Реставрацијата на Цареви Кули сѐ уште не е завршена

Активностите за конзервација, реставрација и делумна реконструкција на локалитетот „Цареви Кули“ стартуваа во март 2014 година Фото: strumicatokilkis.eu

 

 

 РЕСТАВРАЦИЈА И КОНЗЕРВАЦИЈА НА ЦАРЕВИ КУЛИ

 

Со втората фаза од проектот за истражување, конзервација, реставрација и делумна реконструкција на тврдината Цареви Кули ќе овозможиме оживување на овој историски објект кој претставува посебен белег и симбол на градот Струмица. Со финансиски средства кои се веќе обезбедени од фондовите на Европската Унија ќе извршиме конзервација, реставрација и делумна реконструкција на бедемите и влезните портали на тврдината стара 7000 илјади години и ќе реализираме повеќе активности за оживување на просторот во тврдината...

 

ОБРАЗЛОЖЕНИЕ:

Проектот: „Реставрација и конзервација на Цареви Кули“, е делумно исполнето ветување на доскорешниот градоначалник на Општина Струмица, Зоран Заев. Станува збор за еден од приоритетните проекти наведени во неговата изборна програма   за локалните избори 2013-2017 година, „Струмица знае…“ (стр.27), каде, меѓу другото, е наведено:

Во периодот кој претстои целосно ќе се насочиме најзначајниот симбол на градот, да не претставува потенцијал за развој на културниот туризам, туку туристичката понуда на градот Струмица. Како верници ќе дадеме морален, материјален и финансиски придонес да ги верифицираме и повеќегодишните археолошки истражувања кои открија средновековна црква од 12 и 13 век посветена на Св.Ѓорѓи. Истата ќе биде возобновена за да претставува гордост на Струмичани и сведоштво за културно историското минато на Струмица.

Со изградба на пешачка патека Ловен дом – Цареви кули ќе овозможиме полесна и побрза пристапност до локалитетот.

 Истовремено ќе создадеме нова патека за спорт и рекреација на граѓаните на Струмица која ќе биде целосно осветлена. Дополнително ќе инвестираме средства и во промоцијата на „Цареви кули“ како туристички локалитет во градот преку изработка на сувенир, промотивни брошури, инфо киоск за промоција на локалитетот и друго

Во февруари 2014 година  медиумите  информираа дека  во март (2014) ќе стартуваат градежните работи на тврдината „Цареви Кули“ во Струмица

Се работи за втора фаза од проектот „Наследство“, кој предвидува обновување на Цареви Кули, односно реставрација и делумна реконструкција на северната и јужната кула во висина од 11 метри, потоа конзервација на југозападната кула со изградба на градобрани, како и реконструкција на бедемите што ги опкружуваат овие кули во вкупна должина од околу 40 метри…

Главни цели на овој проект се промовирање на атрактивноста на прекуграничниот регион Струмица – Кукуш за туристите и инвеститорите, зголемување на ефикасноста на практичната работа и создавање на силно партнерство за одржлив економски развој во прекуграничниот регион.

На крајот на август 2014 година во медиумите имаше објава дека локалитетот „Цареви Кули“, добива нов лик. Во истата информација беше пренесена изјава на тогашниот градоначалnик на Струмица, Заев, во која вели дека  активностите за конзервација, реставрација и делумна реконструкција на локалитетот „Цареви Кули“ се реализираат во рамките на спроведувањето на проектот НАСЛЕДСТВО, финансиран од Европската Унија преку ИПА програмата за прекугранична соработка.

Вкупната вредност на оваа инвестиција изнесува 12 милиони и триста илјади денари и истата е финансирана од Европската Унија. Обезбедените средства се наменети за конзервација, реставрација и делумна реконструкција делови на тврдината околу постојната кула (југозападна кула) и бедеми и делови на тврдината околу северната страна на тврдината, односно делот од тврдината лоциран над градот.

 Југозападниот и Јужниот бедем во најголем дел се изведени. Вкупната висина на овие бедеми е околу 13 метри. На овој дел од тврдината се завршени сите потребни елементи и тоа вградување на камен, фугирање и обработка со подни и завршни камени плочи. По должината на овие бедеми изведени се и 5 градобрани, а во фаза на градба се уште 4 градобрани кои ќе бидат во продолжение на веќе изведениот југозападен бедем. Исто така, околу овие бедеми завршена е и изградбата на патека за движење околу бедемите широка околу 80 см која според археолошките истражувања војниците ја користеле при одбраната на тврдината. Оваа патека е врска со просториите сместени во југозападната кула, кои порано биле наменети за престој на посадата на тврдината, а воедно служела и како магацин за оружје. Овие простории се во фаза на градба, а над нив ќе бидат оформени градобраните на оваа кула. ( Зоран Заев)

Заев тогаш ( 25.08.2014), исто така,  информираше дека  започнуваат активностите на северната кула и бедемите, односно на делот од тврдината лоциран над градот Струмица.

