Рецензија: Буџетот за 2014 година – стабилна основа за економски развој
Оваа „вест“ предизвика внимание за рецензија затоа што претставува рециклажа на извештај на истиот медиум објавена 24 часа претходно како новинарски резултат од презентацијата на проекцијата за буџетот на Република Македонија за 2014 година пред членовите на Стопанската комора на Македонија.
Од информацијата што ја читаме нема никаков друг нов повод, ниту нов извор или факт, кој ќе го оправда повторното новинарско навраќање на настан што се случил пред 48 часа и за кој веќе еднаш е пишувано. Напротив, сѐ што е направено е парафраза на претходниот извештај, па дури и единствената директна изјава во двата текста е идентична.
Линк до оригиналниот напис: Буџетот за 2014 година- стабилна основа за економски развој
Датум и време на објавување: 24.09.2013 – 12:09:19
Датум на рецензирање: 25.09.2013
Рецензент: Зоран Бојаровски
Вистинитост: Овој текст може да нема, а може и да има проблеми со вистинитоста, бидејки се занимава со проекции, прогнози и очекувања. Вистинита може да биде намерата да се зголеми буџетот за најавениот процент, но и тоа е под прашалник зашто донесувањето буџет на една држава е сложена постапка и многу работи можат да се променат до неговото конечно одобрување.
Останатиот дел од оваа вест се занимава со коментари на стопанствениците, проекции, прогнози и очекувања на претседателот на владата и на министерот за финансии, при што нивната вистинитост останува на проверка на времето.
Извори на информации: Парадоксот на овој текст се состои токму во изворот на информациите. Ако гледаме строго формално, овој текст е рециклажа на речиси сосема идентичен извештај објавен во истиот медиум еден ден порано со наслов СКМ: Порастот на капиталните инвестиции и реализација на големи проекти во Буџетот е позитивен. Од друга страна, пак, според класичните стандарди за извори на информирање, може да се каже дека кога веќе се рециклира одреден напис, можело да се направи напор да се побара изјава од некој друг експерт за финансии и политичка економија да ја оцени најавата и квалитетот на новиот буџет од аспект капиталните инвестиции и извозните политики. На тој начин навраќањето на оваа тема би имало некое оправдување.
Содржајност: Написот има проблеми со содржајноста и сеопфатноста затоа што е едностран. Освен промоторите на новиот буџет, премиерот и министерот за финансии, застапени се стопанствениците преку нивниот претставник чија изјава се пренесува. Но, таа изјава не излегува од рамките на изразени очекувања врз основа на најавените проекции за буџетот во 2014. Овој текст нема независна експертска проценка за тоа дали е остварлива или не ваквата најава.
Пристрасност: Бидејки целиот извештај е едностран и апологетски, не може, а да не се извлече заклучок дека тој е пристрасен. Ако на тоа се додаде и констатацијата за рециклажа и безпричинско повторно навраќање на настан за кој медиумот веќе известувал, овој заклучок самиот се наметнува.
Оригиналност/Плагијат: Текстот што го рецензираме е плагијат на извештај објавен во истиот медиум еден ден порано под наслов СКМ: Порастот на капиталните инвестиции и реализација на големи проекти во Буџетот е позитивен што го прави интересен случај на „автоплагијатирање“.
Квалитет на насловот: Насловот е апологетски, неатрактивен. Како да е одраз на бирократскиот говор на политичарите.
Фотографија: Неинвентивна фотографија преземена од некоја банка на фотографии или од интернет.
Заклучок: Овој извештај го предизвика нашето внимание, пред сѐ, зашто внимателното пребарување низ архивата на овој медиум откри дека се работи за рециклажа, или плагијат на новинарски извештај на иста тема, произлезен од најавата на буџетот за 2014 година во Стопанската комора на Македонија објавен на истиот медиум 24 часа претходно.
Ништо во новиот текст немаше за да го оправда тоа: ниту нов агол, ниту нов извор, ниту нов факт… ништо. Останува енигма зошто е објавен уште еднаш. Повикувањето на веќе објавени текстови во исти или во други медиуми, не е спорно, но тоа секогаш се прави за да се дополни, корегира, потсети, да се внесе нов агол, факт, изјава и од новиот извештај да направи новинарски продукт кој прави чекор понапред. Со написот што го рецензиравме тоа не беше случај.
Сите коментари и забелешки поврзани со овој и другите написи на Вистиномер, барањата за корекции и појаснувања, како и предлозите за проверка на изјавите на политичарите и ветувањата на политичките партии, можете да ги доставите преку овој формулар