Рецензија: Бакал од Кичево плати 1,88 милион евра за акции во „Европа“

Прилогот за една, навидум, обична берзанска активност, на овој портал добива димензии на првокласна вест, дури и сензација, заради откривањето на идентитетот на правното лице кое купило акции на скопската фабрика „Европа“.

Оваа проширена вест докажува дека големите вести понекогаш лежат во малите, секојдневни работи, само ако се покаже малку поголемо љубопитство, односно кога на една вест ќе и се даде поголема содржајност.

Рецензија: Бакал од Кичево плати 1,88 милион евра за акции во „Европа“Линк до оригиналниот напис: Бакал од Кичево плати 1,88 милион евра за акции во „Европа“

Датум и време на објавување: 15.07.2013, 14:29

Датум на рецензирање: 16.07.2013

Рецензент: Љубомир Костовски

Вистинитост:

„Кичевска компанија за трговија на мало, сопственост на едно лице, плати 1,88 милиони евра и купи 18 отсто акции со право на глас во скопската кондиторска индустрија ’Европа ’. Kичевецот Селаудин Арифи, сопственик на фирмата ’АС Сењак’ плати 116 милиони денари на ’Стопанска банка Битола’, која е продавач на овие акции, и во време на економска криза во која голем број домашни компании мака мачат со ликвидност или се воздржуваат од инвестирање, стана сопственик на 46.005 акции во ’Европа’. Сега кичевската фирма е акционер што рамноправно ќе одлучува за активностите на ’Европа’ со сегашните најголеми акционери ’Фершпед ’ и ’Макошпед ’.“

Во само неколку реченици оваа вест донесува низа од точни и битни за приказната информации.

Извори на информации: Новинарите на порталот побарале на неколку места сознанија за фирмата, односно сопственикот, кој влегол во можеби најтаинствената компанија која котира на Македонската берза (по архивите на вести, во Централниот регистер, се интересирале за состојбите кај продавачот – „Стопанска банка од Битола“ и т.н.), а сакајќи да не останат на оние информации кои како обврзувачки ги дава самата Берза, односно нејзината служба.

Содржајност: Со многубројноста на изворите на кои се потпира веста, таа добива на содржајност, па така дознаваме дека се работи за компанија која се бави со трговија на мало во Кичево, мал град со скромна активност на сите стопански полиња , но која, постојано се обидува да ги шири полињата на кои го „заработува лебот“, често и надвор од регистрацијата (локален сообраќај), за што е казнувана, што е доволно да ја заскокотка општата љубопитност за купувачот без да се излезе од „коритото на веста“.  

Пристрасност: Написот не претендира да ја открие целата вистина за оваа купопродажба на импозантна сопственост во многу профитабилна фирма, туку, напротив сака да укаже дека тука веројатно допрва ќе се откриваат мотивите на купувачот. Тие би биле врзани за  дилемата зошто некој не купил нешто што, сепак, го прави доминантен сопственик, а дал капитал кој тешко се заработува во скудни времиња, намирисувајќи некакви идни здружувања или докупувања на акции?

Во однос на зависноста на „Европа“ од т.н. влашко лоби, кое ги држи конците во неа, како и заради обидот на неколку купувачи да го разбијат сопственичкото „јадро“ во „Европа“, што на моменти беше драматично присутно во фабриката и кај раководството, авторот или авторите на написот задржуваат доволна дистанца во однос на таа историја на кондиторите од Скопје,  не отворајќи ги до крај сите прашања што ги носи иднината за да не изгледаат пристрасни. Текстот и без ова ја задржува содржајноста и богатството од факти!

Квалитет на насловот: Насловот е интригантен и во себе ја содржи скокотливоста на веста, укажувајќи на тоа како еден практично анонимен стопанственик влегува во големото друштво на берзански играчи.

Фотографија: Написот објавува фотографија на берзанското ѕвоно кое кај нас не функционира, но останува симбол на секојдневното работење и речиси е незамисливо да биде одбегнато како илустрација кога не се даваат фотографии од некој од актерите на зделките.

Заклучок: Ова е еден од оние добри примери како порталите можат да покажат завидно ниво на професионалност. За жал, самиот портал ја потценил оваа своја вест во пласманот и понудата споредено со другите кои ги донесе тој ден.

Сите коментари и забелешки поврзани со овој и другите написи на Вистиномер, барањата за корекции и појаснувања, како и предлозите за проверка на изјавите на политичарите и ветувањата на политичките партии, можете да ги доставите преку овој формулар

Оставете реакција