Рецензија: Балканот го тресе класна војна

FireShot-Screen-Capture-231-Балканот-го-тресе-класна-војна-crop-resize

„Kога поголем број луѓе премногу време гледаат дека животот не им се подобрува, туку напротив, им се влошува, а во секоја држава и во секоја нација има поединци што многу се збогатија за кратко време, ги тргаат националните теми настрана и многу повеќе размислуваат за класните разлики, велат регионалните аналитичари“.

Ова е вовед во текстот со кој се анализираат сѐ уште експлозивните настани во БиХ. Авторот се труди да ја види социјалната страна, од мотивите и развојот на настаните сѐ до нивната преносливост на целиот Балкан, давајќи компаративни сугестии во таа насока. Компарацијата посебно паѓа во очи во ситуација кога на оваа тема се оди површно, се политизира или ситуацијата во Сараево и другите градови се прикажува небаре се работи за строго локална појава, бидејќи „тие се најлошите“ во регионот, што не е точно како што покажува написот.

Балканот го тресе класна војна

Линк до оригиналниот напис: Балканот го тресе класна војна

Датум и време на објавување: 11.02.2014

Датум на рецензирање: 15.02.2014

Рецензент: Љубомир Костовски

Вистинитост: И оние кои биле во БиХ скоро, и оние кои ги познаваат приликите како проследувачи на статистичките „перформанси“ на државите што се создадоа на територијата на поранешната СФРЈ, се секако сигурни дека постојат заеднички карактеристики на економско-социјалната состојба кај секоја земја поединечно во однос на соседите и малку пошироко. Авторот ги реди настаните на Балканот кои последните две години имаа експлозивна „смеса“ и кои беа поттикнати од неправди на транзицијата, брзото социјално раслојување, чувството на беспомошност кај обичниот народ и неговата убеденост дека некој при сето ова неправедно стекнал енормно богатство во насока на наоѓање на нивни социјални врски.

Извори на информации: Босанскиот аналитичар Зехиријах Смаиќ му служи на авторот на текстот да ги деполитизира настаните и да им ја даде претежната социјална или, како што тој вели, класна боја. Со своја анализа на текстот се придодава и македонскиот аналитичар, социологот Ѓорѓи Тоновски, кој објаснува зошто во земјава доминира националното место социјалното во маркирањето на проблемите за кои јавно би говорел и протестирал нашиот граѓанин.

На крајот, авторот се потрудил да ги извлече статистичките податоци за секоја земја во регионот по три основи (показатели) – степенот на сиромаштија, БДП по жител (куповната моќ) и стапките на невработеност, што сума сумарум јасно ја дава ситуацијата за секоја држава поодделно и бара дополнителни толкувања – зошто некои народи реагираат со стомакот, а некои со националните митови во рацете.

Содржајност: Од дадените податоци кои се доволно речити, произлегува дека БиХ е далеку од тоа да е најсиромашната земја во регионот, па дури е сосема јасно дека социјално-економските состојби во Македонија, на пример, се далеку полоши во тој поглед. Нашава земја е втора по невработеност, зад Косово, прва по стапката на сиромаштија и во средината по БДП-то. Босна е во некои од показателите во подобра ситуација, само таму, сепак, на народот му дошла „жолтата минута“. На што ова укажува – како да прашува авторот и без да го постави тоа прашање, кое останува да виси над главата на читателот?!

Пристрасност: Пристрасноста во текстовите на тема нередите во БиХ се движеа главно во таа насока да ја потиснат појавата во нејзиното „гето“, потоа да ги нарачат нередите „нарачани“, без корен во земјата, па да ги наречат дури и прикриено националистички, дури и исламистички… ама овој текст ги враќа оценките на местото каде се случиле и го докажува нивниот социјален корен. Што би се рекло – најмалку пристрасност има ако се држиме до вистината и ако не политизираме. Основ за таквата пристраснот кај дел од нашите медиуми беше токму тоа – да не се префрли „вирусот“ на наше тло, како прво и ако веќе се префрли – тој да не добие „класна боја“, со што однапред би се оквалификувал како неоправдан.

Коментирање: Авторот не коментира во текстот, а неговите аналитичари си ја даваат оценката врз основа на реторика која е вообичаена за ваков вид на новинарска консултација по темата.

Оригиналност/Плагијат: Текстот е секако оригинален и ниту во приодот не е споредлив со оние кои главно беа објавувани кај нас на таа тема.

Квалитет на насловот: Иако кус, насловот ја дава целосно идејата на авторот – да покаже дека Полуостровот повеќе не страда само од националните конфликти, кои до сега беа доминантни, ако не и претежни, туку дека незадоволството генерира и можни социјални револуции.

Фотографија: На фотографијата е една секвенца од нередите, пред управата на фирмата „Содасо“, каде тие и започнаа (заради отпуштања на работниците од оваа фирма, која се приватизираше). Фотографијата нѐ носи на изворот на немилите настани. Штета што фотографијата нема легенда, која би го насочила и читателот во вистински правец на опсервација.

Заклучок: Написот за кој станува збор го поставува прашањето каде на Балканот овие протести ќе продолжат и дури и ги антиципира нередите во Подгорица, консултирајќи свои колеги во овој град пред тие таму навистина да се случат! Прашањето што целиот Балкан сега си го поставува е дали ова ќе продолжи. Па, ако погледнеме на табелата и не треба премногу да погодуваме, иако реално сите земји се – за никаде!

Сите коментари и забелешки поврзани со овој и другите написи на Вистиномер, барањата за корекции и појаснувања, како и предлозите за проверка на изјавите на политичарите и ветувањата на политичките партии, можете да ги доставите преку овој формулар

Оставете реакција