Рецензија: Биографија на првообвинетиот шпион во истоимената афера

„Има 52 години и огромно искуство во разузнавање и контраразузнавање. На велешанецот Марјан Ефремов кој ја предводел групата опфатена со Шпион можат да му позавидат и разузнавачите на светските разузнавачки служби…Биографијата на Ефремов е збогатена со серија курсеви за разузнавање организирани од странски разузнавачки служби а во неговите способности се вбројува и доброто познавање на компјутерски и други технички апарати како и одлично познавање на грчкиот јазик“.

Ова е клучниот извадок од прилогот со кој не само што се нарушува презумпцијата на невиност на еден од приведените во акцијата „Шпион“, туку истиот се прогласува за првообвинет, а за да ја „заслужи“ таа титула му се „украсува“ биографија која ама по ништо не може да ги заслужи доделените епитети од страна на авторката на прилогот.

Биографија на првообвинетиот шпион во истоимената афера

Линк до оригиналниот напис: Биографија на првообвинетиот шпион во истоимената афера

Датум и време на објавување:20.09.2013 – 18:22

 Датум на рецензирање: 20.09.2013

Рецензент: Љубомир Костовски

Вистинитост: Иако истрагата за случајот „Шпион“ има превез на строго доверлива и за неа ниту адвокатите на одбраната не смеат да говорат ништо, секоја вечер на некоја од македонските телевизии гледаме парчиња од истражните дејствија. Едно од повпечатливото кршење на новинарскиот кодекс и на законските обврски кај предистражните дејствија е овој прилог, каде целосно пред нас се „расклопува“ личноста на еден од приведените во оваа акција. Нема двојба дека новинарката дошла до работната биографија на обвинетиот и дека таа е – условно – службена, како што нема двојба дека објавувањето на таков текст е сосема идентичен потег во однос на презумпцијата на невиност со објавувањето на голем портрет на некој обвинет на насловната страница на весник уште во истражно дејствие!

Извори на информации: Авторката не го наведува изворот на своите информации, иако е сосема јасно дека тоа мора да е полицијата, бидејќи осомничениот бил нивен вработен во поголем дел од животот, како и дека во досегашниот тек на истражните дејствија постапувала само МВР. Кога веќе се симнал превезот од ликот на т.н. првообвинет, барем новинарката да се потрудела да најде и други извори, кои евентуално ќе дале пошироко видување на таа личност. Можеби новинарката тоа и се обидела, ама веројатно поголем дел од стручната јавност е сосема свесен за потребата да се молчи во оваа фаза на процесот.

Содржајност: Низ текстот, кој не е правен барем да биде надвор од бирократскиот речник на воено-полициските биографи,  недостасуваат многу клучни детали. На пример, кога еден командир на техничка чета станал подобен да биде разузнавач? Како од ЈНА споменатиот дошол во АРМ, кога постоеше селективен пристап во РМ од јасни причини. Како еден курсист стигнал да извршува одговорна функција во воената безбедност и како потоа добивал високи функции во цивилната безбедност. Најсетне, од каде му се нему врските со другите приведени и како тој станал шеф … Ова се многу сегменти кои требале да направат една издржана приказна, се разбира недозволива од аспект на етиката, но барем да биде професионално стокмена, кога етиката стана традиционално слаба страна во македонскиот журнализам.

Пристрасност: Во услови кога операцијата „Шпион“ е правена врз случајно дојдени податоци при друга операција (Ликвидација), целата истрага виси токму кај приведениот кој е прогласен за клучен. Новинарката практично прави спин во корист на полициската истрага, кој него треба да го направи „Џемс Бонд“ а тој е, всушност, само, според изнесеното, бесмислено туркано лице во кариерата кое би чмаело во некоја техничка работилница на старата ЈНА, а на кое му се дадени „крилја“ за кои тој немал никакви способности; згора бил и на два пати теран од работа за сериозни работни прекршоци. Така, спинувањето едноставно се претвора во своја спротивност, бидејќи ја проблематизира основаноста на прогласувањето на обвинетиот за сериозен шпион!

Оригиналност/Плагијат: Не е јасно дали авторката има било каков придонес во изнесената содржина, освен што механички го пренела она што и било дадено како материјал од „таму каде што треба“. Но потписот е јасен и читок.

Квалитет на насловот: Насловот е само насочувачки и со истата содржина можел да биде поднаслов, меѓунаслов или нешто слично. Комплетно неинвентивно.

Фотографија: Прилогот има само една неквалитетна и „дискретна“ фотографија од  одземените предмети.

Заклучок: Со овој прилог се продолжува да се крши презумпцијата на невиност, која, за волја на вистината е правило кај нас, пошироко експлоатирано, особено кога самата полиција не внимава на тоа и кога масовно дели касети и друг пропаганден материјал наоколу. Во таква атмосфера дури се јавува и натпревар по „екслузивности“ што оваа вечер и се случиле на оваа телевизија, а некоја друга вечер веројатно на некоја друга.

Сите коментари и забелешки поврзани со овој и другите написи на Вистиномер, барањата за корекции и појаснувања, како и предлозите за проверка на изјавите на политичарите и ветувањата на политичките партии, можете да ги доставите преку овој формулар

Оставете реакција