Рецензија: Анализа за реториката во досегашниот тек на претседателската кампања

sitel_com_mk_mk_analiza-za-retorikata-vo-dosegashniot-tek-na-pretsedatelskata-kampanja-1-crop-resize

Прилогот што го рецензираме има амбиција да се нарекува анализа, дури има и таков наслов: „ Анализа за реториката во досегашниот тек на претседателсската кампања“ . Па, во самиот старт ја  доведува во заблуда публиката, која во една новинарска анализа за изборите очекува да види објективен пресек на настапите, вокбуларот и пораките, кои од митинзите ги испраќаат учесниците во претсдателската изборна трка. Но, напсроти претензиите, овој материјал ни случајно не може да се оквалификува како анализа. Тој просто зрачи од тенденциозност и пристрасност.

sitel_com_mk_mk_analiza-za-retorikata-vo-dosegashniot-tek-na-pretsedatelskata-kampanja 1Линк до оригиналниот напис: Анализа за реториката во досегашниот тек на претседателската кампања

Датум и време на објавување: 4.04.2014, 17:55

Датум на рецензирање: 5.04. 2014

Рецензент: Оливера Војновска

 

ВИРТУЕЛНИ ЕКСПЕРТИ

Оваа медиумска содржина, која се затскирва зад виртуелни експерти, манипулира со вистина. Имено, во материјалот се издвоени неколку тонски парчиња (не се симнати во текстот на интернет) од настапите на претставници од опозицијата и нејзиниот претседателски кандидат, вклучувајќи и стари снимки од лидерот на СДСМ, со кои се прави конструкција  со очигледен мотив да се дисквалификува Пендаровски. Сепак, дури и од фрагментите, кои се извлечени од говорите на Пендаровски, не може да се поткрепи тврдењето пласирано во првата реченица на прилогот:

„Гнев и омраза наспроти отчетност и промоција на проекти“

Гледачите, можеби не ги следеле  сите говори, а и не мораат. Но, новинарот во интерес на вистината, е должен да каже  од кого, каде и кога биле испратени  пораки со „гнев и омраза“. Бидејќи, репликата на Пендаровски во која тој на еден од митинзите на присутните им вели:

„Слушајте ги кандидатите: Илјаз  Халими,  Зоран Поповски, Стево Пендаровски и Жак Ширак“!

иако има потсмешлив тон и иронизира со еден лапсус на претседатескиот кандидат на владејачката партија, сепак, не може да се каже дека е гневна. Ниту пак,  може да се иденитификува  како говор на омраза констатацијата:

„Само пет  – десет луѓе живеат добро, како бубрези во лој на врвот на државата. Сите други, дури и нивните, страдаат и чекаат по  некоја трошка да им турат од тоа масата на која ја прават гозбата“

Уште помалку „гнев и омраза“ може да се пронајде во изјавата на Пендаровски:

„Првото нужно решение кое новата Влада и новиот претседател ќе мора да го претстават пред македонските граѓани, е да се департизираат  институциите во кои шанса добиваат само партиските војници. Шанси за работа треба да добијат најдобрите, најшколуваните, најквалитетните кои ги поминале сите тестови и се први на ранг – листите“

 

НАГЛАСЕНА ПРИСТРАСНОСТ

Авторот  се повикува  на изборната кампања, меѓутоа има нагласено селективен пристап со забележливо отсуство на минумум објективност. На публиката ѝ се прикажани само делови од  јавните излагања на опозициските претставници, без притоа да ѝсе презентира ниту еден конкретен настап на претставниците од владејачката партија,  ниту, пак, на нивниот претседателски кандидат. Дотолку повеќе што излагањата на Иванов се оквалификувани како олицетворение на „отчетност“.

Во прилогот  е беспредметно да се бара балансираност, тој е  целосно едностран и во него засилено провејува наклонетост кон владејачката партија. Тоа е видливо од самата конструкција и манирот во кој се критикува Пендаровски. Пристрасноста не се покажува суптилно, туку  многу отворено:

„…говорите на Пендаровски избилуваат со напади за разлика од оние на актуелниот претседател Иванов во кои тој ниту еднаш не се осврна на својот против кандидат“

А, заклучокот на текстот прозвучува апологетски и делува дури додворувачки:

„За разлика од опозицијата, актулениот претседател останува фокусиран на македонските интеграции, стабилноста на земјата, соживотот меѓу граѓаните и напредокот во економијата“

 

НИШТО БЕЗ ЦРВЕНКОВСКИ!

Целиот напис е скроен во форма на критичко, поточно критизерско четиво. Текстот почнува со коментар и продолжува во таков тон. А неизбежно, за ваквиот тип на новинарски производи, е во некаков контекст да се спомене и поранешниот претседател на државата и лидер на СДСМ.  Па, така откако  авторот ќе констатира  дека  „Стево Пендаровски конечно го покажа вистинското лице на СДСМ“,  доаѓа до спектакуларното откритие:

…слични настапи полни со гнев и омраза има и партиското раководство, што е практично наследство од нивниот ментор Црвенковски.

Едноставно, приказната мора да има линк кој води до Црвенковски! Колку да се потсети на ветувањата кои ги давал пред повеќе од десет години, и притоа, да се стави знак на равенство со Пендаровски!

Констатациите пак, од типот:  „недостаток на идеи на Бихаќка“ и изборниот слоганот е „комбинација од два слогани кои ВМРО-ДПМНЕ ги користеше во претходните избори“, затскриени зад параванот „експертите коментираат“ ,  прозвучуваат како изјавите и соопштенијата дадени или испратени од  Централата на владејачката партија.

„…во атмосфера на безидејност и без вистинска програма на СДСМ му преостанува само директно да го навредува конкурентот, при тоа заборавајќи на богатата архива политички гафови на сопствениот лидер“

 

ОЦРНУВАЧКИ ПРИЛОГ

Насловот е безличен и неинвентивен за ваква „продлабочена“ анализа. Паѓа во очи и тоа што материјалот е илустриран  само со два инсерти од Иванов, а наспроти тоа доминираат снимки од митинзите и од средбите со граѓани на Пендаровски и на сегашното раководство на СДСМ. Прикажани  се и стари изјави на лидерот на СДСМ,  потоа  некои од кандидатите за пратеници, но и дел од актуелните пратеници кои не се најдоа на кандидатските листи. Се гледаат и кадри од некогашните митинзи на Црвенковски, кои треба да ја заокружат манипулативната порака што и се испраќа на публиката.

Во прилогот нема говор на омраза, но тој е крајно непрофесионален и оцрнувачки со видлива тенденција за дискредитација на личноста на  Пендаровски. И, додека може да се најде разбирање  на ваков начин да бидат интонирани прес-конференциите на партиските претставници кои го пратат Иванов во кампањата, тоа е сосема несоодветно за еден новинар.Авторот, не успеал или, можеби, не сакал да изгради дистанца при правењето на написот. И на тој начин (не)свесно ги прекршил востановените принципи на  етички исправното новинарство.

Сите коментари и забелешки поврзани со овој и другите написи на Вистиномер, барањата за корекции и појаснувања, како и предлозите за проверка на изјавите на политичарите и ветувањата на политичките партии, можете да ги доставите преку овој формулар

Оставете реакција