Рестартирањето на турнирот „Сокол“ ќе почека уште една година

Фото: Слободен печат

 

ВЕТУВАЊЕ: Рестартирање на турнирот „Сокол“ и реконструкција на теренот во ОУ „Христијан Тодоровски Карпош“. Целна група: млади, спортисти. Рок: 2018 година.

[Извор: Изборна програма на Стефан Богоев за локалните избори 2017 – „Живот во Карпош за сите“ (стр.27) , датум: октомври 2017]

ОБРАЗЛОЖЕНИЕ:

Ветувањето за рестартирање на турнирот „Сокол“ и реконструкција на теренот во ОУ „Христијан Тодоровски Карпош“ е неисполнето ветување на градоначалникот на Карпош, Стефан Богоев.

Ветувањето е дел од неговата предизборна програма за локалните избори 2017-2020 година насловена како „Живот во Карпош! За сите!“ (стр.27).

Го враќаме духот на спортот во Карпош, со рестартирање на традиционалниот спортски турнир „Сокол”. Исто така, предвидуваме реконструкција на спортското игралиште во ОУ „Христијан Тодоровски Карпош”, поставување трибини и дополнително уредување на овој простор, со ново зеленило и партерно уредување. Меморијалниот турнир „Сокол” беше меѓу култните спортски настани во Карпош. Со рестартирањето на овој турнир ќе манифестираме волја за вистинско вреднување на спортот, враќање на ентузијазмот за спортување кај многу наши сограѓани, а со реконструкција на теренот во ОУ „Христијан Тодоровски Карпош“ обезбедуваме подобра спортска инфраструктура, се наведува во програмата на Богоев.

Ветувањето Богоев го даде и за време на предизборната кампања на 03.10.2017 година и тоа токму од игралиштето „Сокол“.

Новата општинска власт, после 15 октомври ќе го реконструира постоечкото игралиште Сокол и повторно во летниот период ќе го ставиме во функција турнирот Сокол, кој е со голема традиција во ова маало и генерално во Карпош. Токму турнирот Сокол ги обединуваше генерациите во Карпош, од најмали до најстари, заедно да се дружат и да спортуваат преку летниот период, изјави Богоев по денешната посета на игралиштето Сокол, пренесе А1 он.

Речиси една година по стапувањето на функција на градоначалникот Богоев, игралиштето не е чепнато, а турнирот „Сокол“ не е рестартиран. Тој традиционално се одржуваше на почетокот од септември. „Слободен печат“ на 04.09.2018 објави фотографии од игралиштето на кои јасно се гледа дека тоа е во многу лоша состојба.

Секој ден со децата сме на игралиштето „Сокол“, и не само ние, туку многу родители со децата доаѓаат тука. Игралиштето е вистински хорор филм. Опасности демнат од сите страни. Скршени трибини, скршени огради, скинати мрежи кои висат од сите страни. Игралиштето е преполно со ѓубре, канти за отпадоци нема, па ние родителите носиме ќеси од дома и сами го собираме ѓубрето. Градоначалникот вети дека ќе го реновира, но уште нема ништо од тоа – вели Александра од Карпош 1 во изјава за „Слободен печат“.

На 05.09.2018 „Слободен печат“ објави дека Карпош не се откажува од „Сокол“, туку турнирот ќе се реализира догодина.

Како што знаеме, рестартирањето на овој спортски турнир претходно подразбира и целосна реконструкција на игралиштето, како и дополнителен фонд за оваа традиционална спортска манифестација. Со оглед на тоа што ова лето имавме други инфраструктурни приоритети, одлучивме рестартирањето и целосната реконструкција на „Сокол“ со сигурност да ги реализираме следното лето, велат од Одделението за односи со јавност во Општина Карпош.

Имајќи го предвид сето ова, може да се заклучи дека ветувањето на Богоев за рестартирање на турнирот „Сокол“ и реконструкција на теренот во ОУ „Христијан Тодоровски Карпош“ е неисполнето.

 

ИЗВОРИ:

 

Оцени: Ана Анастасовска

 

Сите коментари и забелешки поврзани со овој и другите написи на Вистиномер, барањата за корекции и појаснувања, како и предлозите за проверка на изјавите на политичарите и ветувањата на политичките партии, можете да ги доставите преку овој формулар

Овој напис е изработен во рамките на Проектот за зголемување на отчетноста и одговорноста на политичарите и партиите пред граѓаните, Вистиномер, имплементиран од Метаморфозис. Написот e овозможен со поддршка на американската непрофитна фондација (NED - National Endowment for Democracy) и Балканскиот фонд за демократија, проект на Германскиот Маршалов фонд на САД (BTD – The Balkan Trust for Democracy, a project of the German Marshall Fund of the United States), иницијатива која поддржува демократија, добро владеење и евро-атлантски интеграции во Југо-источна Европа. Содржината на рецензијата е одговорност на авторот и не ги одразува ставовите на Метаморфозис, National Endowment for Democracy, The Balkan Trust for Democracy, проект на Германскиот Маршалов фонд на САД, или нивните партнери.

Оставете реакција