Рецензија: Дали Урко „паднал“ оти премиерот мислел дека почнал да го шпионира?!

Дали Урко паднал оти премиерот мислел дека почнал да го шпионира-crop-resize

Текстот не го почитува членот 1 од Кодексот на новинарите, кој во еден свој став дозволува новинарскиот текст да содржи шпекулативни информации, но само и само доколку новинарот наваде и понуди доволно уверливи докази дека биле направени сите постапки и контактирани сите релевантни извори озборувањата од кои е направена оваа медиумска содржина да се претворат во факти.

Еве што препорачува и што сугерира членот 1 од Кодексот на новинарите:

„Новинарот треба да објавува точни, проверени информации и нема да прикрива суштински податоци и да фалсификува документи.

Доколку информацијата не може да се потврди, или станува збор за претпоставка, односно шпекулација, тоа треба да се каже и да се објави.

Точноста на информацијата треба да се провери колку што е тоа можно.“

Наместо „проверка колку што е тоа можно“, рецензираниот текст им се препуштил на шпекулациите целосно, плете од нив приказна, и, што е најпарадоксално, се повикува на друг текст објавен во истиот медиум – кој, исто така, е шпекулација.

Значи, да повториме уште еднаш зашто навистина изгледа неверојатно: Текстот што го рецензираме шпекулира врз основа на претходни шпекулации!!!

Дали Урко паднал оти премиерот мислел дека почнал да го шпионираЛинк до оригиналниот напис: Дали Урко „паднал“ оти премиерот мислел дека почнал да го шпионира?!

Датум и време на објавување: 21.09.2014, 20:34

Датум на рецензирање: 24.09.2014

Рецензент: Зоран Бојаровски

 

ОЗБОРУВАЊА И ШПЕКУЛАЦИИ

Целата приказна се врти околу атрактивната тема за корпата што ја доби неодамна верниот бодигард на македонскиот премиер, кој зад неговиот грб беше повеќе од десет години. Темата е навистина легитимна, уште повеќе затоа што озборувањата одеа дотаму што плетеа приказна дека заштитничката сенка на премиерот доживеа ваков крај заради неговата дрскост да се впушти во паралелни лукративни бизниси кои почнале да им бодат очи на членови на семејството на премиерот.

Како и да е, темата е легитимна и озборувањата можат да бидат појдовна основа за новинарска приказна. Но, нагласуваме, само појдовна основа.

Професионалното новинарство со озборувања се занимава само тогаш кога известува за нив со единствена цел – да ги разобличи. На пример, доколку во јавноста се провлекуваат озборувања дека во производите на одреден производител се пронајдени штетни супстанци, и доколку овие озборувања не се демантираат навреме, сосема е можно заради тие озборувања да се предизвикаат одредени масовни однесувања на граѓаните, па дури и паника.

Она што е очекувана постапка на еден добар новинар и професионален медиум, е да ги соочи овие озборувања со релевантни извори кои наспроти озборувањата ќе изложат недвосмислени факти кои или ќе потврдат или ќе ги отфрлат озборувањата.

Разликата меѓу мислењата и коментарите, меѓу озборувањата и фактите треба да се прави и кога се пишува текстот, а не само во фазата на прибирање на информациите.

Така налага и членот 13 од Кодексот на новинарите

„Новинарот треба да прави разлика меѓу фактите и мислењата, меѓу веста и коментарот.“

Во третата точка на „Принципите на новинарството”, утврдени од страна на Истражувачкиот центар за добро новинарство Пју од Вашингтон, САД, под насловот „Верификацијата на фактите е во срцето на новинарството“ („Етика во новинарството“, Т.Чаусидис/З.Бојаровски, ЗНМ, 2012), се вели:

„Новинарите се потпираат на една од најсуштествените постапки во нивната работа – верификација, односно проверка на информациите. Кога се појави концептот за објективност во професијата, тоа не подразбираше дека новинарите се лишени од предрасуди. Но, објективноста и избалансираноста се неопходни за да не се доведе во прашање точноста на информацијата заради културните и личните предрасуди на новинарите. Методологијата е објективна, а не новинарот. Потрагата по колку што е можно повеќе очевидци, колку што е можно посоодветни извори, отворање можности за мислења на повеќе страни, се постапки кои ги демонстрираат стандардите на објективното новинарство. Овие инструменти на верификација и проверка, го издвојуваат новинарството од другите начини на комуникација, како што се пропагандата, фикцијата или забавата.“

Значи, ако новинарскиот текст не ги задоволува овие принципи, тоа, едноставно – не е новинарство.

Сите коментари и забелешки поврзани со овој и другите написи на Вистиномер, барањата за корекции и појаснувања, како и предлозите за проверка на изјавите на политичарите и ветувањата на политичките партии, можете да ги доставите преку овој формулар

Оставете реакција