Реконструкцијата на улицата „11 Октомври“ во Пробишптип доцни четири години
Проект: Комплетна реконструкција на улицата 11 Октомври
Опис на проектот: Поставување нов асфалтен слој, поставување тротоари и енергетски ефикасни светилки. (Средства: 5.000.000 денари Извор на финансирање: Буџет на Општината Рок: 2013 година)
ОБРАЗЛОЖЕНИЕ:
Градоначалникот на Општината Пробиштип, Тони Тоневски, пред четири години во изборната програма „Нови дела за нов напредок, нови дела за подобра Општина Пробиштип“, (2013-2017), најави комплетна реконструкција на улицата „11 Октомври“ во Пробиштип. Во Програмата, со која тој, како кандидат на ВМРО-ДПМНЕ, излезе на локалните избори во 2013 година, за овој проект проект ( во делот Транспорт и патна инфраструктура стр. 73), е наведено дека ќе биде реализиран во 2013 година. Но, градежните работи за реконструкција на улицата „11 Октомври“ започнаа во ноември 2016 година и сѐ уште се изведуваат, така што ова ветување, според методологијата на „Вистиномер“ се оценува „во тек“
Стартот на реконструкцијата на спомената улица во Пробиштип, Тоневски ја најави дури на 29 октомври 2016 година, тогаш, како што пренесоа медиумите, тој соопшти дека наредната недела (почеток на ноември 2016 година) очекува да почне реконструкцијата на улицата „11 Октомври“.
Тоа е еден проект кој што е добиен како донација од европските фондови од ИПА компонентата, а кој ќе се реализира во координација на Светска банка во Репблика Македонија. Веднаш по нивното одобрување ќе склучиме договор со изведувачот, каде што тендерската постапка е целосно завршена. (Тоневски)
На 30 декември 2016 година медиумите информираа дека во Буџетот на Општина Пробиштип за 2017 година се превидени 58 милиони денари за инфраструктурни проекти. Според планираното во општинскиот Буџет:
ќе се реконструираат и асфалтираат неколку десетици километри , меѓу кои и улицата „11 Октомври“, која почна да се гради.
Деновиве (10.03.2017) во медиумите имаше информација дека во Пробиштип се реконструира улицата „11 Oктомври“ и дека средствата за зафатот, околу пет милиони денари, се донација од европски фондови.
Со овој проект се комплетно опфатени поставување нов асфалтен слој, нови тротари од двете страни со ширина од еден и пол метар, како и поставување атмосферска канализација. (Тоневски)
Според плановите на Општината, „на улицата „11 Октомври“ ќе се постави и ново улично осветлување со 14 канделабри на кои ќе се инсталираат енергетски штедливи светилки, а рокот за реализација на овој инфраструктурен проект е шест месеци“.
Па, иако изборниот рок за реализација на проектот (2013) е пробиен, сепак, имајќи предвид дека на оваа сообраќајница во моментот се изведуваат градежни активности и според проекциите реконструкцијата треба да завриши за неколку месеци, ветувањето добива оценка „во тек“.
ИЗВОРИ:
- Извор: Изборна програма на ВМРО-ДПМНЕ за локалните избори 2013 година – „Нови дела за нов напредок, нови дела за подобра Општина Пробиштип“, (Транспорт и патна инфраструктура, стр.73) [Пристапено: 14.03.2017]
- Сител (29.10.2016): Во Пробиштип завршува реконструкцијата на една од најфреквентните улици [Пристапено: 14.03.2017]
- Тајм.мк. (29.10.2016): Во Пробиштип завршува реконструкцијата на една од најфреквентните улици [Пристапено: 14.03.2017]
- Телевизија Стар (30.12.2016): Усвоен буџетот на општина Пробиштип [Пристапено: 14.03.2017]
- Тајм.мк (30.12.2016): ): Усвоен буџетот на општина Пробиштип [Пристапено: 14.03.2017]
- ТВ Ирис (10.03.2017): Во Пробиштип се реконструира најфреквентната улица [Пристапено: 14.03.2017]
- Тајм. Мк (10.03.2017): Во Пробиштип се реконструира улицата „11 Октомври“ [Пристапено: 14.03.2017]
- А1 ОН (10.03.2017): Во Пробиштип се реконструира улицата „11 Октомври“ [Пристапено: 14.03.2017]
Оцени: Оливера Војновска
Сите коментари и забелешки поврзани со овој и другите написи на Вистиномер, барањата за корекции и појаснувања, како и предлозите за проверка на изјавите на политичарите и ветувањата на политичките партии, можете да ги доставите преку овој формулар