Реконструиран и проширен патот до селото Криволак

Реконструкцијата и асфалтирањето завршени шест и пол месеци по рокот. Фото: Општина Неготино

Реконструкција и проширување на локалниот пат во с. Криволак
Заради зголемување на безбедноста на сообраќајот на патот Криволак – Неготино,  ќе  го  прошириме,  тампонираме  и  асфалтираме  локалниот  пат  во  с.  Криволак. (Извор на средства:  буџет на Општината, Рок на реализација: 2014-2015 година)

 

ОБРАЗЛОЖЕНИЕ

Во изборната програма со која ја побара довербата на гласачите на локалните избори во 2013 година како кандидат на ВМРО-ДПМНЕ, актуелниот градоначалник на општина Неготино, Ванчо Апостолов, на 61. страница вети и реконструкција и проширување на локалниот пат до селото Криволак, кој се користи и за пристап до воениот полигон „Криволак“. Тој како рок за исполнување на ветеното ги наведува годините 2014-2015.

Информациите до кои дојдовме покажаа дека реализацијата на ветувањето почнува во рамките на рокот наведен во програмата на Апостолов, но завршува шест и пол месеци после неговото истекување, односно во средината на јули годинава. Сепак, според методологијата на Вистиномер, ова ветување на Ванчо Апостолов е исполнето.

Реконструкцијата официјално почнува на 5 септември 2015 година, при што од вест од агенцијата МИА пренесена од неколку медиуми, дознаваме дека треба:

… да се реконструираат и асфалтираат три километри од патот кој од Неготино води до селото Криволак, при што постоечкиот патен правец ќе биде проширен и со ширина од 5,5 метри, на неколку места ќе бидат поставени потпорни ѕидови, како и еластична ограда.

Следната информација што ја дознавме е дека работите поприлично се „растегнуваат“ за пат од приближно три километри, па подготовките за асфалтирањето на патот од мостот на Вардар до центарот на селото Криволак, почнуваат на 22 јуни годинава, со гребење на стариот асфалт, поставување потпорни зидови и цевки за одвод, како што се соопштува во информација на веб-сајтот на Општина Неготино, за во викендот што претстои да почне асфалтирањето.

Веќе на 15 јули годинава, дознаваме дека реконструкцијата и проширувањето на патот се завршени, при што тој од 3,2 метри е проширен на 5,5 метри.

…работите се одвиваа според  однапред утврдената динамика, при што најпрво се врши проширување и асфалтирање на неасфалтираниот дел од патот со цел наместо постоечките 3,2 метри истиот да биде со ширина од 5,5 метри и овој дел од работите се изврши  со поставување на слој од 8 см асфалт, додека на постоечкиот патен правец на кој беше спроведено гребење на стариот,  се постави нов слој асфалт од 5 см. како и еластична ограда покрај патот во должина од 1.260 метри.

Според тоа што може да се види, ова ветување на градоначалникот на општина Неготино, Ванчо Апостолов, е исполнето.

 

ИЗВОРИ

 

Сите коментари и забелешки поврзани со овој и другите написи на Вистиномер, барањата за корекции и појаснувања, како и предлозите за проверка на изјавите на политичарите и ветувањата на политичките партии, можете да ги доставите преку овој формулар

Овој напис е изработен во рамките на Проектот за зголемување на отчетноста и одговорноста на политичарите и партиите пред граѓаните, Вистиномер, имплементиран од Метаморфозис. Написот e овозможен со поддршка на американската непрофитна фондација (NED - National Endowment for Democracy) и Балканскиот фонд за демократија, проект на Германскиот Маршалов фонд на САД (BTD – The Balkan Trust for Democracy, a project of the German Marshall Fund of the United States), иницијатива која поддржува демократија, добро владеење и евро-атлантски интеграции во Југо-источна Европа. Содржината на текстот е одговорност на авторот и не ги одразува ставовите на Метаморфозис, National Endowment for Democracy, The Balkan Trust for Democracy, проект на Германскиот Маршалов фонд на САД, или нивните партнери.

Оставете реакција