Реконструкцијата на булевартот „Метрополит Теодосиј Гологанов“, наместо 60 чинеше 92,6 милиони денари
Ќе се продолжи со реконструкција и со проширување на булеварот „Метрополит Теодосиј Гологанов“. ( Вредност на изведба: 60 мил. денари. Рок: 2013-2014 година)
ОБРАЗЛОЖЕНИЕ:
Реконструкцијата на третиот дел од булеварот „Митрополит Теодосиј Гологанов“, е завршена во мај 2015 година, кога и официјално беше пуштен за сообраќај потегот од крстосницата со булеварот „8 Септември“ до улицата „Московска“.
Проектот: ДОИЗГРАДБА НА БУЛЕВАР „МИТРОПОЛИТ ТЕОДОСИЈ ГОЛОГАНОВ“, е исполнето ветување на градоначалникот на Скопје, Коце Трајановски, кое тој го даде во Изборната програма ( во делот Урбанизам, булевари, мостови, стр. 56) со којашто излезе на локалните избори во 2013 година. Овој проект е реализиран пет месеци подоцна од крајниот рок (2014) и за него се потрошени многу повеќе пари (92,6 милиони денари) отколку предвидениот износ (60 милиони денари) во Изборната програма на Трајановски.
Во ноември 2013 година Трајановски најави дека проширувањето на булеварот „Митрополит Теодосиј Гологанов”, од крстосницата со булевар „8 Септември” до студентскиот дом „Гоце Делчев”, ќе стартува во 2014 година.
На 31 јануари 2014 година започна третата фаза од проширувањето и реконструкцијата на оваа сообраќајница, а тогашниот премиер, лидерот на ВМРО-ДПМНЕ Никола Груевски и градоначалникот Трајановски, го означија стартот на градежните работи.
Скопскиот градоначалник соопшти дека за овој проект од скопскиот буџет се одвоени 81 милион денари.
Со проширувањето, оваа тесна сообраќајница ќе добие четири коловозни ленти. Коловозот ќе биде асфалтиран со завршен слој асфалт- Сплит Мастикс од еруптивно потекло и полимер, на вкупна површина од 19.500 квадратни метри, рече Трајановски.
Груевски во оваа пригода кажа дека:
Скопје станува град што може да одговори на потребите на своите граѓани. Како од еден од најбрзорастечките градови во регионот, Скопје забрзано се претвора во град со динамична демографија и континуирана урбана експанзија (Груевски)
Тогаш беше најавено дека градежните активности на овој проект ќе се одвиват во временски период од околу шест месеци, а дека за изведувач на работите е избрана компанијата „Трансмет“ од Скопје. Исто така, беше кажано дека булеварот „Митрополит Теодосиј Гологанов“ ќе добие и ново улично осветлување за кое ќе се потрошат 11,6 милиони денари.
Наспроти ваквите прогнози, реконструкцијата на булеварот, наместо во јули 2014 година, заврши во мај 2015 година. Оваа трета делница од булеварот свечено беше пуштена во употреба на 26 мај 2015 година, а на отворањето присуствуваа Груевски, Трајановски, советници од Град Скопје, како и голем број на јавни личности.
За овој проект во Отчетот (стр.4) на градоначалник Трајановски за минатата година (2015) меѓу другото, пишува:
Со проширувањето, на оваа делница од булеварот, долга 1.600 метри, се формирани 4 коловозни ленти по две во секоја насока. Од двете страни на проширениот коловоз се изградени тротоари, покриени со павер-елементи. Градежните работи беа искористени за да се постави нова атмосферска канализација со вкупна должина од 1.493 метри и да се изврши реконструкција на постојната фекална мрежа. Градот Скопје за градежните работи на оваа делница потроши околу 81 милион денари. Третиот дел од проширениот булевар Митрополит Теодосиј Гологанов го осветлуваат 82 столба за улично осветлување на коишто се поставени 108 светилки, а за овој зафат Градот Скопје одвои околу 11,6 милиони денари. Со тоа, вкупната вредност на проектот за проширување и реконструкција на третиот дел од булеварот Митрополит Теодосиј Гологанов изнесува 92,6 милиони денари.
Се забележува дека вредноста на реализираниот проект значително ја надминува изборната проекција од 60 милиони. денари. И тоа, за 21 милион денари повеќе во однос на сумата потрошена за градежните работи (81 милион денари), а за 32,6 милини денари во однос на вкупната вредност (92,6 милини денари), што е за 50 отсто повеќе од првично планираните средства.
ЛИНКОВИ:
- Извор: Изборна програма на ВМРО-ДПМНЕ и Коце Трајановски (2013-2017), Нови дела за нов напредок, нови дела за подобро Скопје! (Урбанизам, булевари, мостови, стр. 56) [Пристапено: 12.05.2016]
- Otcet_2015_godina Отчет 2015 на градоначалникот на Скопје, Коце Трајановски (стр.4) [Пристапено: 12.05.2016]
- Максим (25.11.2013): Трајановски го решава сообраќајниот метеж – најавено проширување на булеварот „Митрополит Теодосиј Гологанов” [Пристапено: 12.05.2016]
- Тајм.мк (31.01.2014): Дополнителна сообраќајна лента на „Митрополит Теодосиј Гологанов“ долж уште 1.100 метри [Пристапено: 12.05.2016]
- Билд (31.01.2014): Дополнителна сообраќајна лента на „Митрополит Теодосиј Гологанов“ долж уште 1.100 метри [Пристапено: 12.05.2016]
- Нетпрес (31.01.2014): Булеварот Гологанов готов за шест месеци [Пристапено: 12.05.2016]
- Тајм.мк (26.05.2015): Булеварот Гологанов со четири ленти до Тафталиџе [Пристапено: 12.05.2016]
- Билд (26.05.2015): Булеварот Митрополит Теодосиј Гологанов доби 4 сообраќајни ленти на уште 1.100 метри [Пристапено: 12.05.2016]
- Република (26.05.2015): Официјално отворен третиот дел од булеварот „Метрополит Теодосиј Гологанов [Пристапено: 12.05.2016]
Оценето од: Оливера Војновска
Сите коментари и забелешки поврзани со овој и другите написи на Вистиномер, барањата за корекции и појаснувања, како и предлозите за проверка на изјавите на политичарите и ветувањата на политичките партии, можете да ги доставите преку овој формулар