Рецензија: Брзорастечкото дрво пауловнија станува бизнис од илјадници евра

kinesko-drvo-crop-resize

„Изработка на мебел, чамци, дрвени куќи, штици за сурфање или музички инструменти, се само некои од производите за кои се користи брзорастечкото мазно дрвото без јазли. По потекло од Kина, пауловнија сѐ повеќе почнува да се одомаќинува и во Македонија. Насади со чудно дрво со високи стебла и со огромни листови во облик на срце веќе може да се видат во Струмица, Прилеп, Штип, Јегуновце, Радовиш, Гевгелија, Градско, Неготино и во Скопје“.

Медиумот донесува сторија за нов вид дрво кое, за оние што го одгледуваат, носи вистинско богатство. Не веднаш и бара трпение, ама затоа има речиси сигурен пазар. Самиот напис е практичен совет за нашите земјоделци и не само за нив, туку за секој кој располага со малку парче земја!

Kинеско дрво што се повеќе се одомаќинува во Македонија

Линк до оригиналниот напис: Брзорастечкото дрво пауловнија станува бизнис од илјадници евра

Датум и време на објавување: 23.10.2013, 18:00

Датум на рецензирање: 28.10.2013

Рецензент: Љубомир Костовски

Вистинитост: Текстот се темели на факти добиени низ разговор со еден земјоделец (Данаил Паланков) и преку инфрмации добиени преку Интернет, односно сајтот Алибаба, кој служи како неофицијална берза за понуда и побарувачка за одреден производ.

Извори на информации: Може да се чини дека текстот не се потпира на многу извори, но оној кој бара „влакна во јајцето“ во вакви текстови и не може да претпостави колку е скромен радиусот на лица кои би можеле да проговорат за една тема, односно појава која е целосно нова. Многу е поважно што пред нас се отвора еден сосема нов свет во дејност која ние можеме да ја наречеме шумарство, а во една попрецизна и поширока дефиниција – економија со просторот.

Содржајност: Иако се базира само на два извори, текстот е содржаен. Во таа смисла, за почетниците во професијата тој треба да се претстави како исклучок кој го потврдува правилото. Можете да дознаете сѐ – како се одгледува новото дрво по потекло од Кина, колку време треба да се одгледува пред да се продаде дрвната маса, колку пари носи, како и каде се набавуваат садници, како да се продаде дрвната маса …

Пристрасност: Тоа секако не е текст кој може да биде пристрасен кон било кого или било што, освен кон профитот и да покаже дека често недостасуваат вести или истражување за новите форми на производство со цел да се дојде до рентабилност во користење на земјата.

Оригиналност/Плагијат: Можеме да бидеме сосема сигурни дека таков текст кај нас не е објавен, како што и темата која се отвора пред нас засега е комплетно – нова.

Квалитет на насловот: Насловот во една реченица комплетно ви ја открива темата  и не претендира да биде креативен, ама е – наративен во една школска поука за едноставноста. Секако дека тој има и една непрецизност во себе, она „сѐ повеќе“, што веројатно е сторено за текстот со тој наслов да добие некаква „предност“ на уредничката маса.

Фотографија: Бидејќи сторијата е по малку „бајковидна“, фотографијата е тука да потврди дека одгледувачот е човек од крв и месо (а не е волшебник) и дека насадите со кинеското дрво пауловнија реално постојат.

Заклучок: Во време на комплетната подреденост на медиумите на политичката естрада, ова е пример дека животот мора да продолжи и дека секое семејство и натаму е пуштено во тешка борба за опстанок. Во тие околности медиумите имаат и свои – да ги наречеме така – општествено корисни задачи, колку и тоа да делува застарено како „задача“, да им помогнат на луѓето да опстанат. И да се збогатат, зошто да не.

Сите коментари и забелешки поврзани со овој и другите написи на Вистиномер, барањата за корекции и појаснувања, како и предлозите за проверка на изјавите на политичарите и ветувањата на политичките партии, можете да ги доставите преку овој формулар

Оставете реакција