Рецензија: Балканците сe потешко ги враќаат кредитите
По завршувањето на локалните избори, економските теми се враќаат во медиумите. Една од тие теми е блокадата на сметките на фирмите и поединците кај нас, со најновите податоци кои ги дава НБРМ. Тие се поразителни и говорат дека се наоѓаме среде голема економско-социјална криза.
Но, дневниот весник „Дневник“ се обидува да ја релативизира таа слика и прави еден вид проширување на темата, ставајќи ја во регионални рамки и говорејќи притоа дека ние сме „најдобри во регионот“ по тоа прашање, небаре од тоа на народот и фирмите ќе им биде подобро.
„Статистиката на Народната банка на Македонија за претходниот месец покажа раст на вкупните издадени нефункционални кредити, кои достасаа вкупно 415 милиони евра. Тие се 11,7 отсто од вкупните кредити што дотогаш ги издале банките. Банкарски аналитичари и самите банкари велат дека процентот може да расте, но дека засега не е опасен.“ – се вели во воведниот дел на текстот.
Меѓутоа прашањето на нефункционалните кредити е во директна зависност од платежната неспособност на фирмите и граѓаните да вршат какви било плаќања што како податоци исто така стојат „при рака“ во последните извештаи на НБРМ и банките.
Линк до оригиналниот напис: Балканците сe потешко ги враќаат кредитите
Датум и време на објавување: 10.04.2013, 19:11
Датум на рецензирање: 11.04.2013
Рецензент: Љубомир Костовски
Вистинитост на факти: Изнесените податоци за нефункционалните кредити можат да бидат утешни во пошироки рамки, бидејќи имаме „само“ 11,7 отсто такви, при што се истакнува дека кај нас државата е најголем работодавец и таму се вршат редовни исплати на плати и во таа насока се цитира директор на НЛБ Тутунска банка.
Истиот ден Утрински на темата и приоѓа на поинаков начин, повикувајќи се на податок на НБРМ дека имаме драматичен број на блокирани сметки во земјава (130.000 субјекти од кои 90.000 се физички лица). Ако има толку блокиран сметки ќе има и поплава од нефункционални кредити. Денес или веќе утре.
Извори на информации: Така доаѓаме до тоа овој текст и кога користи повеќе извори и прави убави споредби, сепак прикрива една очајна економска ситуација. Утрински на слична тема тврди дека:
„Тоа покажува дека се’ повеќе граѓани се под блокада по основ на судски решенија за наплата на доспеани долгови.
Бројот, пак, на фирмите кои имаат блокирани жиро-сметки поради извршни решенија за неплатен обврски кон банки, долгови меѓу самите фирми, но и долгови кон државата, од почетокот на годинава е ист.
Ако се направи споредба март со февруари годинава, излегува дека за само еден месец вкупните блокирани сметки се зголемиле за 3.800. Алармантно е што сите нови блокирани сметки се на физички лица. Додека ако се спореди март годинава со истиот месец од минатата година, вкупниот број на блокирани сметки се зголемил за речиси 25.000.“
Ќе мора да признаеме дека за една мала земја со слаба економија ова се навистина драматични бројки.
Содржајност: Оттаму овој текст сака да направи розова ситуација во миг кога таа може да се бои само со многу темни бои. На пример, се прескокнува податокот дека ненаплатливоста на кредитите на граѓаните достигнува сума од 417 милиони евра, што како бројка не може да нè остави рамнодушни.
Пристрасност: Текстот веројатно сака да ја зголеми довербата на граѓаните во банките кога таа е разнишана, ама се прави превид за вистинскиот степен на економската истоштеност на фирмите, а сега и на граѓаните.
Квалитет на насловот: Насловот е сосема во согласност со темата која дефокусира, односно нашите ситуации ги мери со оние на некои други земји и по нив излегува дека оние сопственици на 90.000 блокирани жиро сметки кај граѓаните веројатно треба да бидат среќни заради тоа, а ние како земја задоволни од состојбата.
Фотографија: Фотографијата е општа и непрепознатлива по местото каде е направена, како што е вообичаено кога се дава илустрација за банкарско работење.
Заклучок:
„Народната банка минатата недела донесе нова одлука со која одреди поголеми резервации за покривање на нефункционалните пласмани, со која минималната резервација се зголемува од 25 на 30 проценти“.
Ова е последната реченица на текстот кој фактички признава дека НБРМ е загрижена за состојбите со ненаплатливоста на кредитите кај нас и одредува поостри мерки во работењето на банките.
Оваа рецензија е изработена во рамките на Проектот на УСАИД за зајакнување на медиумите во Македонија – Компонента Сервис за проверка на факти од медиумите, имплементирана од Метаморфозис. Рецензијата e овозможенa сo поддршка на Американската агенција за меѓународен развој (УСАИД). Содржината на рецензијата е одговорност на авторот и не ги одразува ставовите на Метаморфозис, УСАИД или Владата на САД. За повеќе информации за работата на УСАИД во Македонија, ве молиме посетете ги веб-страницата (http://macedonia.usaid.gov) и Фејсбук-страницата на УСАИД (www.facebook.com/USAIDMacedonia).
Сите коментари и забелешки поврзани со овој и другите написи на Вистиномер, барањата за корекции и појаснувања, како и предлозите за проверка на изјавите на политичарите и ветувањата на политичките партии, можете да ги доставите преку овој формулар