Рестартиран е турнирот во мал фудбал „Сокол“

Фото: karpos.gov.mk

 

Рестартирање на турнирот „Сокол“ и реконструкција на теренот во ОУ „Христијан Тодоровски Карпош“

 [Извор: Изборна програма на Стефан Богоев за локалните избори 2017 – „Живот во Карпош за сите“ (стр.27) , датум: октомври 2017]

  

ОБРАЗЛОЖЕНИЕ:

Градоначалникот на Општина Карпош,  Стефан Богоев за локалните избори  (октомври 2017 г.) вети: „Рестартирање на турнирот „Сокол“ и реконструкција на теренот во ОУ „Христијан Тодоровски Карпош“.  Ова негово изборно ветување е исполнето, со напомена дека тоа е сторено со задоцнување од една година.

Споменатото ветување е  дел од предизборната програма на Богоев насловена како „Живот во Карпош! За сите!“ (стр. 27), каде е наведено дека рокот за реализација на проектот е 2018 година.

Го враќаме духот на спортот во Карпош, со рестартирање на традиционалниот спортски турнир „Сокол”. Исто така, предвидуваме реконструкција на спортското игралиште во ОУ „Христијан Тодоровски Карпош”, поставување трибини и дополнително уредување на овој простор, со ново зеленило и партерно уредување. Меморијалниот турнир „Сокол” беше меѓу култните спортски настани во Карпош. Со рестартирањето на овој турнир ќе манифестираме волја за вистинско вреднување на спортот, враќање на ентузијазмот за спортување кај многу наши сограѓани, а со реконструкција на теренот во ОУ „Христијан Тодоровски Карпош“ обезбедуваме подобра спортска инфраструктура. (  Рок: 2018 година) – (Изборна програма „Живот во Карпош! За сите!“ – стр. 27)

Наместо во 2018 година, реконструкција на  трибините, соблекувалните, головите и другите елементи од игралиштето  во ОУ „Христијан Тодоровски Карпош“ беше направена  ова лето (2019), а меморијален турнир во мал фудбал „Оливер Соколов – Сокол“  стартуваше на 01 септември. Турнирот го отвори градоначалникот Богоев кој на учесниците им посака фер и успешена игра:

Овој турнир е синоним за маалскиот живот во нашиот Карпош. Инвестирајќи во СОКОЛ, инвестираме во спортот, во развивање на маалскиот живот, во унапредување на здравите навики меѓу младите, го унапредуваме спортот на рекреативно и професионално ниво. Воедно, со него оддаваме почит кон еден од основачите на навивачката група Комити, при што сите учесници на турнирот го повикуваме на фер – плеј игра.

На турнирот се пријавени 50 – на  екипи, а победникот ќе се знае на крајот од септември. Вкупниот награден фонд изнесува преку 700.000 денари. Победничкиот тим ќе освои 200.000 денари, поразениот во финалето 100.000, третопласираната екипа 50.000 денари, а четвртопласираната 10.000 денари.

Информација во врска со настанот пренесоа дел од медиумите, а објава за тоа има и на веб-страницата на Општина Карпош.

Па,  имајќи  предвид дека и покрај доцнењето, сепак,  е направена  реконструкција на теренот во ОУ „Христијан Тодоровски Карпош“ и е рестартиран турнирот во мал фудбал „Скокол“, ветувањето на Богоев го сметаме за исполнето.

 

**** Забелешка

„Вистиномер“ минатата година го проверуваше ова изборно ветување на Богоев  и тогаш оценката беше неисполнето“, со оглед на тоа што  Општината немаше започнато активности за реализација на овој проект.

 

ИЗВОРИ:

 

Сите коментари и забелешки поврзани со овој и другите написи на Вистиномер, барањата за корекции и појаснувања, како и предлозите за проверка на изјавите на политичарите и ветувањата на политичките партии, можете да ги доставите преку овој формулар

Овој напис е изработен во рамките на Проектот за зголемување на отчетноста и одговорноста на политичарите и партиите пред граѓаните, Вистиномер, имплементиран од Метаморфозис. Написот e овозможен со поддршка на американската непрофитна фондација (NED - National Endowment for Democracy). Содржината на рецензијата е одговорност на авторот и не ги одразува ставовите на Метаморфозис и National Endowment for Democracy или нивните партнери.

Оставете реакција