Рецензија: Аналитичари: Пендаровски да го каже ставот за името

FireShot-Screen-Capture-261-ALFA-TV-pendarovski-i-stavot-za-imeto-crop-resize

„Последен час е за Пендаровски да се изјасни која е неговата позиција за името, но и да се изјасни што тој мисли за пишувањата на медиумите во Атина. По вчерашните анализи на грчките весници за позициите на кандидатите за шеф на државата во однос на името, аналитичарите велат дека пораките кои ги праќаат СДСМ и Пендаровски наспроти оние од Иванов се далеку поприфатливи за јужниот сосед. Според нив ставот на актуелниот претседател и кандидат за уште еден мандат им е кристално јасен и на Грците – дека нема да прифати компромис кој што ќе го загрози македонскиот идентитет”.

Ова е вовед во прилогот со кој практично се прави „ехо“ на говорот на премиерот Груевски во екот на претседателската кампања. Груевски побара претседателскиот кандидат на СДСМ, Стево Пендаровски, јавно да одговори како ќе го реши спорот за името: дали ќе ја следи политиката на Зоран Заев за „виткање на кичмата“ или на Бранко Црвенковски, во чиј мандат се спомнувале разни одредници. Не обидувајќи да согледа (провери) дали премиеровиот говор има некаква основа во настапите на Пендаровски и во неговиот политички живот. Прилогот ги прекрши основните правила во однос на вистинитоста, проверка на изворите и секако на содржајноста, претворајќи ги телевизиските вести во пропагандна продолжена рака на вербалната војна која ја водат портокаловите по повод двата претстојни избори.

 Пендаровски ставот за името

Линк до оригиналниот напис: Аналитичари: Пендаровски да го каже ставот за името

Датум и време на објавување:01.04.2014, 18:28

Датум на рецензирање: 02.04.2014

Рецензент: Љубомир Костовски

Уште со првите „тактови“ во политичката анализа телевизијата, всушност, го остава гледачот целосно изолиран од сите сознанија за темата која стана присутна во кампањата. Кои грчки медиуми се во прашање? Што тие тврдат? Зошто ставовите на тие медиуми се неприфатливи?

ИВАНОВ НЕ Е ПРЕДАВНИК

Јасно е дека телевизијата има обврска да го вклучи гледачот во „филмот кој го прикажува“ со делење на предзнаењата кои новинарката наводно ги има по тоа прашање односно релација. Но, таква конекција нема, туку веднаш имаме коментар – студиски – дека ако е во прашање Иванов како одново избран претседател, тие (Грците) одново би имале непопустлив противник, односно дека тој не би прифатил компромис што ќе го загрози македонскиот идентиитет. Ова секако значи дека противкандидатот од опозицијата тоа би го прифатил?! Каде е цитатот од таквото тврдење?

Коментарот и почеток на текстот со заклучок не нѐ води кон фактите, кои тоа и го оправдале во кампусот на Пендаровски или во она што самиот Пендаровски го изјавува на таа тема (која во многу изборни циклуси, претходно, договорно не беше предмет на дебата, ама ВМРО ДПМНЕ очевидно овој пат, немајќи други опции ја става на маса). Иако, се разбира, тука, кога е Пендаровски во прашање, има материјал во изобилство. Да споменеме дека во интервјуто за македонската редакција на Дојче Веле Пендаровски директно говори за оваа тема, а тоа го прави и овде.

ПРЕДАВНИК БРОЈ ЕДЕН

Значи додека гледачот го очекува контрапуктот на тој жесток вовед, останува на истата страна на улицата и го добива аналитичарот Боцевски, кој потврдува дека СДСМ наводно нема став, дека  тој е „убеден дека за мнозинството граѓани кои што се симпатизери и членови на СДСМ апсолутно позицијата на Иванов е единствено можно прифатлива. Меѓутоа раководството на оваа партија одамна праќа чудни пораки кои што буквално ја насочуваат меѓународната заедница да интервенира во Р.М, да се замеша во избориот процес и во внатрешната политика, со цел тие да дојдат на власт, а тие и понатаму се подготвени да прават отстапки“, коментира аналитичарот Ивица Боцевски.

