Рецензии: Во повеќе општини во Македонија во вторник нема да се штрајкува
Спроти најавите на СОНК – мнозинскиот синдикат во областа на образованието, предучилишното воспитување и културата – дека од 20 јануари нивните членови нема да работат, односно ќе стапат во штрајк, многу наши медиуми објавија прилози во кои негираат дека ќе има прекин на наставата и се повикуваат родителите да ги испратат децата на настава. И ова е еден таков прилог, кој почна да се емитува во неделата доцна попладне, но и преку целиот следен ден. Сознанијата во овој текст се еднострани и се засноваат врз фактори кои не се релеватни, во крајна линија, за процесот на образованието, додека оние кои се најрелеватни по ова прашање никаде ги нема.
Линк до оригиналниот напис: Во повеќе општини во Македонија во вторник нема да се штрајкува
Датум и време на објавување: 15.01.2015, 12:09
Датум на рецензирање: 17.01.2014
Рецензент: Љубомир Костовски
„Градоначалниците на Битола, Свети Николе, Кочани, Крушево, Македонски Брод, Дебрца, Босилово, Демир Хисар… на средби со директори на училиштата биле информирани дека нема да биде поддржан најавениот штрајк на СОНК и оти наставата во второто полугодие ќе почне во вторник, по завршувањето на зимскиот распуст.“
Текстот со мали или никакви измени се појавува во неколку медиуми, што сугерира дека се работи за текст лиферуван од еден извор, кој никаде не е назначен(!). И во тој анонимен извор, единствена потпора на сознанија се градоначалниците на населени места. Проблемот е во тоа што нивната надлежност над образовниот процес е многу мала и повеќе е врзана за кадровската политика (избор на директорите). Понатаму, во земјава има повеќе од 80 општини, па ова заморно набројување се запира по десетина општини, чии градоначалници „гарантираат“ дека второто полугодие ќе почне нормално.
Најважно во овој случај е отсуството на организаторот на штрајкот во каква било форма(!), што би бил логичен чекор по кој би го направил прилогот секој новинар во светот.
Дека тука нема ништо случајно, говори и следниот прилог на оваа телевизија на тема штрајкот на СОНК, каде одново нема претставник на Синдикатот во извештајот, а не е емитувано ниту соопштението на оваа организација.
Овој прилог, како ним сличните, фабрикува посакувани ситуации, а ја нема вистината. Се знае како се доаѓа до неа.
Сите коментари и забелешки поврзани со овој и другите написи на Вистиномер, барањата за корекции и појаснувања, како и предлозите за проверка на изјавите на политичарите и ветувањата на политичките партии, можете да ги доставите преку овој формулар