за овие амандмани и ги охрабрува да продолжат во истиот дух. Двата закона поставија цврсти основи за добро функционирање на судството – наведува Комисијата во генералната оцена во мислењето, каде што ги дава и следниве забелешки:

– законот за Судскиот совет треба да специфицира кој ќе ја има функцијата на „филтер“ во новиот систем на дисциплински постапки (оваа функција може да се даде на Анкетната комисија, но исто така можни се и други модели),

– да се утврди улогата на Пленарниот судски совет во однос на Анкетната комисија и Апелациониот совет која треба да биде подобро објаснета (имено, дали Судскиот совет е обврзан со предлогот на Анкетната комисија и кој ја донесува конечната одлука во дисциплински случај ако Апелациониот совет (Жалбениот совет) го враќа случајот назад со дадени  “насоки”)

– властите треба да размислат за тоа кои видови одлуки треба да имаат двотретинско мнозинство во Судскиот совет и да наведат што ќе се случи ако ова мнозинство не биде постигнато;

– треба да се ревидира ефективноста на системот за евалуација на перформансите (елементи на евалуација, оценки за нив, итн.) По тест периодот функцијата на осмислување на системот на оценување на работата може да се даде на самиот Судски совет, улогата на вонредните оценки во процесот на унапредување треба да се разјасни,

– членовите 75 и 76 од Законот за судовите треба да се реформулираат со цел да се избегне паралелизам и да се одрази разликата направена од Уставот помеѓу “нестручно и несовесно вршење на судиската функција” и “сериозна дисциплинска повреда”,

– законот мора да нагласи дека разрешување на судија поради професионална грешка е можно само ако се утврдат два предуслови: вината на засегнатиот судија (во форма на намера или груба повреда од невнимание) и тежината на грешка и нејзините последици.

„Во секој случај, индивидуалните судии не треба да сносат одговорност за дефект на судскиот систем во целина“ – наведува Венецијанската комисија.

Иако судиите мора да ја применуваат судската пракса на Европскиот суд за човекови права, тие не треба да бидат казнети за грешки во извршувањето на оваа задача. Кога Европскиот суд ќе утврди повреда на Конвенцијата во случајот по кој постапувал судијата, тоа никогаш не треба автоматски да води до разрешување на овој судија или до намалување на вкупната оценка во процесот на евалуација на работата – пишува во мислењето на Венецијанската комисија.

Во заклучоците, Венецијанската комисија вели дека сега многу ќе зависи „од примената на овие два закони во пракса, што ќе биде можно да се процени само откако ќе помине одреден временски период“.
 
Поради ова, Владата ќе треба да интервенира со амандмани во Законот за судски совет за да ги уреди прашањата на кои укажува Комисијата.

 

МИНИСТЕРОТ И ПРЕТСЕДАТЕЛОТ НА ВРХОВНИОТ СУД И НАТАМУ ВО СУДСКИОТ СОВЕТ

Сепак, клучната „реформа“ која се очекуваше за Судскиот совет изостана: во него и натаму ќе седат министерот за правда и претседателот на Врховниот суд по функција, тројца членови ќе избира Собранието (измената е само во тоа што не може да бидат избрани активни судии преку Собранието како што беше до сега случај), двајца членови ќе се избираат на предлог на Претседателот на државата, а 8 членови избираат самите судии. Без ефикасен лек остана и прашањето: кој и како може да ги разреши/отповика членовите на Судскиот совет пред истекот на мандатот од 6 години, доколку не ја извршуваат функцијата совесно и одговорно.

Судскиот совет е битна алка за функционирање на судството, бидејќи тој ги избира и разрешува судиите, од кои, пак, натаму зависи владеењето на правото, правната сигурност на граѓаните и примена на законите.

Судијката Антоанета Димовска, која неодамна го напушти Здружението на судии затоа што не реагираше на начинот на избор на судиите, вели дека мора да има независно тело кое ќе каже и на кои судии не им е местото во судството.

– На судството му треба реформа. Свесни сме дека реформата подразбира и персонална реформа, свесни сме дека има луѓе кои не заслужиле да бидат судии. Меѓутоа свесни сме дека некое независно тело треба да преиспита за секој судија дали добро си ја работи работата или не. Мораме во името на огромен број судии, кои чесно и посветено работат, да кажеме дека не сакаме да го носиме срамот на некои судии кои не ја заслужуваат функцијата – вели судијката Димовска од Основниот суд Скопје 2.