Практично по коментарот на авторката имаме коментар на аналитичарот кој се засновува, ако добро се задржиме на него, на чиста импресија, без било каков доказ или факт што би го потврдил изговореното. Веројатно, во редакцијата се свесни дека кај т.н. аналитичари таквиот пристап е до некаде дозволив, ама секако во некој пасус, бидејќи од таквите гости се очекува да имаат потоа и пасус во кој ќе говорат со друг јазик и резон, во кој нема да има само емоции, туку ќе се најде и некаков аргумент!

Место тоа, Боцевски, едно време и најодговорен за евроинтеграциите, ја  посочува позицијата на меѓународната заедница како неприфатлива и изнудена од опозицијата, за што некој секако треба нешто да каже. Најнапред секако онаа страна која во Боцевски го има „дежурниот адвокат“.

ПЕНДАРОВСКИ И КАКО ПРЕДАВНИК БРОЈ ДВА

Но, втор пасус во излагањето на Боцевски нема или тој е можеби исечен, што не е наша грижа, туку одново имаме коментаторски прилог, овој пат од  втор гостин, Александар Пандов  – претставуван последните денови како аналитичар (попристојно е да се најавува само по функциите – член на ИО на ДПМНЕ и пратеник во Парламентот) кој кандидатот Пендаровски од предавник „број еден“ (нели, наводно „прогрчки настроен“), преку вториот коментар го враќа во 2001 година, кога станува „предавник број два“ (Сведоците на тој настан велат дека еден од најгласните поддржувачи на барањата и политиките на Ахмети бил токму Пендаровски“). Оттаму, следува и заклучокот е дека Македонија сериозно треба да се загрижи за својата судбина. Така, темата за името и односите со Грција наеднаш оди и во правец на Охридскиот договор. Бидејќи, како што рековме, Пандев не е аналитичар туку партиски активист, дали ова значи дека ВМРО ДПМНЕ не го признава и Охридскиот договор! Секако, ова е една нависитина чудна, ненадејна ама еднаш барем „чиста позиција“ на оваа партија по ова прашање.

Друга работа е што новинарката, заради некои правила на професијата, требала да се огради од овој анекс на основната тема, или барем да се огради како авторка на прилогот, однсосно да укаже дека односот кон Ахмети не е нејзин или дека не е на редакцијата или барем дека Пандев отворил нова тема за предизборието, досега непозната. А во телевизијата постојат и монтажни столови, кога некој од соговорниците „ќе излезе надвор од прашањето“.

Во изјавата на Пандев секако има и тврдења кои се чиста измама, како онаа дека Пендаровски има „матична партија“ (СДСМ) , небаре има и нематични или кој знае какви трети.

ПРОПАГАНДЕН АФИШ

Овој пропаганден афиш од тв прилог, инаку работите ги поставува така што изборот на сегашниот претседател е добра и единствена опција за граѓаните.  Зошто? Што во претседателствувањето на Иванов во изминатите пет години е добро? Што не влеговме во НАТО и ЕУ и што немавме никакви преговори? Авторката малку се задлабочила во таа дилема што се наметнува.

Недопустливо е што е направен прилог без да се цитира било каков збор на Пендаровски за проблемот со името, што го остава „со спуштен гард“, држејќи му ги рацете, користејќи ја својата моќ и што, конечно, става на терезијата двајца пропагандисти на партијата на власт, при тоа еден некогашен, а втор сегашен висок функционер!? Во оваа земја има толку многу коментатори и аналитичари кои би имале многу да кажат за односот меѓу претседателската функција последните пет години и прашањето за името!

Сите коментари и забелешки поврзани со овој и другите написи на Вистиномер, барањата за корекции и појаснувања, како и предлозите за проверка на изјавите на политичарите и ветувањата на политичките партии, можете да ги доставите преку овој формулар

Оставете реакција