Рецензија: Бакрачески ги кара медиумите, а бил на викенд во Грција
Кон средината на осумдесеттите години во екс-Југославија економско-политичките прилики почнаа да стануваат се полоши. Колективното раководство од „стар ков“ не ги признаваше лошите вести. Една анегдота вели дека кога на некој состанок на државниот врв биле изнесени анализите и проценките на странските агенции и медиуми за состојбата во СФРЈ, некој од раководителите прашал чија е таа анализа. „Па, на Ројтерс“. „Сопрете го тој Ројтерс“, рекол анонимниот раководител на овој епохален „кризен менаџмент“.
На оваа анегдота деновиве не потсети охридскиот градоначалник Бакрачески. Градот под неговиот менаџмент е ОК, само не чинат медиумите.
Линк до оригиналниот напис: Бакрачески ги кара медиумите, а бил на викенд во Грција
Датум и време на објавување: 07.08.2014
Датум на рецензирање: 08.08.2014
Рецензент:Стојан Синадинов
Пренесувањето на прес-конференцијата на охридскиот градоначалник во овој текст е коректно задржување на главните поенти. За градоначалникот еден од главните виновници за просечната или лоша туристичка сезона се медиумите:
„Ваквиот апел доаѓа бидејќи, според Бакрачески, немало ден, а во некој од медиумите да не се објавел тенденциозен и некоректен прилог, во кој неосновано се критикува Охрид. Од друга страна, според него, цело лето во медиумите немало афирмативен прилог со кој би се промовирале туризмот во градот, неговите вистински вредности и предностите во однос на селцата и населбите во Грција, каде што летуваат најголем дел од македонските туристи.“
Но, за разлика од другите медиуми, кои опширно, до последен збор, ги пренесуваат „клеветите“ на охридскиот градоначални, овој текст нуди и контрааргумент:
„На прашање дали пред неколку дена, во екот на туристичката сезона во Охрид, бил на годишен одмор во Грција, градоначалникот одговори: “Да, бев два дена во Грција. Она што е за респект во Грција, Хрватска и во другите соседни земји се добрите острови, топлата морска вода, убавите ресторани. Јас не сметам дека треба да ги стимулираме граѓаните да не одат онаму каде што решиле да го поминат годишниот одмор”, изјави градоначалникот Бакрачески.“
На овој начин е неутрализирана пристрасноста на градоначалникот, кој ги обвинува медиумите за нешто што е дел од описот на неговата функција, па на виделина излегуваат контроверзите на неговите ставови. Испаѓа дека според статистиките на охридските челници добро им оди сезоната, пораснал бројот на странски туристи (иако опаднал бројот на домашните), ама проблемот е само со медиумите кои имаат негативен став кон оваа туристичка дестинација заради цените и условите.
„Тој додаде дека “Охрид има и недостатоци, мани и грешки во организацијата во летната сезона, на кои ние интензивно работиме”, но “издржаните критики ги прифаќаме, а не оние кои се невистинити и со кои се прави штета на градот”. Тој смета дека поради таквите пишувања, намален е бројот на домашни туристи, а е зголемен бројот на странските. “
Кратко кажано, негативниот коментар е со негов потпис.
Насловот на текстот е јасен, соодветен и доволно информативен за да ги отслика и двете страни на проблемот со лошата туристичка сезона во Охрид.
„Не го убивај гласникот“, вели една поговорка, бидејќи веста која не ви се допаѓа, вака или онака, сепак ќе пристигне. Односите со јавноста како дел од кризниот менаџмент, колку што подразбираат решавање на проблемите, толку подразбираат и партнерство со медиумите. Владата, ете, со години истура пари за туристичка промоција на Охрид (и Македонија), а нејзиниот прв човек во Охрид ги кара медиумите дека биле виновни за лошиот резултат на годинешната туристичка сезона.
Сите коментари и забелешки поврзани со овој и другите написи на Вистиномер, барањата за корекции и појаснувања, како и предлозите за проверка на изјавите на политичарите и ветувањата на политичките партии, можете да ги доставите преку овој формулар