Рецензија: Дали 92-те милиони евра од СОРОС завршиле во приватни џебови?!
Текстот кој е предмет на рецензијата има два големи проблеми – тој поставува прашање на кое не дава одговор, а како аргументација ја користи имотната состојба на одредени опозициски ориентирани личности, кои иако биле
„најголеми критичари и постојано обвинуваат за недемократија и диктатура сосема солидно заработуваат и живеат натрпосечен живот во споредба со сите останати граѓани“.
Во најмала рака зачудува загриженоста, која е лајт-мотив на целиот напис, каде и како се трошеле парите на фондацијата, чијшто основач и донатор е странско приватно лице – Џорџ Сорос, а тоа значи дека не се работи за државни, јавни, туку приватни парични средства. Посебно кога ниту основачот, ниту, пак, државата досега не нашле какви и да се неправилности во финансиското работење на фондацијата, чиишто финансиски документи и ревизорски извештаи се објавени на веб-страницата на ФООМ.
Аргументацијата, која се нуди во прилог на дилемата, воопшто не покажува каква им била соработката со Фондацијата отворено општество Македонија на наведените личности, новинари и универзитетски професори, чиешто работење може да биде поврзано со работењето на фондацијата, но затоа се занемаруваат фактите дека тие личности долгогодишно и легитимно заработувале пари од своите професии (новинарство, професура, пратеничка функција), па набројувањето кој што и колку поседува (коли, куќи, станови) нема никаква смисла. Со други зборови, иако е легитимно да се проблематизира дали парите што фондацијата ги трошела во Македонија, се потрошени за добри, благородни, продуктивни, легални цели и намени, сепак не може да се изуми дека државата, преку своите надлежни органи, за 21 година постоење на ФООМ не воочила неправилности во работењето (од финансиски и концепциски карактер) со оглед на тоа што таа непречено си работи.
Поради ова, останува впечатокот дека написот имал за цел преку бомбастичен наслов и „шуплива“ теза да ги стави во негативен контекст личностите чијашто имотна состојба во него се анализира, а не да понуди одговор на прашањето кои самиот го поставува.
Линк до оригиналниот напис: Дали 92-те милиони евра од СОРОС завршиле во приватни џебови?!
Датум и време на објавување: 13.09.2014, 11:47
Датум на рецензирање: 20.09.2014
Рецензент: Југослава Дуковска
Бројката од 92 милиони евра, кои наводно досега ги потрошила Фондацијата во Република Македонија за сите години на своето постоење, е бројка која доста се вртеше низ медиумите, ставана во критички контекст главно на тоа како и на што ФООМ ги трошел парите на својот донатор (донатори). Не може со сигурност да се утврди точноста на пописот на имотната состојба на новинарите Јовановски и Героски, професорот Фрчковски, додека, пак, пратеничката Николовска била обврзана на јавен увид во својот имот на барање на Антикорупциската комисија и даночните органи, но може да се заклучи дека тој е ирелевантен за темата бидејќи не дава одговор на прашањето дали 92 милиони евра завршиле во приватни џебови, кога ниту еден од наведените личности не бил функционер на фондацијата.
Единствениот наведен извор е друг портал, при што од секундарно значење е што тој е нерелевантен – примарна е дилемата: каква врска има кој од наведените личности каква кола вози со трошењето на парите на Сорос?
Видлив е напорот од темава да се исцеди уште еден политички спин: во овој текст тоа е – неблагодарни опозиционери што возат скапи коли и имаат по два стана, а галамат дека власта е недемократска. За жал, спинот е наивен и смешен, а тоа ја девалвира вредноста на написот. Добро изведен спин не би морал да се дообјаснува:
„По ова може да се забележи дека луѓето кој се најголеми критичари и постојано обвинуваат за недемократија и диктатура сосема солидно заработуваат и живеат натрпосечен живот во споредба со сите останати граѓани. Тие во ниту еден момент не се гледа дека ја чувствуваат диктатурата за која говорат по своја кожа“.
Коментирањето со кое се почнува информативен текст е уште една ненаучена новинарска лекција, која гласи: „Доколку сакате јавноста која ја информирате да ве сфати како сериозен и непристрасен извор, не плеткајте злобни и цинични коментари онаму каде што не им е место“.
Насловот е бомба, која во текстот не зазвучува ниту како петарда. Повеќе како балон што издишува…
Повеќе од јасна е мотивираноста да се избламираат поединечно наведените личности како „неблагодарници со натпросечно добар живот“.
Се разбира дека новинарот и медиумот имаат легитимно право јавно да постават прашање и да ја бараат вистината секаде онаму каде што сметаат дека таа е скриена и да укажуваат на неправилностите. Но, кога тоа се прави во функција на политички спин, па дури и вака аматерски изведен како предметов на рецензијава, се девалвира улогата на новинарот и на медиумот.
Сите коментари и забелешки поврзани со овој и другите написи на Вистиномер, барањата за корекции и појаснувања, како и предлозите за проверка на изјавите на политичарите и ветувањата на политичките партии, можете да ги доставите преку овој формулар