Рецензија: Бившиот на Весна Бејби доби ќерка

Бившиот на Весна Бејби доби ќерка-crop-resize

Текст кој имал намера да биде сензационален, со бомбастичен наслов што требало да ја „продаде“ информацијата, но вака како што е пласиран, дефинитивно е пример за лош текст, во кој новинарот покажал несериозност и непрофесионалност. Најголемиот проблем е што во текстот се изнесуваат лични и семејни прилики за кои нема,  ниту може да се оправда потребата од јавен интерес.

Замислете каква информација ни нуди весникот – дека „бившиот маж на Весна Бејби добил ќерка“. За бившиот маж, благодарејќи на информациите во текстот, читателите  дознавааат дека се викал Јанко Тренковски, дека е директор на приватно пензиско друштво, а детето му е од друга жена. Да одиме по ред. Кој е јавниот интерес, во насловот да ни се пласира информација дека нечиј бивш (поранешен) маж добил дете со друга жена? Ако брачната заедница е раскината, како што е во случајов, кој е мотивот на весникот во насловот да игра со името на поранешната сопруга.

По разводот никој не може да биде ниту „негов“ ниту „негова“, па, оттаму, вака пласираниот текст може да се протолкува како обид за дискавалификација на сите за кои се пишува: дека Јанко на пример нема идентитет, па мора да се шлепа на името на поранешната сопруга. Па, дури и кога му се родило дете, што е негова лична и приватна работа, и нема никаква врска со споменатата поранешна сопруга, Јанко е претставен како бившиот сопруг на Весна Бејби. Што сакале да испровоцираат кај Весна, може само да погодуваме, а најголемата навреда, според вака пласиранава информација би била насочена кон сегашната сопруга, мајката на детето, која, според текстов, излегува дека воопшто не е битна во целава приказна. Поважни се бившите кои се ставени непотребно како зачин во манџа, иако родилката се наоѓа на фотографијата на насловната страница на весникот како го држи детето в раце. Зошто ваков наслов кога имале фотографија од детето?

Колку и да се тврди дека станува збор за естрада, за јавни личности, самото поставување на текстот на насловната страница и потенцирањето на името на бившата со друга боја на букви, доволно говори дека намерата не била да информираат само кој добил дете.

Дополнителен проблем е и поставувањето на фотографијата со бебето на насловна страница, независно што весникот ја добил од родителите. Секогаш мора да има оправдување, да преовладува јавниот интерес за објавување на вакви фотографии. Но, во случајов кој е јавниот интерес да знаеме дека нечиј поранешен сопруг добил дете, а тој да нема ниту политичка или силна јавна функција за што би била заинтересирана јавноста? Во овој текст се содржани елементи на делото „изнесување на лични и семејни прилики“ па доколку „бившата“ реши да бара сатисфакција за конотацијата во која е ставена, весникот може сериозно да биде „опоменат“ за ваква грешка.

Sashe-bejbi-dete-skanЛинк до оригиналниот напис: Бившиот на Весна Бејби доби ќерка (за да го прочитате целиот текст во фототипска форма, кликнете на скенот лево)

Датум и време на објавување: 30.01.2014

Датум на рецензирање: 04.02.2014

Рецензент: Саше Димовски

Вистинитост: Текстот е вистинит во поголем дел, но начинот на кој е пласиран ја засенува нишката на вистиност, па вниманието непотребно се насочува кон споредни детали. Затоа и ние не ја коментираме информацијата за раѓањето на детето, туку „зачините“ кои ни ги нуди содржината.

Содржајност:  За ваков тип на „полужолти“ информации  има доволно елементи кои го прават текстот содржаен, ако ги исклучиме насловот со потенцирање на бившата, споменувањето на децата, па и делот на изјавата на соговорникот кој возбудено раскажува за тоа што направиле гинеколозите во родилната сала. Ако на соговорникот тоа му е ново и непознато искуство, весникот не треба да навлегува толку во детали и да ги пренесува емоциите кои се апсолутно неважни во целиот склоп на околности.

Пристрасност:  Се забележува нагласена пристрасност, која резултира со таков наслов и со негативна конотација на успешни и неуспешни ликови за кои ниту имало повод, ниту пак тоа треба да им е мотив на новинарите при пласирање на текстовите.

Оригиналност/Плагијат: „Веќе видено“. Ова би бил мојот коментар за ваков начин на пласирање на информации. Станавме сведоци дека медиумите се полни со наслови кој со кого е во врска, кој колку пати ја раскинал врската, веридбата или свадбата, кој се развел. Ново е само на бившите да им се прикачуваат наслови како овој, кој не треба и нема никаква допирна точка со нив. Неделава сме сведоци на слични вести кои не информираа дека „бившата девојка на Тоше Проевски се омажи со братот на министерот Спиро Ристовски“. Уште еден пример каде младенците не се важни, туку нивните поранешни партнери или актуелните функционери. Затоа, овој вид на вести мора што побрзо да бидат ставени на ѕидот на срамот и да се потенцира нивната „оригиналност“ за медиумите да станат повнимателни во изнесувањето на семејните прилики за луѓето за кои пишуваат.

Квалитет на насловот: Лош, тенденциозен и безобразен, кој омаловажува и спинува.

Фотографија: Фотографијата, без оглед што е добиена од некој од родителите, не е соодветно  пласирана, а насловот, пак, на текстот, го поставува прашањето: зошто ваква фотографија ако нѐ информирате за тоа што постигнал нечиј поранешен сопруг. Тогаш, на местото на оваа фотографија, можеби би било „посоодветно“ да стои фотографија од Весна и Јанко, за да ја оправда целта од насловот.

Заклучок: Приватна, лична работа која непотребо се претвора во сензација. Новинарите и во ваквите текстови, колку и да се жолти, мора да внимаваат на новинарските стандарди. Можеби би нашло оправдување ако на крајот на текстот била дадена информација дека среќниот татко претходно имал брак во кој имал или немал деца, иако и тоа би било вишок, ако низ текстот провејува информативна, а не шпекулативна нота. Но, никако во наслов. Вака, непотребно се заплеткуваат работите, се губи смислата на информирањето, насловот засега поголем број луѓе, а читателот е оставен во недоумица се прашува: што сакал да каже авторот? Навистина, што сакал да каже авторот во текст со ваков наслов?

Сите коментари и забелешки поврзани со овој и другите написи на Вистиномер, барањата за корекции и појаснувања, како и предлозите за проверка на изјавите на политичарите и ветувањата на политичките партии, можете да ги доставите преку овој формулар

Оставете реакција