Меѓу предизвиците пред кои е соочен постојниот Судски совет, избран во 2012 година и чиј мандат завршува за еден месец, е изборот на судии во Апелациониот и Врховниот суд, како и претседател на скопска апелација, позиција која е празна цела година, а изборот постојано се одлага поради разни причини.

Нов обид за пополнување на овие значајни судиски места е закажан за 30 октомври. За прв човек на најголемиот суд во земјава кој одлучува за сите предмети на СЈО и на Обвинителството за гонење организиран криминал, конкурираат 9 судии од кои 4 од Апелациониот суд во Скопје, а другите од двата скопски суда и од кавадаречкиот.

Генерален реизбор или „ветинг“ во судството, кој го најавуваше премиерот Зоран Заев во време на изборната кампања, не е можен, бидејќи за тоа Македонија не добила согласност од меѓународниот фактор.

 

СОВЕТОТ ЗА ЈАВНИ ОБВИНИТЕЛИ И АКАДЕМИЈАТА ЗА СУДИИ И ЈАВНИ ОБВИНИТЕЛИ

Ова неделава на конференција во Скопје го објави Ана Павловска Даневска, која Владата ја ангажираше како „експерт“ за пакетот реформски закони во судството што беа презентирани во Брисел. Данева рече дека „има потреба од проветрување на судството, но ветингот, кој сега се најавува и во МВР, не добил зелено светло од меѓународниот фактор“.

Меѓу важните алки за реформа на судскиот систем е и менување на Законот за советот на обвинители и за Јавното обвинителство. Советот на јавни обвинители во меѓународните извештаи, посветени на ситуацијата во Македонија, е посочен како апсолутно нетранспарентен, а и ова тело подолго време не врши избор на јавни обвинители во повеќе значајни обвинителства, како што се Вишото обвинителство во Скопје или обвинителствата во Битола, Велес, Струга, каде што се оди со в.д. обвинители. Статистиката на Кривичниот суд во Скопје покажува дека само за една година биле одложени речиси 1.000 судења во одделот за кривично полнолетни, затоа што не се појавил јавен обвинител во судницата.

Меѓу значајниот напредок постигнат во последните месеци е минатонеделното разрешување на Анета Арнаудовска, директорка на Академијата за судии и јавни обвинители, која три и пол години ја водеше институцијата без мандат, бидејќи не можеше да конкурира по трет пат на таа функција, а наместо 8 остана 11,6 години на позицијата. Со формирање на новиот Управен одбор, во кој ги нема Јавниот обвинител и Претседателот на Врховниот суд, Арнаудовска беше разрешена, а распишан е оглас за избор на директор на Академијата и за прв пат и оглас за заменик директор, позиција која не беше пополнета во изминативе 12 години откако е формирана оваа институција.

За директор и заменик во Академијата може да бидат избрани само судија или јавен обвинител.

Судиите бараат измени на Законот за парнична постапка од 2005 година каде што ќе се предвиди дека спорови од мала вредност се до 5 илајди евра, а не до 10 илјади евра како што е сега, измени на Законот за судски такси, кои се многу високи и го ограничуваат пристапот до правдата за многу граѓани и активирање на Законот за бесплатна правна помош, кој ќе опфати поголем број граѓани, припадници на ранливи категории граѓани.

Во Министерството за правда се работи и на измени на Кривичниот законик во делот на кривичните дела за регулирање на говорот на омраза, но за измена на овој, како и на Законот за судови, Парничниот и другите процесни закони потребно е двотретинско мнозинство во Собранието, кое во изминатиов период тешко се обезбедуваше.

 

Сите коментари и забелешки поврзани со овој и другите написи на Вистиномер, барањата за корекции и појаснувања, како и предлозите за проверка на изјавите на политичарите и ветувањата на политичките партии, можете да ги доставите преку овој формулар

Овој напис е изработен во рамките на Проектот за зголемување на отчетноста и одговорноста на политичарите и партиите пред граѓаните, Вистиномер, што го спроведува Фондацијата за интернет и општество Метаморфозис со финансиска поддршка на Фондацијата Отворено општество – Македонија. Содржината на текстот е единствена одговорност на авторите и на ниту еден начин не може да се смета дека ги одразува гледиштата на Фондацијата Отворено општество – Македонија.

Оставете реакција