Рецензија: Бранко Геровски – полициски новинар во весникот на Фрчко!

FireShot-Screen-Capture-019-Gerovski-Bezbednost-crop-resize

Еден во низата текстови чија главна цел е дикредитација на новинарот Бранко Геровски е предмет на оваа рецензија. Написот донесува само еден точен факт, а тоа е дека Геровски бил член на Редакцискиот одбор на стручната публикација БЕЗБЕДНОСТ, која ја издаваше Министерството за внатрешни работи на РМ. Од овој факт, авторот, кој и овојпат е непознат, гради конструкција создадена од полувистини и тотални невистини, шпекулации и инсинуирања – со цел да ја наведе јавноста да поверува дека Геровски работел за полицијата, односно дека бил полициски доушник. Сепак, илустрациите – факсимилите од списанието, со кои се обидува да го докаже „случајот“, работат во полза на вистината, односно покажуваат дека во Редакцискиот одбор на оваа ценета публикација, која била дистрибуирана и надвор од границите на државата, не членувал само Геровски, туку и професори на Правниот факултет во Скопје, на Факултетот за безбедност и други стручњаци од областа на правото и криминологијата. Насловната страница, пак донесува цела листа на автори, исто така, истакнати професори, научни  работници и експерти од областа на правните науки и криминологијата, домашни и странски, кои свои трудови објавувале во списанието. Со тоа пропаѓа обидот ангажманот на Геровски во БЕЗБЕДНОСТ да се покаже како соработник на полицијата.

Рецензија: Бранко Геровски - полициски новинар во весникот на Фрчко!Линк до оригиналниот напис:  Бранко Геровски – полициски новинар во весникот на Фрчко!

Датум и време на објавување: 29.01.2014

Датум на рецензирање: 2.02.2014

Рецензент: Југослава Дуковска

Вистинитост: Фактите кои ги содржи написот се проверливи – Бранко Геровски навистина бил член на редакцискиот одбор на списанието БЕЗБЕДНОСТ, кое го финансирало и издавало македонското МВР и тоа може да се види и на факсимилот од страницата со импресумот на списанието. Остатокот од текстот содржи паушални тврдења, дадени во форма на шпекулации:

„Тогашни блиски соработници на Геровски за Нетпрес потврдија дека тој работел за МВР, а некои негови колеги од тоа време дури и му замериле што тој имал ангажман во полиција“,

„Со ова, „слободното новинарско перо“ бил меѓудругото и режимски новинар ангажиран од полицијата“,

„Нетпрес не успеа да обезбеди информација дали Геровски добивал финансиска надокнада за својот ангажман во полициското гласило, или пак тоа било регулирано на некаков друг начин. Но, исто така е непознато и какви се други ангажмани и задачи добивал Геровски од полицијата, тогаш контролирана од Фрчковски.“ 

Извори на информации: Единствениот извор користен во овој напис е списанието БЕЗБЕДНОСТ, во чијшто импресум стои дека Бранко Геровски е член на редакцискиот одбор.  Не се гледа обид авторот на текстот да побара изјава, односно објаснување од Геровски или, пак, од екс-министрите Фрчковски и Чокревски, во чие време се одвивала соработката, за природата на професионалниот ангажман на новинарот Геровски, за кој тука станува збор, иако сите актери се живи.

Содржајност: Текстот е несеопфатен и прикрива информации – за какво списание всушност се работи, кој се пишувал во него, каква била природата на ангажманот на авторите, а каква на членовите на уредувачкиот одбор. Нешто од тоа може, меѓутоа, да се насети и од самите илустрации – факсимили на насловните и на внатрешните страници на списанието, а тоа е дека се работи за стручна публикација, која имала четири изданија годишно и во неа со свои стручни и научни трудови се појавувале универзитетски професори, криминолози, пенолози, правни експерти од земјата и од странство, а во редакцијата на списанието, исто така, членувале истакнати професори и експерти.

Пристрасност: Текстот уште од самиот почеток, преку спинување на единствениот факт со кој располага – ангажманот на Геровски  на уредувањето на списанието, се обидува да исконструира приказна која би го оправдала дискредитирачкиот и навредлив наслов: „ Бранко Геровски – полициски новинар во весникот на Фрчко“. Ангажманот на уредувањето на стручно списание, кој најверојатно бил хонорарен, со оглед дека истовремено, според тврдењето на самиот текст, Геровски бил вработен како новинар во „Вечер“, авторот на написот го изедначува со работа ЗА полицијата, што инсинуира дека тој, всушност, бил полициски доушник, во време кое претставува

„период на строга контрола на слободната мисла и монопол на медиумскиот пазар. Исто така, тоа е период кога со посредство на полицијата се превземаат акции за масовно прислушкување на политичките неистомисленици и период кога почнува медиумската плурализација, која според многумина аналитичари се прави под строга контрола на полицијата“. 

Коментирање: Коментаторските елементи се, всушност, единствената содржина на текстот.

Оригиналност/Плагијат: Непотпишан текст, непознат автор.

Квалитет на насловот: Насловот донесува лажно тврдење со навредлива конотација – дека Бранко Геровски бил „полициски“ новинар. Иако таква категорија не постои, оваа конструкција би требало да им асоцира на читателите дека Геровски бил соработник на полицијата затоа што уредувал стручно списание.

Фотографија: Текстот е илустриран со фотографија на Геровски од настап на прес-конференција, како и со факсимили од насловната и од други страници на списанието БЕЗБЕДНОСТ.

Говор на омраза: Тргнувајќи од насловот, па преку конструирањето „случај“ од уредничкиот ангажман на списание кое донесува научни теми од областа на безбедноста, па сѐ до навредливите квалификации и шпекулациите со кои написот изобилува, го прават овој текст типичен пример на “smear campaign”, во функција на дискредитирање на личноста.

Заклучок:  Се работи за типичен пример на „текст за оцрнување“, чијашто мета е новинар ненаклонет кон власта. И, како што е вообичаена практика, ваквите текстови никогаш не се појавуваат изолирано, туку во низа, за постапно, со ситни, дури и тривијални, најчесто сосема или само делумно невистинити детали секојдневно да се храни јавноста и да се одржува тензијата околу истата тема. Овој феномен e познат како “smear campaign” односно „кампања за оцрнување“  или “character assassination”  односно „атентат на ликот и делото“ и последниве години засилено  користен во пресметка со политички неистомисленици во земјава. Овие текстови немаат многу заедничко со вистински новинарски истражувачки текстови, а  се препознаваат по тоа што авторите не прават обид темата што ја отвораат професионално и докрај да ја истражат и да ги објават сите факти и аргументи без оглед на кој заклучок тие и да укажуваат, туку ги пласираат само оние факти кои зборуваат во полза на нивните тврдења, а остатокот едноставно го фабрикуваат.

Сите коментари и забелешки поврзани со овој и другите написи на Вистиномер, барањата за корекции и појаснувања, како и предлозите за проверка на изјавите на политичарите и ветувањата на политичките партии, можете да ги доставите преку овој формулар

Оставете реакција