Рецензија: Анализа: Граѓаните ќе заокружуваат проекти, а не зборови и ароганција

22-0987009980-crop-resize

Ова е четиво во кое само се нуди привид на објективност, а всушност има силна пристрасност. Народски кажано: „Џабе ти се ѕидовите, ако нема темели да ги држат“. Ако се сакало вистински, избалансирано да се споредат понудите на власта и на опозицијата во пресрет на двојните избори ќе се „копало“ подлабоко, а не само да се „гребело“ по површината, употребувајќи формулации „авторски заштитени“ од главната владејачка партија која упорно сака да не увери дека таа е израз на народната волја и дека сѐ што прави, прави за наше добро наспроти размазената и дефокусирана опозиција.

Власта може за себе да каже што сака и може себеси да се перцепира како најубава, најпаметна, најмудра и секако дека е со „двете нозе цврсто на земја“, но медиумите се тие кои треба да се обидат да утврдат дали таа слика е вистинска или лажна, а не беспоговорно да ја прифаќаат како утврден аксиом.

2Линк до оригиналниот напис: Анализа: Граѓаните ќе заокружуваат проекти, а не зборови и ароганција

Датум и време на објавување: 09.03.2014, 14:50

Датум на рецензирање:  10.03.2014

Рецензент:  Владимир Мирчески

 

ОБОЕНА ВИСТИНИТОСТ

Амбициозно, нема што! Јасно ставениот предзнак дека станува збор за анализа не е оправдан.

Аналитичноста во дневната новинарска практика значи:

„Зафаќање на сите или повеќето прашања што ја чинат содржината на темата, зафаќање на сите аспектика на проблематиката, користење што е можно повеќе и тоа компетентни извори на информации, соочување на спротивставеностите, споредба со други слични состојби, вградување сопствени истражувачки зафати и согледувања, свртеност кон иднината“. (Четири „А“  Живко Андревски)

Кога ќе се прочита текстот и кога ќе се спореди со теоретската потреба што сѐ  треба да има една анализа се гледа зошто овде немаме анализа. Не се опфатени сите прашања, туку само сегментирано се натрупани некои елементи, имаме само еден соговорник и тоа јасно определен, забележливо е отсуство на секакво соочување на двете страни. Малку повеќе околу простото „трупање“: пензиите се зголемени се вели, а владата има ЗАКОНСКА обврска да врши законското усогласување според порастот на платите и трошоците, се вели дека е зголемена платата на администрацијата, а каде е информацијата колку е зголемена самата администрација, се вели дека е решен статусот на стечајците, а стечајци секоја седмица протестираат во Скопје и во Куманово. Оттука, вистинитост има, ама таква каква што власта сака.

Во таа насока е искористен и настапот на една професорка, инаку редовен гостин кога треба да се фалат владините политики. Ќе немало проблем ако од другата страна имало соговорник кој би ги оспорил изјавите на професорката. Арно ама, такво нешто нема. Ај тоа што отсуствува, туку и да се потврди впечатокот на еднострани извори употребена е постара изјава на самиот премиер кој нормално самиот си се фали и ја куди опозицијата. Значи во делот на извори имаме 2:0 за владејачката партија.

Тоа се одразува и на самата суштина бидејќи партиската „обоеност“ на текстот не остава многу простор за квалитетна содржина која не се подобрува со кусата анкета на граѓани (само двајца) чии изјави, замислете, се на линија на основната теза дека „народот му верува на тој што сработел“. А, во самиот напис имаме изјава од премиерот – “Она што ќе го ветиме мора да биде реално и да го оствариме, тоа е одговорност“. Со ваквото „истражување“ на мислењето на народот доаѓаме до 3:0 за власта наспроти опозицијата.  

 

ДИЈАПАЗОНОТ, ДИЈАПАЗОНОТ…

Таквиот резултат кој, повторувам се базира врз наведеното во текстот: само еден соговорник, изјава од премиерот, „поддршка“ од граѓани, убаво го покажува степенот на пристрасност и неизбалансираност која почнува веднаш во текстот:

„Лажна арогантност и дискредитации наспроти програма и досегашни резултати кои гарантираат гласови. Во овој речиси компетно спротивставен дијапозан на карактеристики се наоѓаат моментно изборните понуди на двете најголеми партии, тврдат за еВести познавачи. Аналитичари на политичките процеси велат дека и овие избори како и сите во последните седум години ќе ги донесат истите дилеми – во земјава нема конкурентност на политички програми  од една страна е слабиот СДСМ кој премногу долго се бори со сопствената внатрешна слабост и безидејост, од друга страна владечаката партија која преку партиската машинерија моментно е фокисирана само на успех“.

и независно од дијапозанот си тера до крајот на написот за кој, иако е непотпишан, врз основа на изнесеното ќе кажеме дека е оригинал.

Насловната конструкција е во најмала рака претенциозна и тенденциозна.

„Анализа: Граѓаните ќе заокружуваат проекти, а не зборови и ароганција“

Претенциозна е бидејќи не е анализа, а тенеденциозна е поради пораката чија суштина е меѓу редови – „ќе гласате ли за власт од народот и за народот, или за „надуени“ салонци“. Класично искривување на реалноста, бидејќи прикажаното по 8 години владеење не е дека имаме само „народна власт“ која не се луксузира и не ги користи привилегиите кои одат со функцијата.

Една анализа не треба некого да „бабува“, секако не гарнитура која владее од 2006-тата, туку да разложува и објаснува, да начнува зошто и да одговара затоа што. Наместо тоа, оваа самонаречена анализа ни кажува дека опозицијата не чини, а дека власта е „супер“. Да сакаше публиката само тоа да го прочита ќе гледаше нечија партиска прес-конференција.

Сите коментари и забелешки поврзани со овој и другите написи на Вистиномер, барањата за корекции и појаснувања, како и предлозите за проверка на изјавите на политичарите и ветувањата на политичките партии, можете да ги доставите преку овој формулар

Оставете реакција