Рецензија: Даниел Кајмакоски: Славата го надвладеа патриотизмот?!
Текстот што го рецензираме е еден од оние репрезенти на онлајн „новинарството” за кои никогаш не знаеш што се, на кој жанр му припаѓаат: личи на колумна, мислење, коментар, но, освен што нема потпис на авторот, што е еден од елементарните елементи на овие жанрови, нема ниту графичко укажување во дизајнот дека се работи за колумна. Значи, не е рубрициран. Така сугерира и членот 13 од Кодексот на новинарите:
„Новинарот треба да прави разлика меѓу фактите и мислењата, меѓу веста и коментарот.“
Линк до оригиналниот напис: Даниел Кајмакоски: Славата го надвладеа патриотизмот?!
Датум и време на објавување: 24.03.2014, 17:20
Датум на рецензирање: 27.03.2014
Рецензент: Зоран Бојаровски
Непочитувањето на разликите меѓу фактите и мислењето во новинарството не е ниту етички, ниту дозволено. Кога некој изнесува мислења, кога коментира, тој мора тие мислења да ги потпише. Особено кога се однесуваат на луѓе, на реални луѓе. Тоа е доблест која мора да манифестира. На што личи некој да изнесува вакви сериозни оценки за некого, а да се крие зад анонимност или зад логото на медиумот?
Кога на публиката ѝ се сервираат вакви аморфни, неидентификувани новинарски форми, не е можна ниту некоја посериозна нивна анализа, освен да се спротивстават мислења или да се укажат некои нови аспекти за оваа „колумна“, која не е ништо друго освен „дрвја и камења“ и повик за бојкот. Уште повеќе, авторот на овие редови ѝ изрекува пресуда на една личност која овие денови стана регионална ѕвезда благодарение на едно реално телевисико шоу за избор на таленти. Како поинаку да се оцени оваа реченица:
„Татковината ширум му ги подаде рацете уште пред да стане ѕвезда. А, ѕвездата почна да се гасне уште и пред да блесне.”
Освен што не му доликува овој тон на некој што се нарекува новинар, тоа е во судир и со првиот став од членот 7 на Кодексот на новинарите:
„Новинарот ќе ја почитува приватноста на личноста, освен кога тоа е во спротивност со јавниот интерес.“
Познатите личности носат со себе си и со своето дејствување нешто за што некои од нив не се многу среќни – дел од нивната приватност станува предмет на интерес на јавноста и на медиумите. Но, тоа не значи дека треба да „им се качиме на глава“, или, пак, да им пресудуваме заради тоа што изневериле некои наши очекувања. Еве една илустративна забелешка искажана на еден форум на проиминентниот Институт Поинтер:
„Станавме воајеристичко општество. Но, треба да внимаваме и јасно да ја правиме и понатаму разликата меѓу онаа информација што е вредна да биде вест, од онаа која е резултат на ’новинарска порнографија’.“
Меѓу другото, новинарската порнографија е поигрување и манипулација со ниските страсти, а таблоидизираниот патриотизам е добра „нива за орање“ за новинарите кои патриотизмот го идентификуваат со синтагмата „ако не е со нас, тогаш е против нас“.
И најдобро е тука да ја завршиме оваа рецензија, освен можеби со една порака до „патриотите“ за почеток, да си го научат македонскиот јазик: Не се вели „воглавном”, туку „главно” или „претежно“.
Сите коментари и забелешки поврзани со овој и другите написи на Вистиномер, барањата за корекции и појаснувања, како и предлозите за проверка на изјавите на политичарите и ветувањата на политичките партии, можете да ги доставите преку овој формулар