Реконструкцијата на студентските домови е во тек
Иако процесот е започнат и само минимално исполнет и од претходните влади и на ВМРО-ДПМНЕ и на СДСМ (од 2017-2020 г.), од крајот на 2024 година во тек на исполнување е посеопфатен процес за реновирање на студентските домови во државата. Притоа два големи во Скопје „Кузман Јосифовски-Питу“ и „Стив Наумов“, се очекува да бидат пуштени во употреба за неколку месеци
Иако процесот е започнат и само минимално исполнет и од претходните влади и на ВМРО-ДПМНЕ и на СДСМ (од 2017-2020 г.), од крајот на 2024 година во тек на исполнување е посеопфатен процес за реновирање на студентските домови во државата. Притоа два големи во Скопје „Кузман Јосифовски-Питу“ и „Стив Наумов“, се очекува да бидат пуштени во употреба за неколку месеци
Во Програмата за работа на Владата на РСМ за периодот 2024-2028 година е наведено следново ветување:
Владата ќе направи мапирање на инфраструктурните состојби во сите воспитнообразовни институции… Реконструкцијата на инфраструктурата ќе промовира енергетска ефикасност и користење на обновливи извори на енергија, пристапност на училиштата и факултетите, со цел да обезбеди подобри услови и пристапност за учениците и вработените, особено оние со попречености.
Ќе се инвестираат средства наменети за целосно реновирање и реконструкција на студентските домови, со цел обезбедување на достоинствени услови за живот и учење на студентите.
[Извор: Програма за работа на Владата 2024-2028 (стр 42) – Датум: 2024 г.]
Образложение:
Со реновирањето на дел од големите студентски домови во Скопје, ветувањето дадено во Програмата на Владата за периодот 2024-2028 година, во делот на Образованието, може да се оцени дека е во тек, поточно во завршна фаза, барем што се однесува до двата најголеми студентски дома во Скопје, покрај домот „Гоце Делчев“.
Почетната проверка на оценката се базира на известувањето на дел од медиумите од 26.03.2026 г. дека министерката за образование и наука Весна Јаневска на новинарско прашање за тоа кога ќе заврши реконструкцијата на домовите „Кузман Јосифовски-Питу“ и „Стив Наумов“ изјави:
Од 1 октомври очекувам студентите да влезат во реконструираните студентски домови „Стив Наумов“ и „Кузман Јосифовски-Питу“, а до септември најдоцна очекувам да почнеме реконструкција и реновирање на сите други студентски домови во Македонија, изјави денеска министерката за образование и наука Весна Јаневска, одговарајќи на новинарски прашања по отворањето на регионалната конференција за високото образование која денеска и утре се одржува во Скопје под покровителство на МОН. (извори тука и тука).
Медиумите известуваат дека домовите се реконструираа со пари од германски заем од Германска банка за развој и преку грант од ЕУ наменет за Програмата за регионална енергетска ефикасност за Западен Балкан на Европската Унија. Истовремено се нагласува дека станува збор за две фази. Првата е реновирање на споменатите домови во Скопје, а во следната студентските домови во Прилеп, Битола, Штип и Охрид.
Проширување на инвестициите – освен домовите ќе се реконстурираат и училишни центри
Ветувањето што е предмет на овој текст, веќе влегува во втора фаза, за која се обезбедени дополнителни услови пред десетина дена. Според Министерството за образование и наука, покрај пари од буџетот, со помош на Германската развојна банка и ЕУ обезбедени се дополнителни 40 милиони евра:
Годинава, покрај тоа што ќе продолжи реконструкцијата на државните студентски домови, ќе започне и темелна обнова на државните училишта со ресурсни центри кои се столб на инклузивноста на националниот образовен систем.
За оваа намена, од Германската развојна банка KfW, а со поддршка од Европската унија преку Инвестициската рамка за Западен Балкан, обезбедени се средства во висина од 40 милиони евра. Буџет со кој ќе се реализира втората фаза од процесот на темелна и енергетски ефикасна обнова на преостанатите седум државни студентски домови, со оглед дека домовите „Кузман Јосифовски Питу“ и „Стив Наумов“ се во активна фаза на обнова, а паралелно ќе се реконструираат и објектите на седум државни училишта со ресурсни центри за ученици со посебни образовни потреби…- соопштија од МОН при потпишувањето на договорот пред десетина дена (19.03.2026).
Ветувања и од претходните влади
Спроведувањето на овој проект од страна на сегашната влада на Христијан Мицкоски, е, всушност, неисполнето ветување на претходните влади на ВМРО-ДПМНЕ и СДСМ, во чии мандати единствено било завршено реновирањето на студентскиот дом „Гоце Делчев“ во Скопје. Откако владата на Никола Груевски го завршила и го пуштила во употреба крилото А во март 2017 година, во 2020 година се пуштени во употреба и другите две крила, со што целосно беше реновиран овој студентски дом во Скопје.
Овој сегашен проект за реконструкција на другите скопски домови за којшто се пишува во оваа рецензија бил инициран од владата на СДСМ на 29 декември 2023, година со потпишување договор за заем, а договор со изведувачот „Страбаг АГ“ бил потпишан на почетокот од 2024 година пред изборите, но работите не можеле да започнат. Тоа може да се види од дел од медиумите кои известувале за овој проект, конкретно за домовите „Стив Наумов“ и „Кузман Јосифовски-Питу“, што може да се види тука.
Сегашната влада дава општо ветување во Програмата за работа за период од 4 години, цитирано погоре, но веќе обезбедила и средства и започнала со реконструкцијата на домовите уште во октомври 2024 г., а надворешните средства се во вкупна вредност од 25 милиони евра (види тука). На почетокот на 2025 година (со тој буџет-н.з.), според изјава на премиерот обезбедени се 17 милиони евра за реконструкција и модернизација на домовите, што може да се види од информацијата објавена тука.
На крајот од 2025 година, при подготовката за буџетот за 2026 година во надлежната собраниска Комисија пратеник од ВМРО -ДПМНЕ изнесува податок дека Владата веќе обезбедила 30 милиони евра за целиот проект кој ќе се одвива во три фази и секоја ќе чини по 17 милиони евра, при што грантот што го добила Владата е во висина од 5 милиони евра. Тоа може да се види тука…
Имајќи ги предвид сите погоре посочени аргументи, може да се оцени дека ветувањето на Владата дадено во Програмата за работа 2024-2028 година за реконструкција на студентските домови, е во тек на спроведување.
Извори:
- (2024) Влада.мк – Програма за работа на Владата 2024-2028 – [Проверено на 27.03.2026]
- (26.03.2026) Тајм.мк – агрегирани вести – [Проверено на 27.03.2026]
- (19.03.2026) МОН – Соопштение – [Проверено на 27.03.2026]
- (2024) МОН – Соопштение/фото – [Проверено на 27.03.2026]
Оценил: Теофил Блажевски
Сите коментари и забелешки поврзани со овој и другите написи на Вистиномер, барањата за корекции и појаснувања, како и предлозите за проверка на изјавите на политичарите и ветувањата на политичките партии, можете да ги доставите преку овој формулар