Оваа кула ќе биде висока 13 метри, а бедемот околу неа ќе биде со должина од околу 12 метри и висина од 10 метри. Околу бедемот и кулата ќе биде оформен канелиран градобран со оформена патека за движење. Воедно оваа кула ќе служи како видиковец бидејќи истата е лоцирана на позиција од која што има најубав поглед кон градот Струмица и Струмичкото поле“ (Заев)

Што се однесува до средновековната црква „Свети Ѓорѓи“, во февруари 2016 година  медиумите информираа дека стручните екипи на Заводот за заштита на спомениците на култура во Струмица ги реализирале заштитните археолошки истражувања на оваа црква во подножјето на „Царевите Кули“.

Црквата била дел од урбаното јадро на средновековна Струмица, а според архитектурата, како и скромното сликарство, датирана е од периодот од крајот на 13. и 14. век. Со ископот се дефинираа димензиите на црквата, која била со должина од 10,20 метри и ширина 5,90 метри, а станува збор за еднокорабна црква.

Во врска пешачката патека Ловен дом – Цареви кули, пак, во јуни 2014 година во рамките на проектот:  „Развој на алтернативни форми на туризам“ ( финансиран преку ИПА Програмата за прекугранична соработка на Македонија и Грција), Општина Струмица промовира 20 маркирани и класифицирани пешачки патеки во вкупна должина од 112 километри. Медиумите информираа дека пред секоја патека има поставено информативна табла, која содржи мапа, општи информации, должината, надморската височина, класата, односно тежината на патеката и времетрањето за нејзино поминување. Тогаш беше пренесена изјава на Заев во која вели:

Овие 20 патеки имаат шест почетни точки – Ловен Дом, Момин Бунар, Банско, Габрово, Вељуса, Брана Водоча и Попчево. Тие ќе минуваат низ прекрасните природни содржини и значајни културно-историски и природни богатства во општина Струмица и тоа: Цареви Кули, манастирот Св.Илија, црквата Св. 15 Тивериополски свештеномаченици, црквата Св.Кирил и Методиј, манастирите во Водоча и Вељуса, Римската терма во Банско, Габровските водопади и други природни реткости (Заев)

На официјалната веб – страница на Општина Струмица не успеавме да најдеме информации  дали проектот за „Реставрација и конзервација на Цареви Кули“, е целосно завршен. На интернет пребарувачите, исто така, не може да се најдат нови  информаци во врска со овој проект, освен написите од  22 јануари оваа година (2017) во кои  медиумите  известуваат дека  „реставрацијата и возобновувањето на локалитетот Цареви Кули“, е меѓу планираните активности на Струмичкиот завод и музеј за 2017 година.

За тоа до каде е реализацијата на овој проект побаравме  информација од Општина Струмица, но до моментот кога е објавен овој текст (24.04.2017), оттаму не добивме одговор.

Па, имајќи го предвид сето ова, вклучително и фактот дека мандатот на оваа локална власт завршува наредниот месец (мај 2017),  според Методологијата на „Вистиномер“, ова изборно ветување го оценуваме како делумно исполнето.

 

***ДОПОЛНУВАЊЕ

На 25.04.2016, еден ден по објавувањето на текстот, од Општина Струмица го добивме следното известување кое го објавуваме во целост:

Во врска со Вашето барање за информација за текот и динамиката на реализацијата на проектот Реставрација на Цареви Кули, испратено на 21.04.2017 година, Ве известуваме дека:

Проектот Реставрација на Цареви Кули е повеќегодишен проект кој е предвидено да се реализира во повеќе фази со користење на средства од европските фондови. Текот и динамиката на проектот зависат од расположливите финансиски средства на донаторите наменети за финансирање на проекти од областа на културното историско наследство.

Средновековната тврдина Цареви Кули има својство на споменик на културата според Законот за заштита на културното наследство. Oстварувањето на заштитатa на културното наследство е првенствено должност и одговорност на државата и нејзините органи и јавни служби.

Во отсуство на грижа од државните институции, Општина Струмица ќе продолжи да бара алтернативни извори на финансирање за понатамошната реставрација на историскиот симбол на градот Струмица. Впрочем, сите досегашни активности за реставрација на овој локалитет беа поттикнати и спроведени од Општина Струмица и финансирани со средства од фондовите на Европската Унија.

 

 

ИЗВОРИ:

 

Оцени: Оливера Војновска

 

Сите коментари и забелешки поврзани со овој и другите написи на Вистиномер, барањата за корекции и појаснувања, како и предлозите за проверка на изјавите на политичарите и ветувањата на политичките партии, можете да ги доставите преку овој формулар

Овој напис е изработен во рамките на Проектот за зголемување на отчетноста и одговорноста на политичарите и партиите пред граѓаните, Вистиномер, имплементиран од Метаморфозис. Написот e овозможен со поддршка на американската непрофитна фондација (NED - National Endowment for Democracy) и Балканскиот фонд за демократија, проект на Германскиот Маршалов фонд на САД (BTD – The Balkan Trust for Democracy, a project of the German Marshall Fund of the United States), иницијатива која поддржува демократија, добро владеење и евро-атлантски интеграции во Југо-источна Европа. Содржината на рецензијата е одговорност на авторот и не ги одразува ставовите на Метаморфозис, National Endowment for Democracy, The Balkan Trust for Democracy, проект на Германскиот Маршалов фонд на САД, или нивните партнери.

Оставете реакција