Рецензија: Дел од хонораците се собраа на протест
Основната цел на оваа медиумска содржина е минимизирање на протестот на хонорарците (13 февруари 2015 година) и креирање слика дека спласнува незадоволството поради новото и прилично нејасно законско решение, со кое од први јануари оваа година се плаќаат придонеси и за хонорарите. Всушност, на читателите им е понуден лош текст, илустриран со одлични фотографии, кои содржат таква силна енергија што ги „нокаутира“ содржинскиот дел и промашениот наслов со кој е озаглавена оваа фото-вест.
Линк до оригиналниот напис: Дел од хонораците се собраа на протест
Датум и време на објавување: 13.02.2015, 16:08
Датум на рецензирање: 14.02.2015
Рецензент: Оливера Војновска
МАРГИНАЛИЗАЦИЈА
Намерата да се маргинализира протестот се гледа уште во самиот тертман на настанот за кој се отстапени цели десет реда! Од нив, во две третини од текстот се величаат најновите законски измени, кои Собранието ги усвои два дена претходно (11 февруари 2015 година) по скратена постапка, а со кои се предвидени одредени олеснувања за лицата кои се вработени и дополнително земаат хонорари, а за невработените – намалување на сумата на која треба да се плаќаат придонесите.
Па, наместо да се пренесе атмосферата и главните поенти од протестот, во оваа содржински скудна вест се вели:
„Очигледно, законските измени кои предвидуваат вработените лица кои земаат хонорар до висината на една просечна плата, да не плаќаат придонеси, со оглед на тоа дека се веќе вклучени во редовниот систем на социјално осигурување, а лицата, пак, кои се невработени да плаќат придонеси само за износот што го надминува прагот од 9.590 денари, убеди многумина дека законското решение е во интерес на сите хонорарци.“
Меѓутоа, наспроти ваквиот паушален заклучок, хонорарните соработници порачаа дека ваквите обиди на власта се само козметички замачкувања на суровата реалност. И, оценувајќи го Законот како неприменлив, лош, дискриминаторски, тие побараа негово повлекување, а Инспекторатот за труд да врши засилени контроли и на тој начин да се отстранат случаите на прикриен работен однос. Учесниците на протестот побараа да нема горна граница на приходи над која не се плаќаат придонеси.
ВИСТИНАТА БЛИКА ОД ФОТОГРАФИИТЕ
Фактички, во содржинскиот дел на овој необјективен и некоректен материјал, не е пренесена ниту една порака или настап на некој од говорниците на протестот. Ниту, пак, во него може да се прочита некоја од паролите испишани на транспарентите на учесниците.
Но, затоа на самиот почеток е видлива тенденцијата протетсот да се претстави како неуспешен и млак. Имено, иако во првата реченица се кажува дека хонорарците повторно протестирале, веднаш потоа се истакнува дека протестот имал „драстично намалена посетеност и слаба поддршка“. Што е неточно.
Повеќе медиуми ја пренесоа атмосферата од протестот и информираа за присуство на новинари, актери, сликари, музичари, преведувачи, претставници и на членови на повеќе синдикати, граѓански здруженија и на движења и на други невладини организации. А, впрочем, каква била посетеноста и жестината на протестот многу добро се гледа и од илустрациите на овој материјал, кои се добрата страна на написот што го рецензираме.
Ваквите впечатливи фотографии, од кои како да блика сета енергија манифестирана на протестот, можеле да послужат за одлична фото-сторија, но, за жал, таа шанса е пропуштена.
Наместо тоа, неименуваниот автор на оваа необјективна информација се обидел да спинува и да ја манипулира јавноста. Само, овојпат, вистината не може да се замагли. Таа премногу јасно извира од сликите, кои ја демантираат тезата што се турка со веста.
Сите коментари и забелешки поврзани со овој и другите написи на Вистиномер, барањата за корекции и појаснувања, како и предлозите за проверка на изјавите на политичарите и ветувањата на политичките партии, можете да ги доставите преку овој формулар