Рецензија: Андреј Жерновски не пријавил во Анкетниот лист дека поседува куќа во Центар?
Кога информациите на чуден начин пристигнуваат до редакциите, а засегнатите никој не ги прашува.
Линк до оригиналниот напис: Андреј Жерновски не пријавил во Анкетниот лист дека поседува куќа во Центар?
Датум и време на објавување: 01.04.2013, 17:14:40
Датум на рецензирање: 02.04.2013
Рецензент: Биљана Илиќ
Вистинитост на факти: Написот тврди дека во време додека ја извршувал пратеничката функција, Жерновски не пријавил во анкетниот лист во Антикорупциска комисија дека поседува куќа, иако за тоа, како пратеник, имал законска обврска. Написот изнесува детали за спорниот имот, вклучувајќи и принтскрин од страницата на имотниот лист.
За жал, овие наводи не се сопоставени со исказ на засегнатата страна и евентуално објаснување од надлежниот орган, за целосно да се утврди нивната точност и веродостојност.
Извори на информации: Нетпрес се повикува на свои, неименувани извори и на информации кои „пристигнале“ до агенцијата. Поради тоа, не може да се утврди нивната релевантност. Единствено се знае дека како извор не е консултиран засегнатиот Жерновски.
Интересно е дека ден по објавувањето на овој напис, на прес конференција се огласи портпаролот на ВМРО-ДПМНЕ, Александар Бичиклиски. Всушност, како изворник на оваа информација сега се јавува агенцијата Нетпрес.
Ден по написот, се огласи и Жерновски, со објаснување дека станува збор за куќа во која веќе 80 години живее неговото семејство.
Изненадување е зошто Нетпрес не побарал објаснување и од Антикорупциската комисија.
Содржајност: Тешко е да се каже дали веста прикрива информации, но отсуството на објаснување на Жерновски ја прави несеопфатна.
Пристрасност: Написот делумно ја прикажува вистината за куќата во која живее Андреј Жерновски и особено околностите околу (не)пријавувањето на тој имот во Антикорупциската комисија. Авторот е наклонет кон верзијата што ја разбрал од неименуваниот извор.
Во екот на кампањата за локалните избори, во неизвесната трка за општина Центар, пропуштањето на обврската да му се даде право на одговор на засегнатиот, може да се квалификува како политичка пристрасност.
Плагијат: Текстот, стандардно, е потпишан од агенцијата.
Квалитет на насловот: Насловот ја носи централната информација на текстот и тој е јасен и информативен. Збунува прашалникот на крајот на насловот, кој, претпоставуваме, сугерира отсуство на одговор на засегнатата страна и извесна несигурност во изнесените тврдења.
Говор на омраза: Со објавувањето на имотниот лист за имотот на семејството Жерновски, авторот ги прави достапни личните податоци на три лица од ова семејство – нивните лични адреси и податоците за нивната имотна состојба.
Доколку со едно екстензивно толкување на Законот за заштита на лични податоци (ПДФ) можеме да кажеме дека овие податоци за кандидатот Андреј Жерновски се информација од јавен карактер, истото не би можело да се каже и за лицата Кирил и Лира Жерновски.
Заклучок: Наводниот скандал за непријавениот имот на Андреј Жерновски е уште еден во серијата јавни атаци врз кандидатот на опозицијата за градоначалник на скопската општина Центар. Агенцијата Нетпрес влегла во приказната врз основа на тврдење на неименувани извори и информации кои на необјаснет начин „пристигнале“ во редакцијата.
Авторот, практично, ја презел ризичната обврска да биде извор на оваа информација, без притоа да почувствува обврска да побара исказ од засегнатата страна. Ден по објавувањето на оваа вест, таа послужи за канонада од напади врз кандидатот Жерновски, објавени речиси во сите медиуми.
Оваа рецензија е изработена во рамките на Проектот на УСАИД за зајакнување на медиумите во Македонија – Компонента Сервис за проверка на факти од медиумите, имплементирана од Метаморфозис. Рецензијата e овозможенa сo поддршка на Американската агенција за меѓународен развој (УСАИД). Содржината на рецензијата е одговорност на авторот и не ги одразува ставовите на Метаморфозис, УСАИД или Владата на САД. За повеќе информации за работата на УСАИД во Македонија, ве молиме посетете ги веб-страницата (http://macedonia.usaid.gov) и Фејсбук-страницата на УСАИД (www.facebook.com/USAIDMacedonia).
Сите коментари и забелешки поврзани со овој и другите написи на Вистиномер, барањата за корекции и појаснувања, како и предлозите за проверка на изјавите на политичарите и ветувањата на политичките партии, можете да ги доставите преку овој формулар